Македонија
Спречени обиди за шверц на мобилни телефони, парфеми, над два тони храна, тутун и живи птици, соопшти Царината
Царинските службеници и мобилните царински тимови спречили обиди за шверц на 103 мобилни телефони, повеќе од два тони банани, 500 пакувања суплементи, 400 литри маслиново масло, 53 литри масло од црно семе, 24 килограми режан тутун, опрема за спа уреди, околу 400 парчиња козметика, над 100 парфеми од познати брендови, како и домашни птици
Според информацијата од надлежните, на граничниот премин Табановце царинските службеници во три случаи заплениле 500 пакувања суплементи, автоопрема, алати за градежни работи и друга специјализирана скапа опрема со вкупна вредност од над 1,2 милиони денари. Со ова е спречен обид за избегнување плаќање давачки од 428 илјади денари.
Во други три случаи царинските службеници на граничниот премин Деве Баир при преглед на автомобили и автобус спречија и обиди за шверц на над 130 парфеми, меѓу кои и „Армани“, Жан Пол Готје, Марк Џејкобс, Жал Пол Готје. Возачите иако уредно прашани дали имаат нешто да пријават, не пријавиле ништо, по што поради сомневање во нивните изјави извршен е детален преглед при што се пронајдени непријавените производи. Во автобусот производите биле скриени во багажникот, додека во автомобилите парфемите со потпис на познати брендови биле откриени во фабричка шуплина на багажниот простор, во кутија за велосипед, на задните седишта, како и во куфер помеѓу спакувани алишта.
Против сторителите, македонски државјани, се поведени соодветни постапки – во пет случаи прекршочна, а во еден случај покрената е кривична постапка пред ОЈО Куманово.
Инспектори од Одделението за оперативни работи при преглед на возила на граничните премини, во внатрешноста на државата, како и при преглед на стока за увозно царинење спречија повеќе обиди за шверц. Запленети се опрема за спа уреди, поголема количина облека, автоделови, алати, 15 литри за премачкување цитрусни овошја, 234 парчиња козметика за лице и коса, 53 литри масло од црно семе, илјада парчиња лед рефлектори и лед панели кои повредуваат право од интелектуална сопственост, ремени за затегнување стока и други производи за кои сторителите се обиделе да избегнат плаќање давачки кон државата.
Во еден случај откриен во внатрешноста, две лица македонски државјани се затекнати како вршат претовар на стока од автобус во патнички возила, за којашто не поседувале документи ниту доказ за платени увозни давачки. Против сите лица, поведени се соодветни постапки.
Царински службеници од царинарница Гевгелија спречија обиди за криумчарење 2,3 тона банани и 400 литри маслиново масло. Обидот за криумчарење банани е откриен на царинска испостава Гевгелија при контрола на пратка пријавена за увозно царинење, при што е откриено дека поголема количина на банани не се опфатени со царинските документи, со што увозникот се обидел да избегне плаќање давачки. Обидот за шверц на 400 литри маслиново масло е откриен на влез граничен премин Дојран при контрола на возило управувано од германски државјанин.
24 килограми режан тутун без акцизни маркички се пронајдени во багажниот простор на автомобил со македонски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин, при контрола извршена oд царински службеници на излез од царинската испостава Слободна зона Бунарџик.
Царинските службеници на граничниот премин Делчево, во два одделни случаи, при контрола на автомобил и камион, открија обиди за шверц на делови за камиони, 100 литри синтетичко моторно масло, алати, дрон и негови компоненти, фотоапарат и разна друга стока. Сите пронајдени производи се одземени, а против сторителите е покрената соодветна постапка.
На граничниот премин Деве Баир на излез од државата царинските службеници открија 103 половни „Ајфон“ и „Блекбери“ телефони што бугарски државјанин сакал да ги криумчари. Телефоните се откриени при претрес на автомобилот со кој патувал во кутија покриена со јакна и ранец.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.
Македонија
(Фото) Мицкоски: Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни
„Во пресрет на Бадник, денеска поделивме пакети помош во Карпош, Гази Баба, Чаир, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Бутел и Центар со желба секое семејство да ја почувствува топлината на празникот на својата трпеза“, извести премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи.
„Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни“, додаде Мицкоски.

