Македонија
Средба на министерот Тошковски и заменик министерот Бојмацалиев со амбасадорот на Словенија
Денеска, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и дополнителниот заменик министер Митко Бојмацалиев остварија работна средба со Амбасадорот на Република Словенија Н.Е. Грегот Пескор.
Како што информира МВР, на средбата министерот Тошковски се заблагодарил за продуктивната соработка со Амбасадата и министерството за внатрешни работи на Република Словенија, особено за време на миграциската криза, како и големата поддршка дадена во тој период. Во таа насока, министерот изрази уверување дека истата ќе продолжи и во иднина.

Министерот Тошковски накратко го запозна амбасадорот Пескор за функционирањето на Министерството за внатрешни работи во техничката Влада, кое има голема одговорност во спроведувањето на изборите кои ни претстојат, како гарант дека истите ќе бидат фер и демократски.
Министерот Тошковски ги образложи преземените мерки со цел ублажување на процедурите за вадење на лични документи со цел граѓаните да можат на еден достоинствен начин да дојдат до својот личен документ. Во таа насока укажа и дека сме обврзани на почитување на човековите права во однос на слободното движење на граѓаните.
На средбата, амбасадорот Пескор ја потенцираше досегашната поддршка дадена на МВР од страна на Република Словенија, особено за миграциската криза на билатерално ниво и сега во рамки на Фронтекс, но и онаа за воздухопловните единици.
Дополнителниот заменик министер Бојмацалиев се заблагодари за досегашната соработка со Република Словенија и изрази желба за нејзино продлабочување, се додава во соопштението на МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пролетен неделен ден во зима со температури до 16 степени
Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Во текот на денот ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 5, а максималната ќе достигне од 12 до 16 Целзиусови степени, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Во Скопје, исто така се очекува сончево време со мала до умерена облачност и со слаб југоисточен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура се очекува да се спушти до 0, а максималната да достигне до 15 Целзиусови степени.
Според синоптичарите, до среда ќе се задржи стабилно и релативно топло време. Утрата ќе бидат постудени со појава на слаба магла по одделни котлини. Во четврток и петок ќе има услови за слаби локални врнежи од дожд.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

