Македонија
Стразбур донесе решение наместо пресуда: Преуранета е жалбата за аболициите

Судот за човекови права во Стразбур донесе решение, во кое посочува дека апликациите за дадените и поништени аболиции од претседателот Ѓорге Иванов за четирите случаи на Специјалното јавно обвинителство се преуранети. Ова е донесената одлука во форма на решение наместо пресуда по шест години од апликацијата. Според Стразбур, во тек се судските процеси за четирите предмети, па сметаат дека тие може да донесат пресуда откога ќе се исцрпат сите правни лекови во Македонија.
„Во својата одлука во случајот ‘Талески и други’ против Северна Македонија, Европскиот суд за човекови права едногласно ја прогласи жалбата за недопуштена. Одлуката е конечна“, одлучи ЕСЧП.
Европскиот суд дава и образложение во решението, кое значи дека случаите на СЈО засега нема да пропаднат.
„Многу од апликантите биле членови на владејачката партија (ВМРО-ДПМНЕ) во времето на предметните настани и сите имале истакнати јавни функции, вклучително и премиер, министри во владата и градоначалници. Ним им се суди за наводни кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското широкораспространето прислушување. Тие добија претседателски помилувања, кои подоцна беа поништени. По поништувањата, им се судеше, што е предмет на овој предмет. Судот одлучи дека апликантите не ги исцрпеле домашните правни лекови. Тој одлучи дека жалбите според член 6 (право на правично судење) се предвремени бидејќи домашните власти ќе имаат можност првин да ги решат во кривичната постапка, што е во тек; а во однос на членот 5 (право на слобода и безбедност), еден од апликантите, господин Темелко, потфрлил во поднесувањето на жалбите од Конвенцијата пред домашните судови, додека правниот лек, за кој другиот апликант, господин Талески, тврдел дека е ефективен, бил одбиен како ненавремен во одлуките на националните судови за кои се покажа дека не биле произволни“, се додава во решението на ЕСЧП.
Одлуката значи дека Европскиот суд ја префрли топката кај македонските власти. Обвинетите треба да почекаат да добијат правосилни судски одлуки за случаите, да ги исцрпат сите правни лекови што им стојат на располагање, сите македонски судови да се произнесат за дадените аболиции, на кои обвинетите се повикуваат во судските постапки, па тогаш да се поднесе нова апликација од нив во судот во Стразбур.
Решението е резултат на жалбата во која се опфатени случаите поврзани со предметот за масовното прислушување и уништувањето на опремата – „Таргет – Тврдина“, предметот за изборни нерегуларности – „Титаник“, предметот за злоупотреба при организирање превоз на ученици во Битола – „Транспортер“, како и предметот за уривањето на објектот „Космос“, наречен ТНТ.
За ваков сличен случај веќе е одлучувано во познатиот случај „Лекса против Словачка“. Тогаш Европскиот суд утврди дека одлуките што доаѓаат од претседателот не се одлуки за кои има некоја повисока инстанција и дека тие со самото тоа се финални и правно обврзувачки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.