Македонија
На судењето за ТНТ вештак тврди дека и со „нокиа 3310“ може да се прислушува
Во Кривичниот суд утрово продолжи судењето за предметот ТНТ на СЈО. Беше сослушан вештакот Орце Симев, предложен од обвинетите. Вештакот, кој е професор на Меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“, го испрашуваше обвинетиот Миле Јанакиески, особено за СМС-пораките во СЈО, кои заедно со прислушуваните разговори се дел од доказите во случајот.
Симев на прашањето на Јанакиески на кој начин може да се следат комуникациите, одговори дека тоа може да биде законски и незаконски. Незаконското следење на комуникациите, според него, можело да се направи на пет начини, а еден од нив бил преку мобилниот телефон „нокиа 3310“.
„Тој телефон се поврзува со компјутер и може да се следат комуникациите за кој било број“, рече Симев.
Петтиот начин на прислушување вештакот го дознал во септември, кој бил објавен во извештај во светски рамки.
Јанакиески го претстави вештакот Симев пред судот како експерт за следење СМС-комуникација и го прашуваше конкретни прашања за ГСМ и за енкрипција на комуникацијата.
Меѓу седумтемина обвинети за овој предмет, кој е во фаза на доказна постапка, се поранешниот премиер Никола Груевски, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и ексградоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Обвинетите во 2011 сториле кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски.
Со постапката на уривање на објектот била предизвикана штета од 16 милиони евра, а на буџетот на Општина Гази Баба уште три милиони денари. Цаноски и фирмата ФИМЕТ најавија дека ќе поднесат побарувања за причинетата штета.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) „За две години реализирани и започнати 60 спортски проекти“, вели Димитровска
„Спортот и инвестирањето во здравјето и развојот на младите, повторно е дел од врвните национални приоритетии и тоа го прави токму Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ“, вели Катерина Димитровска, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Од преземањето на одговорноста ВМРО-ДПМНЕ да ја предводи Владата, започна силното вложување во капитални инвестиции и спортска инфраструктура. Се реализираа отпочнатите и незавршени проекти, се отпочнаа многу нови и се прават планови за следни капитални инфраструктурни објекти и проекти.
Оваа Влада не зборува само за спорт, оваа Влада посветено гради спорт и тоа може да се види со тоа што само за две години, реализираше и започна 60 спортски проекти со вкупна вредност од над 21 милион евра.
Во изминатиот двегодишен период се реконструираа и започнаа повеќе капитални инфраструктурни проекти, меѓу кои спортската сала „Расадник“, атлетските патеки во Велес и во Гевгелија, спортската сала во Радовиш.
Започна долгоочекуваната реконструкцијата на спортската сала на УКИМ, изградбата на нови спортски сали во Општина Аеродром, во Крушево и во Воената академија во Скопје, како и изградбата на новите трибини на градскиот стадион во Тетово.
Исто така, изградени и реконструирани се бројни игралишта, мултифункционални терени и спортски објекти, а во различни фази на реализација се и девет базени низ државата.
Инвестираме во спортот и младите, затоа што крајна цел е да изградиме систем што ќе создава шампиони и инфраструктура што ќе служи со децении“, изјави Катерина Димитровска, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Најголема жртва на блокадата на СДС, Левица и ДУИ е македонската дијаспора
Најголема штета од блокирањето на Изборниот законик од страна на СДС, Левица и ДУИ нема да претрпи ВМРО-ДПМНЕ, туку македонските граѓани кои живеат надвор од државата, истакна денеска на прес-конференција Валентин Манасиевски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Со месеци, додава тој, се бараше заедничко решение, но наместо процесот да заврши со политички консензус, СДС, Левица и ДУИ избраа да го блокираат законот и да ги стават сопствените партиски интереси пред интересите на десетици илјади македонски иселеници.
„ВМРО-ДПМНЕ јасно порача дека ќе ги прифати сите барања на опозицијата, иако тие барања не се суштински, само дијаспората да може да гласа по електронски пат или по пошта.
Македонската дијаспора заслужува еднакво право на учество во изборните процеси. Затоа ги повикуваме СДС, Левица и ДУИ да престанат со блокадите и да покажат одговорност, за конечно да се донесе Изборниот законик во интерес на сите македонски граѓани, без разлика на тоа каде живеат“.
Македонија
СДСМ е против една изборна единица, се надева дека така ќе го одложи сопствениот распад, велат од Левица
СДСМ повторно потврди дека политичката ирелевантност не е само прашање на изборен резултат, туку и на политички рефлекс, велат од Левица.
„Партија која со години секој принцип го претвораше во монета за поткусурување, денес се обидува да држи лекции за опозиционерство на парламентарна партија која иницираше координација на опозицискиот блок околу суштинска реформа на Изборниот законик.
Наместо одговорна и достоинствена реакција и воопшто став за една изборна единица – СДСМ излезе со соопштение составено од политичка фрустрација и очајнички обид вниманието да се пренасочи од темата што очигледно најмалку им одговара“.
Во текот на целата дебата за Изборниот законик, според Левица, СДСМ не изгради ниту една препознатлива политичка позиција за суштинските прашања. Наместо да објаснат, како што велат, дали се за една изборна единица, дали секој глас треба да вреди еднакво и дали Македонија конечно треба да добие поправеден изборен систем, тие упорно се обидуваат дебатата да ја сведат на конспиративни теории.
Од Левица оценуваат дека одбивањето на координација претставува директно пропуштање на можноста власта да биде обврзана да прифати заеднички опозициски став.
„Особено симптоматично е што партијата која со години тврдеше дека се залага за една изборна единица, денес одбива дури и да седне на маса за да разговара за таква реформа. Ако и понатаму се за една изборна единица, тогаш што ги спречува да учествуваат во разговорите? Ако повеќе не се, нека имаат доблест да им го кажат тоа на своето членство.
Неодговорно е што ваквиот пристап ги продлабочува поделбите меѓу опозициските субјекти токму во момент кога постои реална можност за заедничко дејствување. СДСМ со своето одбивање не ја казнува Левица, туку ја пропушта можноста опозицијата да настапи усогласено и да издејствува подобри изборни правила“.
За СДСМ, според оваа партија, сепак, сегашниот изборен модел е прашање на политичко преживување. Затоа панично го бранат системот што произведува изгубени гласови, непропорционална распределба на мандати и вештачки политички кислород за партии кои одамна ја загубија довербата кај граѓаните.
„Се надеваат дека она што повеќе не можат да го добијат од граѓаните, ќе го добијат од изборната математика.
Кога некаде нема поделба на плен, амнестии, институции или политички комфор, ним им изгледа како да нема ни причина за средба. Разбирливо е што не можат да сфатат дека постои партија кои разговара за правила, а не за привилегии. Во нивниот политички универзум, разговорите никогаш не се однесуваат на јавниот интерес. Затоа и не можат да поверуваат дека некој навистина свикува состанок за една изборна единица, а не за политичко пазарење. Толку долго функционираат во логиката на политичките комбинации, што денес секоја иницијатива ја мерат според сопствените навики.
Уште поиронично е што партијата која осум години беше носител на власта и заедно со ДПМНЕ по скратена постапка ги донесе скандалозните измени на Кривичниот законик со кои беа амнестирани околу 80 функционери на ДПМНЕ, денес комично се обидува да се претстави како авангарда на отпорот против политичкиот естаблишмент. Тешко е да се глуми револуционер откако си бил архитект на најконтроверзните политички зделки“.
Граѓаните, нагласуваат од Левица, веќе им пресудија.
На локалните избори во Скопје во 2025 година, Левица, истакнуваат од таму, стана најсилната опозициска политичка сила во главниот град, додека СДСМ го доживеа својот најтежок политички пад.
„Наместо да направат анализа зошто граѓаните им го свртеа грбот, тие повторно бараат виновник во Левица.
На крајот, останува само едно прашање на кое СДСМ упорно одбива да одговори:
Дали сте за една изборна единица или не?
Сè друго е очајнички обид да се спаси сопственото распаѓање“.
