Македонија
Судот одлучува дали ќе ѝ го одземе пасошот на Лидија Димова

Разрешената директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова, заедно со нејзиниот адвокат пристигна во кривичниот суд, каде што ќе се одлучува за одземање на нејзините патни исправи.
Лидија Димова има два пасоша, од кои едниот е дипломатски. Обвинителката од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција побара од Судот како мерка претпазливост да ѝ биде изречено повремено јавување во судот, одземање на пасошот и забрана за вршење одредени дејности.
Пред неа на распит беше и осомничениот Александар Гочев, за кого исто така беа побарани мерки на претпазливост.
Претходно судот одлучи да му биде одземен пасошот на Зоран Златковски, сопственик на фризерницата В.Е.З. Трејд, за која „А1он“ објави дека од Националната агенција добила 270 илјади евра.
Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори случај по претходна кривична пријава од Управата за финансиска полиција. Во неа се сомничат четири лица, односно Лидија Димова, Александар Гочев, Зоран Златковски и благајничката Ана Павлиду за проневера на милиони денари од европските фондови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Хеликоптер од Чешка и 61 пожарникар од Словенија ќе помагаат во гаснење на пожарите

Меѓународна помош ќе пристигне во земјава да помогне во справување со пожарите. Помошта ќе дојде од Чешка и од Словенија.
Чешка испраќа хеликоптер Блек Хок со седумчлен екипаж. Се очекува да пристигнат попладнево.
Утре, пак, во Берово ќе пристигне тим од Словенија составен од 61 пожарникар со 18 возила.
Во текот на измнинатото деноноќие на територијата на државата евидентирани се вкупно 27 пожари на отворен простор. Од нив, седум се активни, три се под контрола, а седумнаесет се изгаснати.
Македонија
Граѓаните кои поседуваат легално оружје од сега ќе можат да набавуваат муниција директно во овластените правни субјекти

Согласно измените на Законот за оружје, стапи во сила новиот систем за набавка на муниција.
Со него, граѓаните кои поседуваат оружје ќе можат да ја набавуваат потребната муниција директно во овластените правни субјекти. Повеќе не е потребно претходно одобрение за набавка на муниција.
„Истовремено, преку централен електронски систем, Министерството за внатрешни работи ќе врши континуирана контрола и увид во количините што се набавуваат, во согласност со законски утврдените ограничувања. Со оваа промена, системот станува побрз, пофункционален и посовремен, без да се намали степенот на безбедносен надзор. Ова е уште една потврда дека се движиме во вистинска насока, со конкретни мерки што носат резултати и реално го подобруваат квалитетот на услугите што МВР ги дава на граѓаните“, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Македонија
Меџити: Почиста иднина за 18 општини – стигнува новата опрема во вредност од 10.7 милиони евра

Првиот прв вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денеска потпиша два договори во вредност од околу 10,7 милиони евра со кои ќе обезбеди и испорача нова опрема за управување со отпад за 18 општини од Југозападниот и Пелагонискиот регион, како дел од реализацијата на Регионалниот проект за управување со цврст отпад.
Со овие два договора, информираше Меџити, е опфатено снабдување на општините Дебар, Струга, Битола, Кичево Прилеп, Долнени и други рурални општини со сеопфатна механизација: контејнери, канти, специјализирани камиони-компактори, скип-лифтови и кипер возила, односно сè што е потребно за ефикасно собирање, транспорт и одлагање на отпадот од страна на комуналните претпријатија во општините, во согласност со европските стандарди.
„Со оваа значајна испорака на опрема која е сериозен чекор напред кон одомаќинување на европските еколошки стандарди, продолжуваме со реализација на нашата стратешка цел – изградба на одржлив и интегриран регионален систем за управување со отпад. Благодарност до сите партнери кои денеска се со нас и сесрдно го поддржуваат овој процес, “ изјави министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити.
Финансиската поддршка за оваа набавка е обезбедена преку Европската банка за обнова и развој (ЕБРД), со дополнителна помош од Швајцарскиот државен секретаријат за економски прашања (SECO), Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) и Владата на Шведска преку СИДА.