Македонија
СЈО барало притвор за Мијалков поради оперативни информации дека ќе бега
Во решението на кривичниот суд за притворот на ексдиректорот на тајната полиција, Сашо Мијалков, пишува дека мерката му е определена поради опасност од бегство, дознава „Макфакс“. Специјалното јавно обвинителство навело дека за обвинетиот имаат оперативни информации дека ќе избега, односно дека презема дејствија и активности со кои планира да се даде во бегство. Во решението на советот, сепак, не е наведено на кои околности СЈО ја темели ваквата претпоставка.
Како што дознава „Макфакс“, вториот аргумент на СЈО поради кој се барал притвор за Мијалков е тоа што за него се воделе и други судења во кривичниот суд. Во решението за притвор се цитира и допис доставен од Управата за финансиско разузнавње во кој се наведува дека едно правно и физичко лице поседуваат значителни средства во милиони евра, а тие биле на име на обвинетиот Мијалков.
Советот во решението за притвор навел дека обвинетиот Мијалков поседува имот во Чешка, а тој и членовите на неговото семејство поседуваат имот и во Македонија. Имотот лесно можеле да го продадат и да избега, а Мијалков, како и неговиот син поседувале голем број акции и недвижности и се сопственици на удели.
Во решението потпишано од судијката Џенета Бектовиќ пишува дека иако за обезбедување присуство за обвинетиот ќе се примени поблагата мерка, сепак, во овој стадиум од постапката, претходните поблаги мерки не биле доволен ефикасен механизам за обезбедување присуство.
Утре во кривичниот суд Мијалков треба да биде донесен токму во предметот „Таргет-Тврдина“, за кој СЈО побара притвор. Адвокатите на Мијалков имаат рок од 24 часа да поднесат жалба на решението за притвор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 18 часот состанок на Советот за безбедност поради случувањата на Блискиот Исток
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за денеска закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18:00 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Членови на Советот за безбедност се: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Македонија
Од денеска побезбедни онлајн купувања со платежни картички
Од денеска стапува во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички. Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Целта е да се обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Таа се воведува постепено во земјата и веќе е во примена при извршување онлајн-увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршување плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство.
Македонија
Од денеска до 5 март пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 март 2026.
Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, како и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата.
-Студентите што ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, се наведува во објавата на МОН каде што се наведени и условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк и контакти за поддршка при аплицирањето.
Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови.

