Македонија
СЈО: Во случајот „Империја“ испрани се речиси 11 милиони евра
Во случајот „Империја“ на специјалното јавно обвинителство испрани биле речиси 11 милиони евра, а буџетот на Република Македонија бил оштетен за 6.2 милиони евра, информираше СЈО.
Во рамките на истрагата, судот донел решенија за определување привремена мерка одземање на дел од имотот заради обезбедување на правните лица „Орка холдинг“ АД и „Ексико“ ДООЕЛ Скопје и решенија за привремено да се запре одливот на парични средства од банкарските сметки на „Ексико“ и „Тимох увоз-извоз“ ДОО Скопје.
„Информираме дека петте осомничени лица, за кои беше поднесен предлог за определување мерка притвор се приведени врз основа на издадени наредби за приведување од судија на претходна постапка, а нивното изведување пред судијата е извршено откако беа завршени претресите кај истите врз основа на издадените наредби за претрес. Потсетуваме дека во наредниот период истрагата во случајот ‘Империја’ ќе биде проширена за повеќе лица и за повеќе кривични дела“, стои во соопштението на СЈО.
За случајот „Империја“ триесетдневен притвор беше определен за бизнисменот Орце Камчев, неговиот соработник Ненад Јосифовиќ, директорот на „Ексико“ – Тодор Мирчевски, Цветан Панделески – директор на ЗК Пелагонија и за Зорица Арсовска – сметководител во фирмите на Камчев.
Под истрага е и Сашо Мијалков, поранешен директор на УБК, Ратка Куноска Камчева – мајка на Камчев и неизвршен член на Одбор на директори на „Орка ходинг“, Кристина Камчева Стојческа – сестра на Камчев и неизвршен член на Одбор на директори на „Жито Полог Тетово“, Лилјана Гајдоска – правник во фирмите на Камчев, неизвршен член на Одбор на директори на ЗК „Пелагонија“, Владислав Стајковиќ – сопственик на НВСП, доскорешен директор на „Мобико“ и поранешен директор на „Финзи“, Ванче Мијалчев – извршен директор на „Бетон Штип“, Јованче Тасковски – брокер и овластено лице во ДИС- Архивирај ДОО Скопје и Дејан Јанев од О.Т.Е „Инвест“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ноќеска повремени врнежи дожд насекаде
Управата за хидрометеорологија извести дека кон крајот на денот во крајните западни региони ќе има повремени врнежи од дожд, кои во текот на ноќта ќе се прошират насекаде. На повисоките планини на северозапад врнежите ќе бидат од снег. Во западните делови ќе дува слаб до умерен ветер од западен правец.
Македонија
(Видео) Полицијата заплени 40 тони дрога: откриена неусоглесеност на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат
Министерството за внатрешни работи извести дека во тек е опсежна акција, во рамки на која е запленета голема количина на марихуана. Во правно лице во Скопје пронајдени се и одземени околу девет тони марихуана и над 1300 шишиња произведено масло од канабис (полупроизвод). Од правни лица пак од источниот регион, одземени се над 31 тон марихуана и биомаса.
Во координација со Царинската управа и надлежната Комисија за контрола на овој вид на дејност од Министерство за здравство извршени се контроли во повеќе правни лица чија основна дејност е одгледување зачински, ароматични и лековити растенија и растенија со употреба во фармацијата, а во координација со јавен обвинител од ОЈО за ГОКК, се преземаат мерки и активности заради утврдување на фактите дали неодамна запленетата марихуана во Р.Србија потекнува од нашата држава.
„Со оглед на тоа дека едно од осомничените и приведени лица во Р.Србија е дел од сопственичката структура во правното лице од Скопје, извршени се детални проверки и контроли на количината која е затечена во правното лице и целосната документација која што е пронајдена во просториите на правното лице. Врз основа на пронајдената документација од страна на Комисијата од Министерството за здравство сочинет е записник, во кој се констатирани низа неправилности при работењето и голема неусогласеност во однос на количините кои правното лице ги поседува, произведува, набавува и отуѓува. Со оглед на констатираните неправилности и по доставено известување од надлежен Јавен обвинител, од просториите на правното лице е подигната целосната количина на пронајдена марихуана“, известија од МВР.
Полицијата извршила проверки во неколку правни лица во источниот регион каде исто така од надлежната комисија се утврдени неправилности и неусогласеност во однос на количините кои правните лица ги поседуваат, произведуваат, набавуваат и отуѓуваат, по што е одземена затекнатата количина.
Министерството за внатрешни работи во координација со ОЈО ГОКК, каде е формиран посебен тим за овој и слични предмети, продолжува и во наредниот период со преземање на мерки и активности за целосно расчистување на овие случаи.
МВР по завршување на акцијата и по целосно расчистување на случаите детално ќе ја информира јавноста.
Македонија
Петнаесетгодишник претепан пред обложувачница во Скопје
Осумнаесетгодишник ноќеска претепал петнаесетгодишник пред обложувачница во Скопје, а настанот го пријавиле лекарите од Клинички центар.
„Утрово во 06:31 часот во Полициската станица Кисела Вода од Ургентен центар при комплекс клиники ’Мајка Тереза’ во
Скопје е пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди е донесен 15-годишник од Скопје, кој претходно, според пријавеното околу 00:30 часот во обложувачница во Скопје бил физички нападнат од Л.В.(18)“, извести МВР.
Полицијата презема мерки за расчистување на случајот.

