Македонија
„ТАВ аеродроми“: „Изиџет“ отвора нова директна авиолинија Скопје – Париз до аеродромот „Орли“ од 2 април
„ТАВ Македонија“, подружница на „ТАВ аеродроми“, објавува дека „Изиџет“, втората по големина авиокомпанија за летови на кратки и средни релации во Франција и со водечка улога во локалното поврзување, воведува нов директен лет од Меѓународниот аеродром „Скопје“ до аеродромот „Орли“ во Париз.
„Изиџет“ како нискобуџетска авиокомпанија, која нуди патувања во Европа преку својата широка мрежа на авиолинии, ќе почне да лета од Париз до Скопје и назад на 2 април 2025 година.
„Изиџет“ на новите директни летови на релација Париз – Скопје – Париз ќе оперира со два лета неделно, или секоја среда и сабота, со што авиокомпанијата ја задоволува потребата за брзо и достапно поврзување и меѓу францускиот регион и на меѓународно ниво.
„Како ‘ТАВ аеродроми’, аеродромски оператор, со задоволство ги објавуваме оваа атрактивна авиолинија и новото воздушно поврзување меѓу Скопје и Париз. Новата авиолинија, обезбедена благодарение на авиокомпанијата „Изиџет“, е значајна пресвртница бидејќи ова е првпат Меѓународниот аеродром ‘Скопје’ да се поврзе авионски со директен лет со аеродромот ‘Орли’, кој исто така е управуван од Групацијата АДП, чија членка е и ‘ТАВ аеродроми’. Покрај тоа, оваа нова можност за патување дополнително ќе им овозможи на нашите патници да ја искусат услугата на уште една нискобуџетска авиокомпанија, со што ќе им обезбедиме на нашите патници повеќе опции за патување и можности да се поврзат со еден од најживописните градови во Европа, познат како Градот на светлината“, изјави Неџат Курт, генерален директор на „ТАВ Македонија“.
Оваа нова авиолинија им дава можност на парижаните лесно да го истражат Скопје, динамичниот град, кој нуди фасцинантен спој на култури, историја и модерност. Во исто време, патниците што го посетуваат Париз, градот на уметноста, културата, модата, шармантните улици и историјата, ќе може лесно да ги посетат најпрепознатливите знаменитости на Париз, како Ајфеловата кула, музејот „Лувр“ и катедралата „Нотр Дам“.
„Среќен сум што можам да го најавам отворањето на оваа нова меѓународна авиолинија до Скопје, во Македонија, од нашата база ‘Париз-Орли’. Минатата година 3,4 милиони патници избраа да ни веруваат за своите патувања преку ‘Орли’, а со оваа нова дестинација се надеваме дека ќе им овозможиме на илјадници парижани да ги откријат убавината и уникатноста на Балканот, секогаш со одлична вредност за парите“, изјави Реџиналд Отен, заменик-директор на „Изиџет“ за Франција.
Сите детали за времето на заминување и пристигнување на оваа нова можност за патување, како и достапноста и резервирањето на авиобилети, може да се најдат на веб-страницата на „Изиџет“ – www.easyJet.com.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ за изгласаниот буџет во Кисела Вода: Нереален, неразвоен и без визија
Советничкото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ го изгласа Буџетот на Општина Кисела Вода за 2026 година, во износ од 1,57 милијарди денари. И покрај звучните најави за „развој“, „транспарентност“ и „консултации со граѓаните“, станува збор за нереален, неразвоен и без визија буџет, кој не ги адресира суштинските проблеми на граѓаните, велат од СДСМ.
„Иако локалната власт се фали со наводни 57% капитални инвестиции, реалноста покажува дека буџетот е креиран како обид за прикривање на вистинската финансиска состојба на општината. Долгот на Општина Кисела Вода се маскира преку голем број т.н. развојни програми, кои постојат повеќе на хартија отколку во реалноста.
Загрижувачки е фактот што развојните програми се побројни од редовните годишни секторски програми, а најголем дел од нив не претставуваат нови проекти. Станува збор за рециклирани ветувања и префрлени ставки од времето на претходниот градоначалник, без јасна динамика, рокови и финансиска одржливост. Наместо нови идеи и решенија, граѓаните добиваат стара содржина во нова политичка амбалажа“.
Советничката група на СДСМ, како што соопштија, има поднесено пет конструктивни амандмани, насочени кон подобрување на буџетот и пренасочување на средствата кон реалните потреби на граѓаните. Сите амандман, како што велат, биле одбиени без суштинска расправа и без аргументи.
„Поради нерационалните расходи, недобро испланираните и нереални приходи, како и отсуството на јасна развојна стратегија, советничката група на СДСМ гласаше против овој буџет.
Во текот на речиси седум часа активна дискусија, советниците на СДСМ детално укажаа на пропустите, слабостите и ризиците од ваквиот буџет. Наместо аргументиран одговор, мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ одбра молк.
Без дискусија и без прифаќање на ниту еден амандман, ВМРО-ДПМНЕ самостојно го изгласа овој нереален, неразвоен и безидеен буџет, кој повеќе служи за политички маркетинг отколку за подобрување на животот на граѓаните на Кисела Вода.
Граѓаните заслужуваат вистински развој, одговорно управување и буџет што носи реални резултати – а не буџет на илузии“.
Македонија
Бесплатен паркинг во Центар за новогодишните и божиќните празници
Паркирањето во Општина Центар за време на новогодишните и божиќните празници ќе биде без наплата за сите граѓани, информираат од ЈП Паркинзи на Општина Центар.
„На 01.01.2026 година (четврток) сите паркиралишта со кои стопанисува ЈП ПОЦ ќе бидат без наплата за сите граѓани. Редовната наплата за паркирање на паркиралиштата и издавање на договори во Дирекцијата на ЈП ПОЦ ќе продолжи на 02.01.2026 година (петок) со вообичаено работно време.
За време на божиќните празници на 06.01. (вторник), 07.01. (среда) сите паркиралишта со кои стопанисува ЈП Паркинзи на Општина Центар ќе бидат без наплата за граѓаните. Редовната наплата за паркирање на паркиралиштата и издавање на договори во Дирекцијата ќе продолжи на 08.01.2026 година (четврток) со вообичаено работно време“.
Депото на „Пајак“ службата на ЈП ПОЦ ќе работи 24/7 за време на празниците како и затворените паркиралишта „Дилајла“ со автоматска наплата и „Трготекстил“, каде што наплатата ќе се одвива согласно редовниот режим, е нагласено во соопштението.
Македонија
Трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани со 63 загинати и над 200 повредени е настан што ја одбележа 2025 година
2025 година ќе остане запаметена по тешката трагедија што се случи на 16 март во дискотеката „Пулс“ во Кочани, која ја потресе целата земја. Во раните утрински часови, за време на настап на македонската група ДНК, пиротехнички средства што беа употребени на сцената го запалија таванот на клубот исполнет со млади луѓе.
Пожарот бргу се прошири и предизвика густ чад, паника и обид за бегство низ тесниот единствен излез. Во трагедијата загинаа 63 лица, претежно млади луѓе, а повеќе од 200 беа повредени, што ја прави најсмртоносната цивилна катастрофа во историјата на земјата од овој тип.
Истрагата подоцна покажа дека дискотеката работела без соодветни дозволи и противпожарни стандарди. Според обвинението, овие пропусти и системски недостатоци имале влијание врз исходот од настанот.
Трагедијата предизвика национално тажење, протести и подигнување на јавна дебата за безбедноста на јавни простори и институционалната одговорност. Подоцна, повеќе лица, меѓу кои ексфункционери и државни службеници, беа обвинети за злоупотреби поврзани со работата на клубот. Ниеден од 35-те физички и трите правни лица обвинети за пожарот не призна вина. Судскиот процес за пожарот е во тек.

