Македонија
Тевдовски: 2017 ќе биде година на пресврт во економијата
Поддршка за домашните претпријатија, развој, отворање работни места, полесно до сопствен бизнис, без непотребни инспекциски контроли и враќање на државните долгови кон претпријатијата најави во среда Дасран Тевдовски од СДСМ.
„Ќе обезбедиме развој на домашните фирми. Испланиравме 140 милиони евра директна државна поддршка на домашните мали и средни претпријатија (МСП). Ќе ги поддржуваме инвестициски проекти на фирмите. Ќе им овозможиме поголем пристап до финансии, на пример, преку гаранции за кредити или преку инвестициски фонд за вложување во МСП“, рече Тевровски
Најави поддршка за отворање работни места во домашните фирми, со активни мерки за вработување ќе се издвојат 22 милиона евра уште во првата година од мандатот, што е за скоро двојно повеќе од сега, а со тоа ќе се овозможи директно вработување на 16.000 лица на годишно ниво.
„Полесно ќе се доаѓа до сопствен бизнис во Македонија. Ќе креираме деловни старт-ап центри во сите поголеми општини, во коишто државата ќе обезбеди бесплатен деловен простор за повеќе новоосновани компании и бесплатни заеднички служби како на пример одржување, архива, сметководство и слично. А по примерот на Германија, ќе создадеме можност за основање фирма со само 1 евро основачки капитал, но тие ќе бидат видно обележани“, додаде тој.
Според него, она што е клучно за фирмите, ќе се ослободат од досегашните притисоци и ќе се олесни нивното функционирање. „Нема да има непотребни инспекциски контроли и нарачани казни од илјадници евра. Ќе воведеме јавен регистар на инспекциските контроли, за да се спречат ваквите злоупотреби. Ќе воведеме регистар на парафискални давачки со цел да се намалат давачките на фирмите, а веднаш ќе ја намалиме фирмарината за претпријатијата со помалку од 5 вработени“, додаде Тевдовски.
Како последно тој рече дека ќе ги вратат долговите на државата кон домашните фирми.
Од ВМРо-ДПМНЕ реагираат на ова и велат дека СДСМ кога беше на власт затвори 684 фирми и остави на улица 200.000 луѓе. Денес зборуваат за субвенции, а кога беа на власт не дадоа ниту денар за фирмите.
„Каде беше СДСМ со мерки и предлози како конструктивна опозиција кога почна светската економска криза. Никаде ги немаше нивните пратеници. Во тоа време Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ инјектираше во стопанството 350 милиони евра свеж капитал од ЕИБ, со кој беа поддржани малите и средни претпријатија и беа отворени илјадници работни места. Во време кога секаде по светот имаше отпуштања“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Најдоцна до јуни реконструкција на владиниот кабинет, Ковачки е нов генерален секретар на партијата, соопшти Мицкоски
Денес заседаваше Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, на кој беа донесени важни одлуки за понатамошното јакнење и модернизација на партијата, истакна претседателот на партијата Христијан Мицкоски.
„Централниот комитет донесе одлука за избор на нов Извршен комитет на партијата, што претставува спој помеѓу искуството и дел од луѓето којшто се веќе дел од претходните состави на Извршниот комитет и нови членови коишто заедно со оние коишто во минатото беа дел од Извршниот комитет ќе го формираат новиот Извршен комитет на партијата“, посочи Мицкоски.
Овие одлуки, како што рече, се јасен показател дека партијата се менува и се прилагодува на новите предизвици.
„Нашата цел е создавање силна, ефикасна и обединета структура која ќе даде конкретни и одговорни решенија за потребите на граѓаните.
Во периодот што следува, влегуваме во фаза на кадровско екипирање и дополнително отворање на партијата кон нови идеи, нови луѓе и нова енергија. Ќе работиме на зајакнување на внатрешната организација, транспарентноста и инклузивнот процес на членството“.
Најави дека во периодот што следи ќе има доекипирање на структурата на партијата, а веќе во мај месец а најдоцна до јуни, ќе има и рекострукција на дел од ресорите во рамките на владиниот кабинет, а можеби, како што рече и во некои институции.
Досега, информира тој, не е направена таква анализа но во периодот кој следи, истата ќе биде направена.
Соопшти дека за нов генерален секретар е избран пратеникот Драган Ковачки.
Членови на Извршниот комитет се: Александар Николовски, Владо Мисајловски, Гордана Димитриеска Кочоска, Тимчо Муцунски, Ѓорѓија Сајкоски, Никола Мицевски, Луке Галевски, Антонијо Милошоски, Дафина Стојаноска, Рашела Мизрахи, Влатко Ѓорчев, Кирил Пецаков, Марија Андоновска, Ели Панова, Игор Јанушев, Марија Митева, Благоја Ташаминов, Орце Ѓорѓиевски, Онер Јакуповски, Драгана Бојковска, Синиша Стојановски, Стефан Андоновски, Филип Поповски и Бобан Николовски.
Огранизационен секретар е Ивица Томовски, а за шеф на кабинетот на Мицкоски продолжува да биде Владимир Неловски.
„Во услови кога имаме опозицијата која не нуди решенија и која е целосно безидејна, полна со проблеми, знаеме дека решението мора да биде силен граѓански инпут за силна и стабилна ВМРО- ДПМНЕ.
ВМРО-ДПМНЕ продолжува по патот на обнова, обединување и подготовка за нови изборни победи, јасно е дека следните ќе бидат парламентарните избори, со една јасна цел – подобар живот за сите граѓани“.
Македонија
Никој во тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не живее од плата туку на грбот на граѓаните, велат од СДСМ
„Антилогика – ЗНАМ го напаѓа СДСМ затоа што Максим Димитриевски призна дека не живее од плата.
Па СДСМ само ја објави вистината, не може да им бидеме криви ние за признанието на Максим.
Никој во тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ не живее од плата туку на грбот на граѓаните.
Тоа веќе сите го знаат“, велат од СДСМ.
Според опозициската партија, со ваквата политика, како што велат, сè да биде приватен бизнис на тендер коалицијата, веќе недостигаат две милијарди евра.
„Што се однесува на времето на ковид кризата државата се задолжуваше за да им помогне на граѓаните, бидејќи СДСМ и тогаш и сега, се грижи за граѓаните. За разлика од тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ кои се луксузираат на грбот на народот и вратат тендери.
Таков е примерот со тендерот од 1,2 милиони евра Пошта, за фирмата блиска до ЗНАМ. Додека вработените во Пошта со месеци им доцнат платите.
Работниците да гладуваат, а тие да живеат во луксуз. Така е составен и буџетот, само за нивните потреби“.
Македонија
Снег на Попова Шапка, магла на одредени патни правци, сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови,по претежно влажни коловози.
Врнежи од снег на Попова Шапка со задржување на коловоз од с.Лисец-Попов Шапка.
Намалена видливост поради појава на магла до 80 метри на патниот правец Штип – Неготино кај Серта, во Крушво до 50 метри, на планинскиот премин Стража до 100 метри и кај Маврово до 50 метри.
Сите патни правци во државата се проодни.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

