Македонија
„Телеграм“ ја затвори групата „Јавна соба“

„Телеграм“ ја затвори групата „Јавна соба“ во која илјадници членови од земјава споделуваа експлицитни фотографии и видеа од девојки од Македонија, меѓу кои имаше и малолетнички.
Групата не може да се отвори бидејќи, како што пишува, таа била користена за порнографски содржини. Не може да се видат ниту содржините што ги објавувале членовите на групата.
Неизвесно е дали членовите може да отворат нова ваква група и дали „Телеграм“ ќе реагира на истиот начин доколку се утврди дека таму се споделуваат содржини, односно видеа и фотографии од девојки што не дале дозвола за нивна дистрибуција.
МВР денеска приведе четири лица за овој случај.
Двајца од приведените се од Битола и по едно лице e од Велес и од Штип.
„Се работи на откривање кој ја креирал ваквата група и кои сè биле членови. Секој штп се наоѓа во групата ќе се истражи и ќе понесе кривична одговорност“, објави министерот Оливер Спасовски.
Попладнево беа уапсени првите две лица, едно од Битола и едно од Велес, а кусо по апсењата, „Јавна соба“ почна да се полни со една иста порака, во која администраторот ги известува членовите дека е отворена нова група и ги повикува да му пратат приватна порака за да им ја испрати.
Премиерот Зоран Заев ги повика членовите да излезат од групата оти МВР ќе ги добие податоците и сите ќе бидат обвинети и ќе одговараат за она што го прават. Премиерот рече дека побарале од „Телеграм“ да ја избрише групата „Јавна соба“, а доколку од таму не одговараат на барањето, најави дека ќе ја блокира апликацијата – не поради цензура, туку за заштита на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Постапка против осум лица за масовна тепачка во Скопје: фрактура на черепот со крварење на мозокот, скршена долна вилица

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против осум лица заради учество во масовна тепачка на улицата „Славеј Планина”, од кои едно се товари за обид да изврши кривично дело – Убиство од член 123 став 1 во врска со член 19, едно за нанесување тешка телесна повреда што е казниво според член 131 став 1, додека шест се осомничени за кривично дело – Учество во тепачка од член 132 став 1 од Кривичниот законик.
До тепачката дошло поради нерасчистени семејни односи меѓу две групи. За обид за убиство е осомничено лице кое во тепачката користело дрвена даска со која тешко повредил едно лице од спротивставениот табор, нанесувајќи му фрактура на черепот со крварење на мозокот. Друг осомничен нанел тешка телесна повреда – скршена долна вилица, удирајќи со тупаници еден од останатите учесници во инцидентот. Сите останати се осомничени за учество во тепачката, која се случила на 16 август.
За осомничениот за обид за убиство, ценејќи ги сите околности под кои тој ги извршил дејствијата и фактот дека станува збор за млада личност која тукушто наполнила 18 години, но кај која сепак постои ризик од бегство, влијание врз сведоци или повторување на делото, јавниот обвинител предложи мерка куќен притвор. За останатите учесници во кривично-правниот настан предложени се мерки на претпазливост.
Македонија
Променливо облачно, посвежо и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде променливо облачно, посвежо и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни со пообилен пороен дожд за кратко време (над 15 l/m²) и услови за краткотрајно невреме со засилен ветер и изолирана појава на град.
Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 18, а максималната ќе достигне од 24 до 32 степена.
Во Скопје, променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи. Во делови од котлината ќе има услови за краткотрајно невреме со засилен ветер и изолирана појава на град. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 30 степени.
Времето во наредните денови
До петок ќе преовладува претежно стабилно време со постепен пораст на дневната температура.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе останат:
· од 10.00 до 14.30 часот, корисниците на улица Нерешка со број 10,12,14 и 16. (Општина Карпош)