Македонија
ТИРЗ и јапонски ЏЕТРО потпишаа меморандум за соработка, целта е привлекување јапонски инвестиции
Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ) и Јапонската организација за надворешна трговија (ЏЕТРО), во Скопје потпишаа меморандум за соработка, чија цел е полесен влез на јапонски компании во земјата, како и воспоставување поблиска соработка меѓу македонските и јапонските компании, особено во делот на заеднички проекти во градежништвото и иновациите.
„Ова е почеток на една многу важна соработка. Очекувам дека во следниве денови јапонската делегација, во која има и претставници на големи јапонски компании, ќе ги препознаат потенцијалите за соработка. Особено е важно што еден од столбовите на меморандумот што го потпишавме денеска е можноста за заедничка соработка на македонски и јапонски компании во проектите за обнова на Украина. Тоа што имавме можност летоска при посетата на Јапонија да го разбереме е дека има сериозен интерес, особено од големите јапонски банки, да ги финансираат овие проекти, кои очекуваме дека набргу ќе се случат по завршувањето на конфликтот, така што еден од фокусот на посетата е токму тоа – разговор меѓу македонските и јапонските компании како да се искористат нашето искуство и нашата блискост на овие пазари и нашите компании заедно со јапонските да добијат дел од тој колач на реконструкција“, изјави директорот на Дирекцијата на ТИРЗ, Јован Деспотовски.
„Идејата на оваа посета беше да им се овозможи на јапонските компании да се запознаат со менталитетот во Северна Македонија, деловните активности и да се воспостават деловни врски меѓу јапонските и македонските компании. Во последните неколку години ЏЕТРО интензивно работи на воспоставување деловни врски, особено во областа на иновациите. Се надеваме дека со оваа посета ќе се воспостави и потесна врска меѓу јапонските и стартап-компаниите во Северна Македонија“, рече директорот на ЏЕТРО од Виена, Татсуо Камино.
Вицепремиерот задолжен за економски прашања и инвестиции, Фатмир Битиќи, кој исто така ги презентира можностите за инвестиции во земјата, ја нагласи важноста на Јапонија како наш стратешки партнер.
„Денешниот ден е еден чекор напред кон унапредување на нашите билатерални односи со Јапонија бидејќи претставници на водечки јапонски компании се дојдени за да ги запознаат нашата земја и можностите за развој на нивните бизниси, кои нашата држава ги нуди. Во текот на изминатите три децении нашите земји одржуваа пријателски односи, но сакаме да ја надминеме географската оддалеченост и да создадеме посилни економски врски. Ги претставивме можностите за инвестирање што ги нудиме во согласност со законската регулатива, од финансиска поддршка за отворање работни места и капитални инвестиции до поддршка за истражување и развој“, посочи Битиќи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Кадровските промени доцнат во СДС затоа што никој не сака да биде дел од губитничкиот тим на Филипче
Кадровските промени доцнат во СДС затоа што никој не сака да биде дел од губитничкиот тим на Филипче. Ароганцијата, предавствата и лошите политики кои ги водеше Филипче, заедно со неговите претходници Ковачевски и Заев, им се удрија од глава, истакна на прес-конференција Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Видни големи поддржувачи на СДС, според информациите кои стигнаа до нас, одбиле да бидат дел од раководството на СДС, само затоа што не сакале да бидат дел од партијата која некогаш беше државотворна партија, а сега спадна на едвај 120 илјади гласови, за кои заслужен е директно Венко Филипче, а и неговите претходници Ковачевски и Зоран Заев“.
Дел од овие луѓе со кои Филипче се има видено изминатиов период, нагласи Манасиевски, не сакале да бидат дел од раководството на СДС, само затоа што не го гледаат Филипче како нивен предводник во СДС.
Очигледно е, вели тој, дека во СДС има проблем во делот на консолидација, а тој проблем е директно Венко Филипче.
„Единствено решение и излез од ситуацијата во која се наоѓа СДС е Филипче да си поднесе оставка, а СДС да почне со внатрешни реформи“.
Македонија
Изнервирана затоа што бебето плачело го удирала со раце и тупаници по устата и носот: Обвинителството покрена истрага против мајката
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 23-годишна жена со престојувалиште во Ржаничино, која е осомничена за – Запуштање и малтретирање на дете од член 201 став 1 од Кривичниот законик.
На 9 ноември во вечерните часови, таа грубо ја запоставила својата мајчинска должност за грижа и воспитување, го запуштила и малтретирала својот 6-месечен син. Изнервирана затоа што бебето плачело, почнала да го удира со раце и тупаници по устата и носот, нанесувајќи му повреди со крварење.
Повредите кај детето ги забележал сопственикот на домот каде престојувала осомничената и уште една пријателка кои го однеле детето на лекарски преглед.
На Клиничкиот центар на детето му биле констатирани повеќе нови повреди – контузии и хематоми, но и постари подливи од претходни повреди. Во исто време, констатирано е дека осомничената од раѓање не го однела детето ниту на лекарски преглед, ниту на вакцинација, меѓу другото со цел да прикрие дека физички го удира бебето.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за осомничената, пред се поради опасноста од бегство. Детето-жртва за кое не е познат другиот родител е згрижено преку Центарот за социјални работи.
Македонија
(Видео) Мицкоски побарал да се стопираат исплатите од ИПАРД за да се види до каде одела злоупотребата: Ќе одговараат сите, од прв до последен
Премиерот Христијан Мицкоски, кој денеска беше во посета на фабриката „Костал“ во Охрид, негираше дека средствата од ИПАРД се блокирани по апсењата за корупција во Агенцијата за поддршка на земјоделството и руралниот развој.
На прашањето дали се блокирани средствата од ИПАРД, Мицкоски одговори дека тоа не е точно, туку напротив дека е поздравена позитивната акција од страна на луѓето од Европската комисија.
Тој додаде дека побарал да се стопираат исплатите на парите од ИПАРД за да се види до каде одат злоупотребите.
„Мораме да видиме до каде одат злоупотребите. Првичните информации говорат дека тоа не е од сега туку години наназад тоа е правено, така што се ќе истражиме и секој кој што мисли дека така ќе помине се лаже. Има да одговараат сите од прв до последен. Кој сака нека биде“, одговори Мицкоски на новинарското прашање.

