Македонија
Тошковски домаќин на министерски состанок во рамките на Процесот за соработка во Југоисточна Европа

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски беше домаќин на министерскиот состанок ж„Трендови и предизвици во регионалната безбедносна соработка во регионот во Југоисточна Европа низ призмата на организираниот криминал со акцент на шверцувањето мигранти и трговијата со луѓе и нејзино натамошно унапредување“, кој се одржува во рамките на Процесот за соработка во Југоисточна Европа.
Во рамките на овој состанок министерот Тошковски имаше свое обраќање, во кое истакна дека oсобено му е драго што меѓу нас имаме присуство на речиси сите учесници на Процесот, застапени на разно ниво, докажувајќи ја посветеноста на оваа иницијатива, поддршката што заеднички ја нудиме за да ги зачуваме мирот, безбедноста, стабилноста, солидарноста и добрососедските односи, кои веќе се признаени и на европско ниво. Воедно, потенцира дека oрганизираниот криминал забрзано се развива во светот и претставува растечка закана за општествата и граѓаните. Еволутивен и повеќедимензионален по карактер, организираниот криминал се приспособува на новите технологии и брзата дигитализација, што доведува до нови предизвици во одржувањето на безбедноста како на регионално така и на светско ниво.
„Нашето заедничко дејствување е важно и корисно не само за пошироката јавност туку и за граѓаните на нашите земји за чие добро и безбедност работиме и ние како службеници во министерствата. Постабилна, побезбедна, економски напредна Југоисточна Европа, тоа им го должиме на нашите граѓани. Да продолжиме да работиме заедно за тоа и да им го обезбедиме“, потенцира Тошковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Фатен пијан крадец на „голф“ во Неготино, возачот излетал од патот

Дваесет и осумгодишен жител на Неготино бил лишен од слобода откако украл автомобил од свој сограѓанин, а потоа, возејќи под дејство на алкохол, излетал од коловозот на локалниот пат кон селото Курија.
Како што соопшти Министерството за внатрешни работи, на 20 април 2025 година околу 04:20 часот, полициски службеници од ОВР Неготино го уапсиле С.Д. (28), кој неовластено присвоил патничко возило „фолксваген голф“ со неготински регистарски таблици.
Возилото било сопственост на Л.И. (28) од Неготино и според пријавата, било паркирано пред неговиот дом кога С.Д. го одзел и се упатил кон селото Курија. Таму, изгубил контрола и излетал од патот.
„При извршените проверки било утврдено дека возачот имал 0,72 промили алкохол во крвта“, велат од полицијата.
С.Д. бил задржан во полициска станица, а по целосно документирање на случајот, против него ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Македонија
Приведен возач од струшко кој престигнуваше долга колона и го загрози сообраќајот

Педесет и деветгодишен возач од струшкото село Ливада бил лишен од слобода откако со своето возило извршил опасно престигнување на магистралниот пат Гостивар–Кичево, во близина на каменоломот.
Како што информира МВР, на 19 април 2025 година околу 12:10 часот, полициски службеници од Полициската станица Гостивар го запреле и привеле лицето Ф.С. (59), кој управувал патничко моторно возило „фолксваген“ со струшки регистарски таблици.
„Возачот извршил престигнување на подолга колона возила, со што ја загрозил безбедноста во сообраќајот“, соопштија од полицијата.
По документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.
Македонија
25-годишен возач удрил во бандера во Кавадарци, бил пијан со 1,59 промили алкохол

Во раните утрински часови во саботата, 25-годишниот В.С. од Росоман бил лишен од слобода откако со автомобил излетал од патот и удрил во бандера на улицата „Страшо Пинџур“ во Кавадарци.
Како што соопшти МВР, инцидентот се случил околу 02 часот по полноќ, кога В.С. управувал патничко возило марка „мерцедес“ со кавадаречки регистарски таблички. Возилото излетало од коловозот, при што завршило во улична бандера.
По преземените мерки од страна на полициски службеници од ОВР Кавадарци, било утврдено дека возачот бил под дејство на алкохол – алкотестот покажал 1,59 промили алкохол во крвта.
„Возачот веднаш беше исклучен од сообраќај и задржан во полициска станица Кавадарци“, соопштија од полицијата.
По целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена кривична пријава по член 297-а од Кривичниот законик, за „безобѕирно управување со моторно возило“.