Македонија
Тренчевска по повод Денот на Ромите: Заедно до поголема вклученост на ромската заедница во општеството

„Човековите права, еднаквоста и недискриминацијата се високо поставени на агендата на Владата и Министерството за труд и социјална политика. Создаваме едно општество за сите. Општество во кое секој граѓанин во државата ќе ги ужива своите човекови права“, рече министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, во своето обраќање преку видеопорака на заеднички настан на Општина Струмица и програмата „Ромактед“ во пресрет на 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите.
Таа истакна дека во согласност со програмата на Владата 2022-2024 година и оперативниот план за активни програми и мерки за 2022 година првпат се воведува квота од 5 % за опфатеност на Ромите во сите активни програми и мерки, со што се овозможува нивно поголемо вклучување на пазарот на труд.
„Исполнувањето на еден од приоритетите и дел од програмата на Владата претставува усвојувањето на новата стратегија за инклузија на Ромите 2022-2030, со која се предвидени политики и мерки со кои се создаваат поголеми можности за инклузија за Ромите во сите општествени текови“, рече Тренчевска.
„Заедно продолжуваме да се залагаме и да имплементираме политики, преточени во реални решенија, кои придонесуваат за поголема правичност, еднаков пристап до ресурси, поголем пристап до здравство, образование, социјална заштита, вработување, домување и вклученост на Ромите во нашето општество“, порача Тренчевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Пресуда за уривањето на „Космос“ Груевски доби девет години затвор, Јанакиески три, а Трајковски четири

Судиите Огнен Ставрев и Осман Шабани донесоа осудителни пресуди за сите обвинети за случајот познат како „ТНТ“, за уривањето на објектот „Космос“ сопственост на бизнисменот Фијат Цановски. Експремиерот Никола Груевски кој се гони за поттикнување односно злоупотреба на службената положба и овластување доби девет години затвор. На поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески му се досудени три години затвор.
Тогашниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски доби четири години затвор, бидејќи според судот ја поттикнал инспекторката за издаде решение за уривање на објектот иако не требало.
Елисавета Најдовска исто така доби осудителна пресуда со казна затвор од четири години, бидејќи прифатила да го урива „Космос“.
„Обвинетите солидарно да ја надоместат штетата на ТД Фине од 683.514.694 денари која се состои од вредноста на изградениот дел од објектот Космос и вредноста на рушењето во износ на 19.389.440 денари“, посочи Ставрев.
Насе Ралев, Марика Зафировска, Александра Димитриевска – Аврамовска се ослободија од обвинение. Тие беа обвинет бидејќи биле членови на комисија за јавни набавки во Гази Баба и овозможиле незаконски да се спроведе истата, со фаворизирање на една фирма.
Судот ги отфрли и помилувањата дадени за овој случај бидејќи тие се донесени без законска основа. Судијата Ставрев повеќе од половина час елаборираше зошто помилувањата од експретседателот Ѓорѓе Иванов не се законски.
„Помилувањата од самиот почеток беа апсолутно ништовни“, кажа во дел од образложението судијата Ставрев.
За застареноста на кривичното гонење, мислење кое го даде сегашниот министер за правда Никола Тупанчески, судијата Ставрев кажа дека тоа е доколку не се изменел Кривичниот законик.
„Со измените на Кривичниот законик во 2010 година, а правниот настан се случил од 2011 година до крајот на 2012 година. Тоа значи се сторени по стапување на сила и важност на законските измени на Кривичниот законик кој предвидува казна затвор“, посочи Ставрев.
Бизнисменот Фијат Цановски побара оштета од 58.8 милиони евра по повеќе основи. По неколку вештачења, Цановски ја смени сумата и рече дека штетата е 40 милиони евра. Тој сметаше дека тоа е сумата која треба да му се исплати поради неговите загуби од уривањето на станбено-деловниот комплекс. Обвинителството пак, со вештачења посочи дека штетата е близу 20 илјади евра.
Ефективни казни затвор какви што беа досудени побара обвинителот Бурим Рустеми. Обвинетите негираа вина. Тие останаа на ставот дека сите службени дејствија кои ги презеле биле согласно закон, а бидејќи објектот бил нелегален. Јанакиески на судењата посочи дека ако го осудат, тоа нема да смени ништо, освен што Фијат Цановски ќе заработи пари од буџетот. Тој рече: „Ве замолувам да ги цените доказите и завршните зборови, да донесете ослободителна и одбивателна пресуда“. Според него, објектот немало да се отстранува, ако бил легален.
Според обвинението на СЈО, обвинетите во 2011 година сториле кривично дело од политичка омраза со уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски. Случајот добива првостепена пресуда по 11 години.
Македонија
Владина делегација положи цвеќе на споменикот на Светите браќа Кирил и Методиј

Премиерот Димитар Ковачевски ја предводеше делегацијата на Владата на Република Северна Македонија во чиј состав беа заменик-претседателот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, министерот за правда Никола Тупанчевски и заменик-министерот за одбрана Башким Хасани кои положија цвеќе пред споменикот на Светите браќа Кирил и Методиј во кампусот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, информираа владините служби.
Венци со цвеќе пред споменикот денеска положија и делегација на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, делегација на Собранието на Република Северна Македонија, делегација на Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, делегација на Сојузот на борците, делегација на Армијата на Република Северна Македонија, делегација на Град Скопје и делегација на дипломатскиот кор акредитиран во Република Северна Македонија.
Со оваа активност започнаа чествувањата од програмата за одбележување на државниот празник 24 Мај – ден на сесловенските просветители Светите браќа Кирил и Методиј, патрони на УКИМ и светители на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија кои со своето дело за ширење на христијанството и јазиците на словенските народи, денеска се празнуваат и чествуваат во повеќе европски земји.
„Централните настани по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите браќа Кирил и Методиј, како и секоја година традиционално, ќе се одржат на 23 и 24 мај во Ватикан и Рим со аудиенцијата на делегацијата на Република Северна Македонија кај Папата Франциск на Светата Столица, која оваа година ја предводи премиерот Димитар Ковачевски, со молебенот на гробот на Св. Кирил во црквата „Сан Клементе“ во Рим и со пригодни културно-уметнички содржини во главниот град на Италија“, е наведено во владиното соопштение.
Македонија
Османи: Македонија и Советот на Европа остануваат партнери во зачувувањето на европските вредности

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес во Торино учествуваше на 132-та министерска сесија на Комитетот на министри на Советот на Европа, на која се изврши и примопредавање на претседателството со Комитетот од Италија на Ирска за следниот шестмесечен период.
Фокусот на дискусиите на министрите беше насочен кон последиците од агресијата на Руската Федерација врз Украина, што меѓу другото доведе и до исклучување на Руската Федерација од организацијата во март оваа година. Во тој контекст, беа разменети мислења и во однос на улогата и следните чекори и приоритети на Советот на Европа.
Османи во своето обраќање нагласи дека Северна Македонија, од самиот почеток на воената агресија, се приклучи кон изјавите, иницијативите и мерките преземени во рамки на мултилатералните форуми за нејзина осуда, вклучувајќи ги и санкциите на ЕУ. Исто така, ја нагласи потребата Советот на Европа да продолжи со активна помош на Украина и солидарност со нејзините граѓани, имајќи го предвид мандатот, но и акумулираната експертиза во доменот на човековите права, демократијата и владеење на правото.
Потоа, нагласи дека сега е моментот на уште позајакнат мултилатерализам заснован на вредности и правила, како и синергија со другите меѓународни организации.
„Kако иден претседавач со ОБСЕ посветен сум на тесна соработка со Советот на Европа за сите прашања од заеднички интерес и за изградба на иднина на мир, безбедност и кохезија во Европа заснована на заеднички вредности”, рече Османи.
На маргините од министерската сесија Османи реализираше билатералнa средбa сo генералниот секретар на Советот на Европа, Марија Пејчиновиќ-Буриќ. Дискутираа на повеќе актуелни теми, вклучително и за иднината на организацијата, како и за пошироките импликации на воената агресија од хуманитарен, безбедносен, геополитички и економски аспект врз Европа. Исто така разговараа и за статусот и очекувањата во однос на ЕУ интегративното досие на Северна Македонија и во тој контекст, потребата од позасилена регионална динамика. Северна Македонија и Советот на Европа остануваат партнери во зачувувањето на европските вредности на патот кон полноправното членство во ЕУ. На крај, министерот Османи ја запозна соговорничката и со текот на подготовките за претстојното претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023.