Македонија
Тренчевска: Пратеничките од ДПМНЕ се согласија, па ја повлекоа осудата на дискриминацијата

Во месецот во кој треба да ги славиме сите вековни победи за женските права, да искажуваме почит и благодарност кон сите жени кои ги поставиле темелите и стремежите за нашето дејствување, почит и благодарност за сите успеси, за се што е постигнато за еднаквост на жените, ние се соочуваме со скандалозни изјави, говор на омраза и дискриминација кон жените од носителки на високи јавни функции. Се уште одѕвонуваат во јавноста зборовите на Гордана Димитриеска Кочоска со кои ги повреди жените во државата, но ги повреди и сите граѓани. И наместо извинување од Кочоска, покајание и оставка од морални причини, граѓаните добија дополнително омаловажување и дискриминација, изјави Јована Тренчевска од СДСМ.
– Клубот на пратенички кој постои како механизам да го заштити дигнитетот на пратеничките во Собранието, да се бори против говорот на омраза кон жените во политиката и да повикува на почитување кон жените пратенички, стана заштитник на политичарки кои дискриминираат и омаловажуваат жени пратенички. На вчерашната седница на Клубот на пратенички се постигна договор кој произлезе од дискусиите и со консензус на сите присутни да се објави реакција со која ќе се осуди секоја форма на дискриминација врз жената и секое навредливо, недостоинствено и неразумно однесување со кое се омаловажуваат жените во политиката од собраниската говорница. Но пратеничките од ВМРО-ДПМНЕ само по неколку часа од седницата се предомислија и ја повлекоа согласноста за објава на реакцијата.
Кој им се јави и кој ги предомисли треба ти е да кажат? Наместо да се заштитат жените во политиката, пратеничките од ДПМНЕ решија со тоа што ќе го премолчат однесувањето на Кочоска да испратат порака до јавноста дека ја поддржуваат. Ваквото лицемерно однесување оди на штета на женските права. Ваквото премолчувања ја доведува во прашање смислата за постоењето на Клубот на пратенички и Комисијата за еднакви можности на жените и мажите. Зошто ќе ни се овие механизми кога нивната основна функција се минимизира. Со ваквото однесување се испраќа порака дека женската солидарност е мисловна именка во нашето општество. Со ваквото однесување во пресрет на 8 март се испраќа порака дека залудни биле вековните борби на нашите претходнички за еднаквост на жените и за почитување на нивните права, нагласи Тренчевска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Минчев на конференција на ЕК во Црна Гора: Извештаите за нас не се формалност туку алатка за реформи во јавната администрација

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, учествуваше на министерска конференција „Капацитети на јавните администрации за интеграција во ЕУ“ во Подгорица, Црна Гора, организирана од Европската комисија со поддршка на СИГМА.
На настанот учествуваа министри и претставници од земјите на Западен Балкан, Молдавија и Ерменија, како и од регионалните и меѓународните организации како ReSPA, RCC, OECD, WeBER и SIGMA.
Во излагањето во рамки на првиот дел на конференцијата, министерот Минчев изјави дека силата на јавната администрација не се одразува во бројки, туку во нејзиниот квалитет и капацитет да испорачува резултати, односно таа треба да биде двигател на реформите, гарант на правната држава и партнер во процесот на интеграцијата во Европската Унија.
Тој потенцираше дека препораките од Извештајот на СИГМА не останаа само на хартија, туку истите беа преточени во конкретни мерки и активности, интегрирани во акциски план кој веќе се спроведува, дополнително вградени и во ревизијата на Стратегијата за реформа на јавната администрација.
„Ние не гледаме на извештаите само како формалност, тие се алатка за реални промени. Реформите мора да имаат практичен ефект врз институциите и граѓаните, а не да останат декларативни“, рече министерот Минчев.
Тој смета дека е клучна улогата на меѓународната поддршка, со посебен акцент на ReSPA и SIGMA, како партнери во процесот на реформите преку обуки, експертска помош и размена на искуства со земјите-членки на ЕУ.
„Визијата на Министерството за јавна администрација е да изградиме администрација која активно ќе придонесува во креирањето и имплементацијата на европските политики. Македонија не гледа на процесот на интеграција како еднонасочен пат – нашата цел е да бидеме препознаени како сериозен партнер во Унијата и пример за лидерство во регионот“, рече министерот Минчев.
Од Министерството за јавна администрација велат дека остануваат целосно посветено на реформите кои ја носат Македонија поблиску до европското семејство, со силна заложба за создавање на модерна, ефикасна и транспарентна администрација, која ќе обезбеди институциите да бидат сервис на јавниот интерес.
Македонија
Локалната власт е одговорна за одржување на депонијата во Струга, порача Министерството за животна средина

Министерството за животна средина и просторно планирање потсетува дека управувањето со комуналниот отпад е законска обврска на општините.
Од таму додаваат дека согласно Националниот план за управување со отпад 2021–2031 и регионалните планови, општините се должни да обезбедуваат собирање, транспортирање, селекција и расчистување на отпадот на нивната територија.
„Во моментот се работи на воспоставување на регионален центар за обработка и систематизирање на отпад, кој ќе обезбеди трајно и системско решение за управување со отпадот во регионот.
Сепак, додека овој центар не биде изграден и ставен во функција, општина Струга има должност редовно да ја одржува и исчисти постојната депонија, со цел да се спречат дополнителни еколошки и здравствени ризици и да се обезбеди минимален стандард на заштита на животната средина и здравјето на граѓаните“.
Министерството за животна средина и просторно планирање останува достапно за поддршка во рамки на своите надлежности, но одговорноста за редовното управување и одржување на депонијата е на локалната самоуправа, потенцираат во соопштението.
Македонија
Алиу во Липково: Ќе ги разгледаме можностите за воведување ургентна стоматологија во Здравствениот дом

Министерот за здравство, Азир Алиу, денеска го посети Здравствениот дом во Липково, каде одржа средба со директорото, Евзи Исуфи.
– Раководството на оваа установа, предводено од директорот Евзи Исуфи, има визија за долгорочно унапредување на здравствениот дом, што е во интерес на пациентите и на самите здравствени работници. Токму во таа насока, информиран сум дека со новиот буџет раководството на оваа установа има предвидено реновирање на целиот прв кат каде се сместени амбулантите и лабораторијата, рече министерот Алиу во рамки на посетата.
Беше појасенто дека во делот на унапредување на кадарот, во моментот тројца доктори од Здравствен дом Липково се упатени на специјализација, во областите педијатрија, медицина на труд и клиничка биохемија.
– По завршување на изборниот процес, со оглед на законските процедури, веднаш заедно со раководството и со нашата правна служба ќе ги разгледаме можностите за воведување ургентна стоматологија, односно итна стоматолошка помош, истакна Алиу.