Македонија
Тренчевска: Родовото одговорно буџетирање е тема на која посветено работам уште од 2007 година

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, со своето обраќање го отвори состанокот на работната група за економско зајакнување на жените во Западен Балкан, која е во организација на UNDP и Friends of Europe. Целта на работната група е да ги идентификува предизвиците на жените во делот на подобро економско зајакнување во Западен Балкан. Овој е четврти по ред состанок и е организиран во соработка со Министерството за труд и социјална политика.
„Родовото одговорно буџетирање е тема на која посветено работам уште од 2007 година. Во тоа време овој концепт беше целосно непознат за нашето општествено опкружување, затоа имаше потреба добрите практики да ги преземеме од другите земји и со посветена работа да ги вметнеме или наметнеме на нашата политичка сцена за да се постигне некаков напредок по ова прашање“, истакна министерката Тренчевска.
Министерката се задржа и на достигнувањето на државата во однос на прашањето за родово одговорно буџетирање во делот на стратешката и законската рамка. Таа посочи на носењето на првата стратегија за родово одговорно буџетирање во 2012 година и истакна дека Министерството за финансии првпат ги измени буџетските инструкции за 2013 и 2014 година, со кој се задолжуваат три министерства и Агенцијата за вработување на Република Северна Македонија, за избор на програма за родова анализа и развивање релевантни родови индикатори за следење на влијанието на програмите врз жените и мажите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тројца осомничени за обид за убиство пред фитнес клуб во Чаир

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против три лица за кои постои сомнение дека како соизвршители се обиделе да сторат кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 3 во врска со член 19 (во обид) од Кривичниот законик.
Осомничените, од кои двајца браќа и нивен познаник, со умисла се обиделе да лишат од живот едно лице и го довеле во опасност животот на уште двајца. Делото го извршиле пред фитнес клуб во Чаир, на 1 јуни во вечерните часови.
Инцидентот започнал како вербална расправија во која си разменувале навреди и пцовки, а продолжил и со физичка пресметка, па во еден момент првоосомничениот извадил нож со кој го прободел оштетениот во коленото, стомакот и градите. Повреди им биле нанесени и на другите двајца оштетени кои се обиделе да ги раздвојат и да му помогнат на прободениот.
Јавниот обвинител за сите тројца осомничени достави предлог за определување мерка притвор до судијата на претходна постапка.
Македонија
Нема подолги задржувања за влез и излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради водоводен приклучок од ф 80мм на улицата Борка Талевски бр 3. без вода ќе останат корисниците на дел од улицата Борка Талевски, Никола Тримпаре и дел од улицата Дебарца, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување на интервенцијата.