Македонија
Тренчевска: Соработката со општините е клучна, инвестираме во проекти од кои директна придобивка имаат нашите граѓани

Во Министерството за труд и социјална политика, денес се потпишаа договори за соработка и договори за групна набавка со општините Карбинци, Дебар и Македонски Брод од страна на министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и градоначалниците на општините.
Договорите за соработка и за групна набавка помеѓу Министерството за труд и социјална политика и Општина Македонски Брод се однесуваат за изведување на градежни работи за реконструкција со пренамена на детска градинка во Центар за дневен престој за деца со пречки во развој за 24 корисници поделени во две групи по 12 корисници.
Предвидените активности се согласно Програмата на Владата на Република Северна Македонија за изградба, опремување и одржување на објекти за социјална заштита и домови за стари лица за 2023 година. Министерството се обврзува од својот буџет за 2023 година да обезбеди средства за изведување на градежните работи, кои се предмет на договорот. Договорите се потпишаа од страна на министерката Јованка Тренчевска и градоначалникот на Општина Македонски Брод, Жарко Ристески.
Договорите за соработка и за групна набавка помеѓу Министерството за труд и социјална политика и Општина Карбинци се однесува за реализација и финансирање на активности за изведување на градежни работи за Доградба на постоечка детска градинка во Oпштина Карбинци село Таринци, со капацитет од 48 деца.
Предвидените активности се согласно Програмата на Владата на Република Северна Македонија за изградба, опремување и одржување на објекти за детска заштита за 2022 година, како и согласно Програма за изградба, опремување и одржување на објекти за детска заштита за 2023 година. Министерството за труд и социјална политика се обврзува од својот буџетот за 2023 година да обезбеди средства за изведување на градежно занатски работи за доградба на детска градинка, а Општина Карбинци да учествува во адаптација и пренамена на стариот дел на објектот и во набавка на опремата. Договорите се потпишаа од страна на министерката Јованка Тренчевска и градоначалникот на Општина Карбинци, Виктор Паунов.
Договорите за соработка и за групна набавка помеѓу Министерството за труд и социјална политика и Општина Дебар се однесуваат за изведување на градежни работи за измени во тек на градба за доградба на детска градинка Брешиа во Дебар, кој ќе биде во состав на ЈОУДГ ,,Брешиа“ – Дебар, со капацитет од 62 деца.
Предвидените активности се согласно Програмата на Владата на Република Северна Македонија за изградба, опремување и одржување на објекти за детска заштита за 2021 година. Министерството за труд и социјална политика се обврзува од својот буџет за 2023 година да обезбеди средства за изведување на градежни работи за измени во тек на градба за доградба на детска градинка Брешиа во Дебар и опремување на истата. Договорите се потпишаа од страна на министерката Јованка Тренчевска и градоначалникот на Општина Дебар, Хекуран Дука.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.