Македонија
Трипати повеќе напади врз новинари годинава во споредба со лани

Додека не бидат решени и санкционирани сите убиства, физички напади и смртни закани кон новинарите, 2 ноември ќе биде потсетник за високите цени што ги плаќаат новинарите што работат во интерес на граѓаните, соопшти Здружението на новинарите на Македонија.
Во Северна Македонија бројот на напади против новинари во споредба со минатата година е тројно зголемен (од 4 на 14) и повеќе од половина биле против жени новинарки.
Пораките од институциите се далеку од охрабрувачки: од 2014 година Мрежата на безбедни новинари забележа 774 инциденти: 43 во Црна Гора, 64 во Хрватска, 72 во Северна Македонија, 128 во Косово, 171 во Босна и Херцеговина и 296 во Србија. Многу од овие случаи сè уште остануваат нерешени. Истрагите за 14 напади врз 19 репортери и новинари од страна на полицијата и граѓаните за време на протестите во Србија, од кои 6 мораа да бидат хоспитализирани, полека одат напред. Еден случај е решен, а 9 случаи се под истрага на обвинителот.
Мрежата на безбедни новинари ги потсетува граѓаните од регионот дека новинарите се изложени на ризик да им ги доставуваат информациите од јавен интерес и ги повикува да застанат против тоа. Државните институции, како јавните обвинители и полицијата, мора сериозно да ги сфатат нападите врз новинарите, да ги испитаат и да ги изведат сторителите пред лицето на правдата. Со тоа тие ќе ја потврдат нивната посветеност на слободата на медиумите. Одолжувањето, неподготвеноста и одбивањето да се поведат обвиненија по службена должност, во комбинација со вербални напади од високи функционери, негативни кампањи во медиумите и разни видови притисоци, резултираат во непријателско опкружување, што дополнително ги загрозува новинарите.
Секој напад врз новинари е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МОН: Системски го решивме прашањето со набавка и испорака на учебници, испечатени се и доставени до сите училиштата

Четири министри во Владата на СДСМ раководеа со Министерството за образование и наука во период од седум години и не успеаја да обезбедат учебници ниту за основците, ниту за средношколците. Сега кога ситуацијата е надмината, оваа политичка партија чија слаба страна е образованието, се обидува токму во оваа област да собира политички поени, велат од МОН.
„Не им успева, бидејќи учебници има. Целиот тираж кој беше побаран од училиштата е испечатен и испорачан. Сегашното раководство системски го реши овој предизвик од минатото, со ново законско решение во чија изработка учествуваа сите засегнати чинители, како и со интензивен ангажман на надлежните институции, органи и тела.
Испечатени се сите претходно одобрени учебници по сите предмети. За прв пат по цели седум години, обезбедени се и нови учебници по странските јазици во сите одделенија. Целосно нови учебници има во седмо одделение во основното образование и во прва година во гимназиско образование, поради примената на нови наставни програми од оваа учебна година“.
Најавуваат дека обновата на наставните програми и на учебниците ќе продолжи и во следниот период, затоа што, како што велат, тие се основата на квалитетното образование, заедно со наставниците и инфраструктурните услови.
„Помина времето на негрижа кон образовниот систем, учениците, наставниците и родителите. Промените се случуваат, а ефектот ќе се огледа преку новите генерации кои ќе располагаат со поконкурентни знаења и потребните вештини за успех“.
Македонија
18 проценти од сите смртни случаи годишно во Македонија се последица на штетни честички во воздухот: Европската зелена партија со поддршка за ДОМ

Европската зелена партија испрати јасна порака за поддршка на зелената партија ДОМ, истакнувајќи ја итната потреба од одлучни политики за чист воздух и одржливо управување со отпадот во Македонија, соопшти ДОМ.
Во својата објава, Европската зелена партија посочува дека речиси 18% од сите смртни случаи годишно во Македонија се последица на изложеност на штетни честички во воздухот. Лошото управување со отпадот предизвикува пожари и токсичен чад, што ја зголемува загриженоста кај населението.
„Како одговор, граѓаните излегоа на улица, барајќи чист воздух и безбедно управување со отпадот. Властите и локалните претставници мора да дејствуваат за да ги заштитат своите граѓани“, стои во реакцијата на Европската зелена партија.
Од ДОМ велат дека е нагласена поддршката за барањата на оваа партија за национален план за управување со отпад, современи мерни станици за квалитет на воздухот и итен мораториум на дивите депонии.
„Со оваа поддршка, зелената партија ДОМ ја зацврстува својата улога како автентичен глас за зелена иднина на Македонија и како дел од европското семејство на зелени партии. Во пресрет на локалните избори, зелената партија ДОМ заедно со граѓанските и политичките партнери во „Коалицијата за зелена иднина“ ќе продолжи да се бори за здрав воздух, чиста животна средина и фер управување со јавните ресурси – вредности што се темел на европска Македонија“.
Македонија
Утре со ведро и посвежо утро, преку денот сончево

Утре ведро и посвежо, преку денот сончево. Ќе дува слаб до умерен, наместа долж Повардарието повремено засилен северен ветер (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 15, а максималната ќе достигне од 20 до 28 степени.
Во Скопје, сончево. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен северен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Во наредните денови следува период на сончево време со посвежи утра, а дневната температура ќе биде во постепен пораст. Особено топло ќе биде во деновите од викендот и во почетокот на следната седмица.