Македонија
Три лица со македонско државјанство се на списокот на австриската полиција за терористичкиот напад
Австриската полиција ја известила македонската полиција дека три лица поврзани со терористичкиот напад во Виена имаат и македонско државјанство.
Секторот за меѓународна соработка во МВР од утрово ѝ е ставен на располагање на австриската полиција, а за случајот разговарале и премиерите Себастијан Курц и Зоран Заев.
„Денеска, од австриската полиција преку Европол до Министерството за внатрешни работи беше доставено барање за соработка и информации за терористичкиот напад што се случи синоќа во Виена. Од списокот на австриската полиција, кој е доставен до повеќе полиции, меѓу кои и нашата, утврдено е дека три лица, покрај австриското, имаат и државјанство на Република Северна Македонија, и тоа К. Ф. роден во Модлинг, Австрија, А. Г. роден во Сент Полтен, Австрија, и У. А. роден во Виена, Австрија. Секторот за меѓународна полициска соработка при МВР веднаш им се стави на располагање на колегите од Австрија и интензивно соработуваме на сите елементи поврзани со овој случај“, велат од МВР.
Од Министерството за внатрешни работи велат дека е остварена и директна комуникација меѓу премиерите Заев и Курц.
„Премиерот Курц изрази благодарност до премиерот Заев за искажаната солидарност и поддршка. Премиерите изразија подготвеност да ги продолжат комуникацијата и соработката во врска со терористичкиот напад доколку австриските служби утврдат таква потреба“, соопшти МВР.
Во синоќешниот терористички напад во Виена убиен беше напаѓачот Кујтим Фејзулаи, чии родители потекнуваат од тетовското село Челопек, откако беа убиени четворица, а повредени седумнаесетмина цивили.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски со порака до градоначалниците: Разгледајте ги можностите кои ги нуди Ресурсниот центар, побарајте експертска помош
Сакам да упатам јасна порака до секој градоначалник, без разлика дали води голема урбана општина или мала рурална заедница: разгледајте ги можностите кои ги нуди Ресурсниот центар, користете ја поддршката, побарајте експертска помош таму каде што постојат предизвици или недостиг на капацитети. Ова не е слабост – ова е мудрост во управувањето, изјави премиерот, Христијан Мицкоски, на отворањето на настан по повод воспоставувањето на Ресурсниот центар за поддршка на развојот на општините.
Тој информира дека проектот има за цел да ги адресира длабоките системски предизвици – преку подобрено управување, унапредени институционални капацитети и развој на одржлива инфраструктура.
„Тоа не се технички реформи, тоа е визијата на држава што сака да биде модерна, функционална и ориентирана кон резултати. Доброто владеење е повеќе од административна функционалност. Тоа значи институции што работат со интегритет, со координација, со отчетност – како на национално, така и на локално ниво. А токму во оваа рамка, децентрализацијата е еден од најважните столбови“, рече Мицкоски.
Тој кажа дека иако изминатите две децении се вложени значајни напори за развој на децентрализацијата, резултатите сè уште не се на нивото кое граѓаните го заслужуваат.
„Особено во делот на квалитетните јавни услуги, управувањето со ресурсите, како и во создавањето услови за локален економски развој. Локалните власти се одговорни за многу клучни политики кои секојдневно го допираат животот на граѓаните – и токму затоа мора да бидат силни, стручни и ефикасни. Ресурсниот центар е нашиот заеднички одговор на овие реални предизвици. Владата, преку Министерството за локална самоуправа, создава механизам со кој општините добиваат стратешка поддршка, експертиза и инструменти за подобра имплементација на децентрализацијата и на рамномерниот регионален развој. Зајакнувањето на општините не е трошок – тоа е инвестиција. Инвестиција во подобар живот, во одржлив развој, во стабилност на локалните заедници и во функционална држава што знае каде оди и што гради“, рече Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Со кое лице судиите и обвинителите бараат зголемени плати
Според Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ, дел од правосудните органи, односно судии и обвинители, кои се инкриминирани и инфилтрирани од поранешната власт на СДС и ДУИ, се погласни во своите барања за зголемени плати, а правдата никако да ја донесат.
„Со само 2% доверба, една од најлошите статистики во светот, дел од судиите и обвинителите бараат да стигнат и до 360.000 денари плата, а за возврат наместо правда, тие стануваат активни чинители на неправдата.
Со кое лице овие правосудни органи, бараат зголемување на платите, дури поголемо и на оние најразвиени држави, кога за украдени 150 ќебапи се добиваат 3 години затвор, за кубење на коса се добива 4 години затвор, а за пожар во болница каде што живи горат 14 сограѓани, директорите на болницата добиваат по 1,5 година затвор. Секако, тогашниот министер за здравство, а сега актуелен претседател на СДС, Венко Филипче, кој е директно одговорен за овој случај, не е повикан ниту на разговор“.
Со кое лице, додава Манасиевски, бараат истите од 160.000 па се до 360.000 денари плата, кога, како што вели, годишно работат предмети под европскиот просек.
Според него, македонските судии и обвинители, работат годишно околу 170 предмети годишно, а просекот е нешто над 200 предмети.
„Со кое лице овие судии и обвинители бараат зголемени плати кога поранешни Врховни судии, членови на судски и обвинителски совет, се фатени со мито, па на крај се спогодуваат со други судии, за да не одлежат казна? Каде е тука правдата и одговорноста? Кој вели дека овие што им досудиле спогодба нема и понатаму да одработуваат и да се спогодуваат и со други криминални и корумпирани структури?
Поголемиот дел од судството и обвинителството се чесни и докажани луѓе во својата област. Но, не можат да дојдат до израз токму од овие корумпирани и до гуша заглавени судии и обвинители, кои одработуваат за една или друга партија, или за Струмичко Муртино или Кичевски Зајас?
Потребни се реформи, а не зголемување на платите. Секако нашите правосудни органи земаат едни од највисоките плати во регионот, а имаат само 2% доверба“.
Македонија
Висока делегација на МВР на средба со амбасадорот на ОАЕ
Денеска висока делегација на Министерството за внатрешни работи, составена од шефот на кабинетот на министерот Ристо Ставревски и државниот советник во кабинетот на министерот Владимир Велковски, во име на министерот Панче Тошковски оствари работна средба со вонредниот и ополномоштен амбасадор на Обединетите Арапски Емирати со седиште во Рим, Абдула Али Атек Обаид Алсубуси кој во периодот од 24 и 25 ноември е во официјална посета на нашата земја.
„На средбата беше потврдено дека билатералните односи и соработка меѓу Македонија и ОАЕ се со висок степен на пријателство и меѓусебно разбирање со голем потенцијал за натамошно унапредување и продлабочување на соработката во сите области од заеднички интерес, која особено се интензивираше со склучување на меморандумите за разбирање за борба против тероризам и за меѓусебно признавање и размена на возачки дозволи“, соопшти МВР.
Ставревски ја истакна и се заблагодари за поддршката и посветеноста на Владата на Обединетите Арапски Емирати, а особено на Министерството за внатрешни работи на оваа пријателска земја на развојот на капацитетите на Министерството во борбата против организираниот криминал и екстремизмот, изразувајќи увереност дека истата ќе продолжи со несмален интензитет и во иднина.
Меѓу другото, на средбата беше истакнато дека акцентот на билатералните односи меѓу двете држави е ставен на унапредување на економската соработка, особено, на привлекување арапски инвестиции во нашата земја.

