Македонија
Турција го раскина договорот со Македонија за признавање на дипломите на сите образовни нивоа
Турција го поништи договорот со Македонија во областа на образованието за меѓусебно признавање на дипломите. Документ кој го обезбеди Алсат М телевизија е одобрен на 12 декември минатата година на предлог на Министерството за надворешни работи на Турција од 22 ноември 2016 година.
Одлуката која веќе е објавена и во Службениот весник на Турција се однесува на договорот постигнат меѓу двете земји на 6 јули 1998 година, со кој Турција и Македонија воспоставија признавање на дипломите на сите нивоа на средно и високо образование. Одлуката на турските власти е потпишана од претседателот Реџеп Тајип Ердоган и стапува на сила на 11 февруари 2017 година и со ова се враќа ситуацијата од пред 1998 година кога двете земји не ги признаваа дипломите во образованието.
„Договорот потпишан на 6 јули 1998 година во Скопје, меѓу Република Турција и Република Македонија со број 98/11600, кој стапи на сила на 12 јули 1998 година во врска со признавање на дипломите за средни образованија, високи образованија, магистерски и докторати, од денот 11 февруари, 2017, се УКИНУВА. Врз основа на предметот со протоколарен број 11494949, од 22 ноември 2016 година на Министерството за надворешни работи и според Законот 244, член 3, со датум 31 мај 1963 година, оваа одлука е донесена на состанокот на Советот на министрите на 12 декември 2016 година“, гласи одлуката на Турција, пренесува Алсат М.
Властите во Скопје велат дека не се официјално информирани за одлуката на своите колеги од Анкара. Алсат М контактираше со министерот за образование, Пиштар Љутфиу, кој рече дека не верува дека има причина за раскинување на договорот. Остануваат нејасни причините за острата одлука на турската влада во време кога односите меѓу двете земји имаат тензии поради турското барање за затворање на училиштата и фондациите поддржани од проповедникот Фетулах Ѓулен. Македонските власти го земаа на разгледување барањето, но не донесоа конкретна одлука за училиштата „Јахја Кемал“ во Македонија, бидејќи тие заклучија дека работат во согласност со Законот./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски – Прево: Белгиска поддршка на Македонија во нејзината европска интеграција
На покана на министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес во официјална посета на Република Северна Македонија престојува заменик-претседателот на Владата и министер за надворешни работи, европски прашања и развојна соработка на Кралството Белгија, Максим Прево.
Централни теми на разговорите беа напредокот, развојот и перспективите на севкупните билатерални политички и економски односи со Белгија, со посебен акцент на процесот на проширување на Европската Унија и, во тој контекст, реафирмирањето на натамошната белгиска поддршка на македонската европска интеграција.
Министерот Муцунски изрази задоволство од билатералните односи меѓу двете земји и упати благодарност за принципиелната и конструктивна белгиска поддршка во процесот на евроинтеграција. Тој нагласи дека Владата е цврсто посветена на спроведување на клучните реформи, вклучително Реформската агенда, како и на целосно усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија.
„Особено ја цениме јасната позиција дека евроинтегративниот процес мора да се темели на исполнување на копенхашките критериуми од страна на земјите кандидати, но и на подготвеноста на самата Европска Унија да ги спроведе неопходните внатрешни реформи за прием на нови членки“, истакна министерот Муцунски.
Заеднички беше оценето дека македонско-белгиските односи се на високо ниво, при што беше реафирмирана подготвеноста за нивно натамошно продлабочување, особено во делот на економската соработка, зголемувањето на трговската размена и привлекувањето нови белгиски инвестиции.
Министерот Прево истакна дека Белгија останува посветена на унапредување на билатералните односи, врз основа на традиционалното пријателство и меѓусебната доверба. Тој изрази задоволство од посветеноста на земјава кон реформските процеси и европската интеграција, особено во делот на усогласеноста со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, и потврди дека Белгија ќе продолжи да биде силен поддржувач на процесот на проширување, врз основа на постигнатите резултати.
На средбата стана збор и за актуелните геополитички предизвици. „Разговаравме и за потребата од мудри, но и храбри геостратешки одлуки во време кога европската безбедносна архитектура се соочува со сериозни искушенија“, заклучи министерот Муцунски.
Македонија
Савески во Врховниот суд: разговарано за поефикасно постапување по предметите во надлежност на највисокиот суд
Во рамките на заложбите за поефикасна координација меѓу Јавното обвинителство на РСМ и Врховниот суд на РСМ, државниот јавен обвинител Ненад Савески денеска оствари работна средба со претседателот на Врховниот суд Африм Фидани.
Тие разговараа за повеќе прашања кои треба да овозможат поефикасно постапување по предметите во надлежност на највисокиот суд, а по кои постапува и републичкото обвинителство.
Во исто време, Савески го запозна Фидани со плановите за воведување нов систем за електронско управување со предметите во обвинителствата, кој во иднина треба да овозможи и побрза дигитална размена на податоци со судовите.
По преземањето на функцијата, Савески минатата недела го посети и Уставниот суд.
Македонија
Сиљановска-Давкова постхумно го одликува Анастас Коцарев со Орден „Илинден – 1903 година“
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова постхумно го одликува Анастас Коцарев со Орден „Илинден – 1903 година“ за неговиот особен придонес во афирмирањето на самобитноста на македонскиот народ и за залагањето и активизмот за национално и социјално ослободување и создавање независна македонска држава.
Во своето обраќање таа истакна дека постхумното одликување на Анастас Коцарев претставува чин на исправување на историската неправда, но и можност државата да се самопотврди преку делото на научник од светски ранг.
Според неа, доделувањето на орденот „Илинден – 1903 година“ не е само свеченост, туку и значаен момент на збогатување на националната историја со личност чие влијание било тивко, но длабоко и далекусежно како во науката, така и во општествено-политичкиот живот.
Сиљановска-Давкова истакна дека неговиот пат од Охрид до најпрестижните европски универзитети сведочи за висок професионален дострел и успех, но и за компаративност, компатибилност и компетитивност со најголемите научни умови, како Марија Склодовска-Кири.
Таа посочи дека Коцарев не бил само врвен научник, туку и активен борец за македонската кауза, вклучен во меѓународни иницијативи и движења за признавање на правото на самоопределување на македонскиот народ.
Претседателката укажа дека со ова признание „заборавениот Македонец“ станува незаборавен и најави дека куќата во Охрид каде што Анастас Коцарев е роден ќе добие симболично обележје.
