Македонија
Укинат притворот за шестемина осомничени за упадот во М-НАВ

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје до судии на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, денеска, достави предлози за укинување на мерките за обезбедување присуство, односно мерките притвор и куќен притвор, за шест лица осомничени за кривичното дело загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај од чл. 303 ст. 2 вв со чл. 22, а поврзани со случувањата од 4 јануари во М-НАВ, и определување мерки за претпазливсот.
„Постапувајќи по предлогот на јавниот обвинител, а ценејќи ги приложените факти, судиите на претходна постапка го прифатија предлогот на јавниот обвинител и донесоа решенија со кои за А. О., Р. Б. и Љ. Ќ. ја укинаа мерката куќен притвор, а за С. Ш., О. А. и Е. С. ја укинаа мерката притвор и им определија мерки за претпазливост од чл. 146 ст. 1 т. 1, 2. 3 и 6, односно забрана за напуштање на живеалиштето, односно престојувалиштето, одземање патна исправа и забрана за издавање нова, обврска обвинетиот да се јавува во судот и забрана за приближување или воспоставување врска со одредени лица“, соопшти Основниот кривичен суд Скопје.
Против овие решенија странките имаат право на жалба до Кривичниот совет на овој суд.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Подготвени сме за сите изборни сценарија – за локалните, но и за евентуални предвремени парламентарни избори

СДСМ е целосно подготвен за сите можни изборни сценарија – како за редовните локални избори, така и за евентуални предвремени парламентарни избори, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Како што информираше, процесите во рамките на партијата во поглед на локалните избори веќе се во тек – се спроведуваат внатрепартиски анкети во повеќе општини, се одвиваат разговори на различни нивоа, и околу десетина кандидати за градоначалници ќе бидат промовирани во текот на следната недела.
„Коалицијата предводена од СДСМ, во која учествуваат 14-15 партии, начелно ќе настапи заеднички на локалните избори. Разговорите за советничките листи се започнати, иако не во сите општини со иста динамика, имајќи предвид дека во одредени општини партиите ќе настапуваат самостојно. Но, останува определбата за заеднички настап како коалиција“, истакна Филипче.
Паралелно, додаде, започнати се и првични иницијативи за разговори со потенцијални албански коалициски партнери.
Филипче истакна дека СДСМ останува отворен за разговори со сите политички субјекти и е целосно подготвен да одговори на секој можен политички развој во наредниот период.
Македонија
(Видео) Филипче: Владината коалиција е нефункционална

Тоа што се случува во владината коалиција укажува на тоа дека таа е нестабилна и не функционира добро. Ваква е оценката на претседателот на СДСМ, Венко Филипче во однос актуелните случувањата во владината коалиција.
„Во краток временски период јавноста е сведок на дијаметрално спротивни изјави во однос на можноста за предвремени избори, што го ставам во контекст на односите во рамките на коалицијата. Дека не функционира таа коалиција, практично граѓаните тоа на своја кожа го чувствуваат секој ден“, потенцираше Филипче во одговор на новинарско прашање.
Тој упати критики и за севкупниот перформанс на Владата што, како што оцени, на повеќе нивоа е загрижувачки.
„Една лоша стратегија во економијата, немање реализација на капиталните инвестиции, огромен број на институции коишто не делат плата на вработените. Внимавајте, клучни институции посебно во овој временски период по трагедијата во Кочани – дел од инспекторатите се без плата, дел од социјалните служби, Министерството за култура, Министерството за економија, едноставно лош перформанс на владата“, оцени претседателот на СДСМ.
Според него, особено загрижувачка е селективноста на истрагата за трагедијата во Кочани, со која, како што реле, наместо целосна одговорност, се прикриваат поединци и функционери од Министерството за внатрешни работи.
Македонија
Муцунски и црногорскиот министер: Заеднички чекориме кон ЕУ, успехот на која било земја е добра вест за сите

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска беше домаќин на заменик-претседателот на Владата за меѓународни односи и министер за надворешни работи на Црна Гора, Ервин Ибрахимовиќ.
На средбата, двајцата министри се согласија дека посетата претставува потврда за одличните пријателски односи и соработка меѓу двете земји, засновани на заемна поддршка и почитување.
Министрите изразија задоволство од нивото на политичкиот дијалог и оценија дека постои простор за натамошно зајакнување на економската и трговската соработка.
Акцентот на разговорите беше ставен на пристапните преговори со Европската Унија и можностите за размена на искуства во насока на полноправно членство. Со посебен акцент се осврнаа на процесот на европската интеграција на двете земји.
„Заемната поддршка која ја искажуваме на планот на европската интеграција претставува најдобар пример за нашата одлучност за напредок на овој план, кој ќе ни обезбеди сигурност, стабилност и напредок во просперитетна Европа, кон која целиме“, истакна министерот Муцунски во изјавата по средбата.
Во оваа насока, црногорскиот министер Ибрахимовиќ додаде дека земјите од Западен Балкан заеднички чекорат кон Унијата и дека секој успех на било која земја од регионот е добра вест за сите.
Во рамки на посетата, беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу двете министерства за надворешни работи во областа на дипломатската обука, со што се отвораат дополнителни и конкретни можности за интензивирање на меѓусебната соработка.