Македонија
Не можам да бидам портпарол на семејства на министри, рече Ковачевски за вработувањата на роднини во М-НАВ
Премиерот Димитар Ковачевски вели дека не може да биде портпарол на семејства на министри ниту, пак, претендирал да биде, одговарајќи на новинарско прашање како го коментира тоа што половина Влада има вработени блиски луѓе во М-НАВ.
Премиерот одговори дека министрите што имале вработено некои роднини веќе си даваат свои ставови, а неговото мислење во однос на оваа тема секогаш било принципиелно.
Ковачевски ја доведе во прашање и транспарентноста при вработувањата во правосудстсвото и министерствата коментирајќи дека тоа е карактеристика на земјите во транзиција.
„Ако се отвори темата, треба да проверите и во Академијата на судии, кој сè станал судија и обвинител, па во министерствата на времето имаше еден поранешен министер, кој сега е гласен, а дури и дадилката си ја вработи во МНР. Тоа е карактеристика на едно општество во транзиција. Такви се сите држави во транзиција кога првобитното формирање на администрацијата има разни примеси“, рече премиерот.
Додаде дека веќе доаѓа време кога професионализмот ќе биде најклучен.
„Ова е држава што се развива, се разликува од пред 32 години и сметам дека професионалците ќе ја водат државата во иднина и до полноправно членство во ЕУ“, рече Ковачевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски: Денес работничките права се прекршени и погазени, државата не води грижа за тие кои се р`бетот на економијата
Денес работничките права се прекршени и погазени. Државата многу малку води грижа за тие кои создаваат и се р’бетот на нашата економија, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„За мобингот врз работниците многу ретко се зборува, но најголемиот проблем се платите кои ги изеде инфлацијата. Тие не се доволни ниту за половина од потребната потрошувачка кошница.
Проблемите се многубројни, но решенијата мора да ги носиме заедно и одлучно. Првиот чекор се промените кои мора да се случат, и тие промени се во ваши раце. Заедно да ја направиме Македонија повторно силна, голема и твоја.Честит 1 мај, меѓународен ден на трудот!, напиша Мицкоски на социјалните мрежи.
Македонија
„Колку повеќе не напаѓаат посилни не прават“ – Работниците дадоа црвен картон на судот поради обидите за притисоците врз синдикатите
Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов на денешниот протест порача дека работниците даваат црвен картон на Врховниот судот за неговата одлука да им биде одземен Работничкиот дом, појаснувајќи дека со тоа се направени обиди за притисок врз синдикатите.
„Денеска ние работниците се собравме пред работничкиот дом, домот кој сакаат да го конфискуваат од нас за да го уништат синдикалното движење. Работничкиот дом пред кој повеќе од 70 години ги започнуваме сите протести, сите штрајкови и денеска го започнуваме со големиот работнилки протест. Ние работниците дадовме црвен картон на судот заради тоа што направи обид да изврши притисок врз синдикатите да ги уништи, дозволи функционерска чизма на вратот на работниците за да молчат, да бидат понизни, тоа што го направија денеска го гледаме на дело. Ние синдикатите, ние работинците, ние граѓаните, пензионерите сме тука за да покажеме дека колку повеќе не напаѓаат, не прават посилни и коку повеќе пробуваат да ги уништат синдикатите ние се повеќе сме силни“, изјави Трендафилов.
Пред зградата на Работничкиот дом, каде е сместено седиштето на ССМ во Скопје почна протестот на Сојузот на синдикати организиран по повод Меѓународниот ден на трудот.
Пораст на платите во приватниот и во јавниот сектор, минимална плата во износ од најмалку 450 евра во првите 100 дена од новата влада, исплата на трошоците за храна во висина од 20 проценти од просечната плата и исплата на трошоците за превоз, се дел од барањата што Сојузот на синдикати ќе ги испорача на протестот организиран по повод Меѓународниот ден на трудот.
Македонија
Европски фронт: Ветингот, услов за нова Влада
Арта Билали Зендели, претставник на Европскиот фронт на прес- конференција истакна дека ветингот ќе биде услов за новата Влада.
Според неа, без воспоставување на ефикасен механизам и објективен скенер на чистотата на личностите кои преземаат јавна одговорност, како што е проверката, не може да се постигне оптимален напредок во борбата против криминалот и корупцијата.
„Денеска ви ја претставуваме една од заложбите на политичката програма „Европа 2030“ на Европскиот фронт, спроведување на процесот на проверка за сите носители на политички функции и носители на големи одговорности во областа на судството и борбата против криминалот и корупцијата. Без воспоставување на ефикасен механизам и објективен скенер на чистотата на личностите кои преземаат јавна одговорност, како што е проверката, не може да се постигне оптимален напредок во борбата против криминалот и корупцијата. Владеењето на правото, правдата и доброто владеење гарантираат еднаква лојалност и одговорност за секој граѓанин пред законот. Борбата против корупцијата и организираниот криминал ќе продолжи да биде бескомпромисна, со нулта толеранција, но овојпат засилена со точноста на системот за проверка во законодавната, извршната, судската, обвинителството и секоја друга функција во централно и локално ниво, за именувани или избрани лица“, вели Арта Билали Зендели.
Како што вели, ветингот ќе овозможи поголема транспарентност на богатството на кандидатите кои сакаат да преземат јавна одговорност и како се постигнува тоа богатство.
„Ова објективно следење ќе биде поттик за сите и можност за чесни човечки капацитети да излезат на површина за да им служат на потребите на луѓето. Ветингот за корупција е неопходна категорија која еднаш засекогаш ќе ја затвори вратата за поединци кои го ставаат личниот интерес над општото. Европскиот фронт за првпат инсистира и на примена на проверка на руското влијание и антидржавните служби за да се елиминира ризикот од дестабилизација и дезориентација на земјата од евро-американската ориентација. Донесувањето на посебен закон за ветинг ќе биде најсилниот одговор против секоја тенденција за манипулација и злоупотреба на јавната положба“, завршува Арта Билали Зендели.