Македонија
Уставните судии не ја прифатија иницијативата на Чавков за амнестијата

Со шест наспрема три, уставните судии одлучија да не ја прифатат иницијативата на екссиректорот на БЈБ, Митко Чавков, кој го оспори Законот за амнестија од 2018 година за крвавиот четврток.
Спорно, според Чавков беше тоа што станува збор за ист кривично-правен настан, а има нерамноправност во амнестирањето како чин на милост на државата, односно некои биле, а некои не биле амнестирани за истиот настан.
Судијата Стојановски, како судија известител рече дека Уставниот суд не може да се стави во улога на Собранието и да определува кого да амнестира. „Уставниот суд не може да се стави на место на Собранието и да ја врши неговата улога за тоа зошто некои имаат, а некои немаат право на амнестија. Уставното овластување на Собранието е негово право да го определи видот и степенот на кој се однесува амнестијата”, рече Стојановски.
Според него, не се поставува прашањето за согласноста на иницијативата на Чавков со Уставот, бидејќи тоа е прашање за кое расправа и го определува Собранието.
За упадот во парламентот од 27 април 2017 година од 33 обвинети и осудени, 15 беа амнестирани. Чавков беше осуден на 18 години затвор. Меѓу нив се пратениците Крсто Мукоски, Сашо Василески, Јохан Тарчуловски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов, кои потоа гласаа за уставните измени и промена на името.
Амнестирани беа и Богдан Илиевски, Владо Јовановски и Борис Дамовски, кои беа водачи на протестите на „За заедничка Македонија“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЈП „Градски паркинг“ – Скопје ги стави во функција новите смарт апарати за контрола на паркирање

ЈП „Градски паркинг“ – Скопје набави нови 70 апарати (смарт телефони), кои ќе се користат за контрола на паркирањето, односно наплатата на паркирање, како и проверка на правилно, или неправилно паркирање. Денес овие апарати им беа презентирани на вработените контролори кои ќе раководат со нив и истите се пуштени во функција.
За разлика од старите апарати кои беа досега во функција, новите смарт телефони се со побрз андроид оперативен систем и со повеќе перформанси и истите се прилагодливи на нови технологии, односно надградба на целосниот систем.
Преку нив може да се врши контрола за тоа дали возилото е соодветно паркирано, дали се почитуваат местата обележани за лица со попреченост, или станбени сопственици кои имаат обезбедено паркинг простор.
Македонија
Маричиќ смета дека Македонија не изгубила време и е напредна во процесот за пристапување во ЕУ

Македонија не изгубила време и е напредна во процесот за пристапување во Европската Унија. Ова е ставот на вицепремиерот Бојан Маричиќ кој пак додава: „ Далеку сме од тоа да ја завршиме работата“. Не сакаше да лицитира со години кога Македонија ќе биде примена во унијата. Вели дека е оптимист тоа да биде во 2027 година.
„Ако ги гледате извештаите на ЕК, ќе видиме дека државата анализирано по кластери стои добро со државите кои разговараат 10 години. Значи не сме изгубиле време. Далеку сме од тоа да ја завршиме работата. Но, сме со цел да ја исполниме во реален рок. Најоптимистички, рамката за претпристапна помош завршува во 2027 година, а ние треба да се бориме таа да важи за што помалку држави, а пристапните фондови за повеќе држави. Не е добро да се лицитира со години, но нам ни е целта првото наредно проширување, кога и да се случи, С. Македонија да биде дел од тоа проширување. Тоа е достижно ако работиме во имплементација на стандардите на ЕУ“, кажа Маричиќ.
Прашан кога ќе бидат достапни пристапните фондови, кои важат за државите кои преговараат за Европската Унија, Маричиќ не одговори. Тој наместо одговор на ова прашање кажа: „До фондовите кои важат за државите членки, ќе имаме пристап кога ќе станеме држава членка“.
Македонија
Хелсиншкиот комитет повика на јавна осуда за ширењето меѓуетничка омраза

Хелсиншкиот комитет за човекови права со загриженост констатира дека државната прослава на годишнината од потпишувањето на Охридскиот договор во организација на Владата, наместо да има обединувачки карактер, беше уште еден повод за ширење омраза и меѓуетничка нетрпеливост.
Од Хелсиншкиот велат дека најавата на водителката на македонски јазик, која беше исвиркана од страна на присутните, директно се коси со идејата за мултикултурен фестивал и предизвикува омраза меѓу етничките заедници во државата. Уште повеќе, како што додаваат, загрижува отсуството на осуда од страна на Владата, кое дополнително влијае на поларизацијата во општеството.
Хелсиншкиот комитет во континуитет го следи и реагира на говорот на омраза, кој е еден од главните фактори кои водат до злосторства од омраза. Притоа, етничката припадност години наназад доминира како најчест основ за говорот и делата од омраза, а најбројни извршители и жртви се младите луѓе. Токму затоа. Хелсиншкиот комитет смета дека јавната осуда е најмалку што може да го сторат политичките структури, особено во ситуација кога другите механизми за справување со овој феномен се практично нефункционални.
Се додава дека без јасна и недвосмислена осуда на лицата кои што ги разгоруваат меѓуетничките односи, несомнено се обесмислува и прославата за Охридскиот договор, во чиј дух е содржан соживотот, мирот и инклузивноста во општеството.
„Политичарите не смеат да го нормализираат говорот на омраза, затоа што така и самите придонесуваат во потхранување на атмосферата на поделби, тензии и дестабилизација. Хелсиншкиот комитет уште еднаш ја повикува Владата да ги осуди изливите на омраза и суштински да се посвети на социјалната кохезија во државата“, се наведува во реакцијата.