Македонија
УЈП во 2025 собрале над четири милијарди евра од даноци
Управата за јавни приходи денеска информира дека во 2025 година во националниот буџет се собрани 4 милијарди и 426 милиони евра од даноци и социјални придонеси, што е 308,3 милиони евра повеќе во споредба со 2024 година.
Од вкупниот износ, како што посочуваат од УЈП, даночните приходи изнесуваат 2 милијарди и 334 милиони евра, при што е остварен раст од 7,5 проценти, односно 163,2 милиони евра повеќе од лани. Нагласуваат дека порастот е континуиран во текот на целата година, со поизразено темпо во втората половина од 2025 година, кога е реализиран околу четири петтини од годишниот раст.
-Приходите од ДДВ се темелат на стабилен раст на наплатата на данокот платен за промет во земјата, при што во повеќе месеци е забележан пораст од 10 до 13 проценти во однос на истиот период минатата година. Кај данокот на добивка растот произлегува од аконтативното плаќање за 2025 година на повисока даночна основица, како и од зголемената наплата на задржан данок од дивиденди и други приходи исплатени кон странски основачи и партнери на компаниите, каде што е регистриран раст од над 30 проценти. Во делот на данокот на личен доход, најголемо учество има данокот на плати кој бележи стабилен месечен раст и вкупен пораст над 10 проценти, а висок раст е остварен и кај данокот на доходите од договорни услуги, земјоделство и самостојна дејност. Кај социјалните придонеси се собрани 2 милијарди и 92 милиони евра, што е 145,2 милиони евра повеќе од 2024 година, односно раст од 7,5 проценти, соопштуваат од УЈП.
Овие резултати, како што посочуваат, се должат на засилената навремена наплата на обврските со заедничка одговорност на даночните обврзници, раното интервенирање и доследната примена на законските мерки.
Од Управата за јавни приходи најавуваат дека и во 2026 година ќе продолжат со активности за ефикасно, правично и транспарентно собирање на јавните приходи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

