Македонија
ФЗО договарал соработка за ампули парацетамол без да ја утврди потребата и да ги консултира лекарите
Еден ден откако „Макфакс“ објави дека Фондот за здравствено осигурување ги обврзува матичните лекари да намалуваат температура со парацетамол од една веледрогерија, од институцијата одговорија делумно на прашањата. Од ФЗО тврдат дека постојната објавена листа на задолжителна ампуларна терапија е важечка и нема никакви измени. Тие испратиле и линк до договорите кои Фондот ги склучува со приватните задравствени установи, иако тоа не го баравме.
Од Фондот велат дека документот што го објави „Макфакс“, а на кој се потпишани двајцата директори на ФЗО, е деловна преписка меѓу Фондот и една фирма и е првичен одговор кој е доставен само до подносителот. Тоа значи дека ФЗО се договорал со подносителот без претходно да ги консултира еснафските здруженија. Информациите на „Макфакс“ говорат дека, сепак, до матичните лекари стигнувале меилови, со кои им е испратен ваков допис.
Но, од ФЗО не одговорија на прашањата зошто токму таа доза парацетамол (1000 mg/6,7 ml.) е наведена како задолжителна и врз основа на кои медицински сознанија, анализи, односно медицина базирана на докази, е утврдена потребата од дополнување на ампуларната терапија и тоа токму во горепропишаната дозна јачина.
Овие ампули во пропишаната доза од Фондот, во Македонија го увезува само веледрогеријата „Марти-Алко ДОО“ под името „апотел“. Производител на оваа ампула е грчка фирма, а во едно пакување има 3 ампули. Oд веледрогеријата вчера не беа достапни за коментар.
Лилија Чолакова Дервишова, претседателката на Здружение на приватни лекари на РМ, за „Макфакс“ изјави дека овој лек се пушта венски во инфузија и е хепапатотоксичен и нефротоксичен. „Чудно е што прво меилот го добивме од фармацевтската компанија“, вели Чолакова. Таа додаде дека во ниедна медицина базирана на докази не пишува дека матичниот лекар треба да пушта антипиретици за намалување температура. Вели, важно е да се рехидрира телото, да се тушира, да се пијат течности, можеби со аналгин, а последна опција е ваков антипиретик. „Никогаш не препорачуваме веднаш да се вклучи лекот. Ампулите не се бонбони“, раскажува Чолакова Дервишова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Електронските документи издадени од јавни органи печатени на хартија ќе имаат иста правна и доказна сила како и оригиналниот документ со традиционален печат
Министер за дигитална трансформација, Стефан Андоновски информира дека од денес секој електронски документ од Националниот Портал и другите државни институции можете да го употребувате и испечатен.
„Со измените на Законот за електронски документи се предвидува дека електронските документи издадени од јавни органи, печатени на хартија нема да подлежат на процесот на верификација, туку ќе имаат иста правна и доказна сила како и оригиналниот документ со традиционален печат. Нивната валидност ќе може да се потврди со скенирање на QR-кодот на документот, кој води до оригиналот на документот.
Вака се олеснува употребата на електронските документи во административните процедури и се стимулира поголема искористенот на Националниот портал за електронски услуги.
Намален товар врз администрацијата и полесна достапност и ефикасност во обезбедување на административните услуги.
За сите неправилности се предвидува воведување на инспекцискиот надзор (ИКТ инспекција) над примената на законот. Со тоа се обезбедува јасни правила за контролирање на исполнувањето на стандардите и барањата од Законот“, соопшти министерот Андоновски.
Македонија
Најстудено утро во Берово, најмногу снег во Маврови Анови
Утрово најстудено било во Берово каде што се измерени -7 степени, -6 било во Скопје Петровец, -5 во Скопје-Зајчев Рид и Струмица, -4 во Битола, Велес, Куманово и Попова Шапка, -3 во Тетово, Штип, Демир Капија, Кавадарци и Крива Паланка, -2 во Лазарополе, -1 во Гевгелија и Прилеп, 0 во Охрид и Претор, 1 во Виница, Дебар и Маврови Анови, 2 во Крушево.
Висината на снежната покривка утрово во 7 часот изнесувала 45 сантиметри во Маврови Анови, 44 во Попова Шапка, 15 во Крушево и 5 во Лазарополе.
Времето во текот на ноќта и изутринава
Ведро и студено со слаб до умерен ветер претежно од јужен и југозападен правец. Утрово е малку до умерено облачно со појава на магла во одделни котлини (Скопската и Струмичката котлина).
Времето денеска
Променливо облачно со сончеви периоди и со слаб до умерен ветер од јужен правец. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла, а попладне во западните делови врнежи од дожд во пониските места и снег на планините. Во текот на ноќта врнежите ќе се прошират во поголем дел од земјата и во западните делови ќе бидат пообилни (20 л/м2). Со засилен северен ветер врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места. Максималната температура ќе достигне од 7 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне со појава на магла. Во вечерните часови ќе има повремени врнежи до дожд, а во текот на ноќта во повисоките делови од котлината врнежите ќе преминат во снег. Ќе дува слаб јужен, а во текот на ноќта повремено засилен северен ветер. Максималната температура ќе достигне до 8 степени.
Македонија
Обвинение против десет лица осомничени за криумчарење луксузни автомобили
Основното јавно обвинителство Скопје ја заврши постапката за обезбедување докази и поднесе обвинение против вкупно десет лица осомничени дека учествувале во дејствија на криумчарење на луксузни автомобили, како и фалсификување службени и други исправи.
Во текот на 2021 и 2022 година, тие со лажни документи и преправени броеви на шасија, внесувале во земјава автомобили кои биле предмет на меѓународна потрага, како и автомобили за кои на друг начин ја избегнувале царинската контрола.
Двајца од обвинетите се службени лица – референти од Одделението за управни работи во МВР, кои ја овозможувале постапката за регистрација на возилата во државава, иако знаеле дека се криумчарени.
Еден дел од возилата по неколкупати меѓусебно си ги препродавале за да го прикријат криумчарењето, по што ги отуѓувале на крајни корисници.
Во овие активности бил вклучен и 11-тиот осомничен, државјанин на Република Грција, за кого кривичниот прогон ќе биде отстапен грчките органи.
Заедно со поднесеното обвинение, надлежниот јавен обвинител до Судот достави предлог за продолжување на претходно определената мерка притвор за четворица од обвинетите.
По едно лице се трага со веќе распишана меѓународна потерница поради неговата инволвираност во друг сличен предмет со криумчарење луксузни возила кој го водеше Основното јавно обвинителство Скопје.
За еден обвинет на сила се мерки на претпазливост.