Македонија
Филипче: ВМРО-ДПМНЕ ги понижува работниците, нема покачување на платите во ниеден сектор
По детаљната анализата на буџетот, може да се заклучи дека ВМРО-ДПМНЕ не предвидува зголемување на платите во ниеден сектор. Нема да ги почитува обврските од општиот колкетивен договор, нема да има повисоки плати за просветните работници, за здравствените работници, полицијата, Армијата, вели претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
„Не е предвидено ни барањето на синдикатите за зголемување на минималната плата на 450 евра и се доведуваат во прашање колективните договори. Ова е директен напад на правата на вработените и нивно понижување. Со ова ВМРО-ДПМНЕ ја суспендира политиката на континуирано зголемување на платите.
Преку покачувањето на платите СДСМ седум години го јакнеше стандардот на граѓаните и ги поддржуваше за време на економските кризи со дополнителни мерки во висина од 1,3 милијарда евра.
СДСМ останува целосно на страна на работниците и им дава поддршка на синдикатите во битката за остварување на своите права.
Во Собранието остро ќе се спротивставиме на оваа политика и понижувачкиот буџет. Овој буџет, според сите независни експертски анализи, нема да донесе зголемена продуктивност и повисок раст, а ќе донесе огромни задолжувања додека платите на работниците нема да се покачуваат.
Овие катастрофални економски политики уште во првиот месец од мандатот ќе го намалат животниот стандард на граѓаните и ќе донесат економска неизвесност, наведува претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време со дожд и грмежи, температурите во опаѓање
Времето утре ќе биде променливо облачно, а претежно во западните делови од земјата ќе има повремен дожд. Локално се очекуваат услови за краткотраен пороен дожд и појава на ретки грмежи.
Во западните делови ќе дува западен ветер, додека долж Повардарието ќе преовладува северен ветер, кој на места повремено ќе засилува. Минималната температура ќе се движи од 5 до 11 степени, а максималната ќе достигне од 17 до 24 степени.
Во Скопје ќе биде променливо облачно, а во утринските часови во делови од котлината ќе има услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9 степени, а максималната ќе достигне до 20 степени.
Според прогнозата, и во следните денови ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Во попладневните часови на места ќе има услови за развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, а температурите ќе бидат во постепено опаѓање.
Македонија
Ученикот кој беше прободен во училиште во Ченто е во болница и е во добра состојба, вели Стефковски
Ученикот кој вчера беше прободен во основно училиште во Ченто е во болница и е во добра состојба, вели градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски. Нападот го извршил поранешен ученик, а повредениот е ученик во деветто одделение.
„Со жалење и сериозна вознемиреност ја примив информацијата за немилиот настан кој се случил во училиште во Ченто, каде што еден поранешен ученик кој минатата година го завршил своето образование во ова училиште, дошол и повредил ученик од деветто одделение. Во разговор со членови на семејството на повредениот ученик информиран сум дека детето е во добра здравствена состојба и се наоѓа на болничко лекување“, објави Стефковски.
Лицето кое го извршило нападот е уапсено. Според информации во јавноста, нападот се случил во основното училиште „25 Мај“. Од МВР известија дека 15 годишник вчера со остар предмет влегол во училиштето и повредил ученик.
Стефковски го осуди нападот и вели дека насилството не може да се оправда со ништо.
„Општина Гази Баба, останува во постојана координација со надлежните институции кои превземаат мерки за целосно расчистување на случајот“, вели градоначалникот.
Македонија
Во завршна фаза е изградбата на боксерската сала во Битола
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, изврши увид на изградбата, односно завршницата на еден капитален објект за Битола.
Центарот за спорт и спортски активности е еден од шеснаесетте проекти финансирани од Владата на Македонија преку Министерството за спорт со вкупна вредност од над 43 милиони денари.
Надвор во завршна фаза е довршувањето на фасадата на објектот, а во внатрешноста на објектот се довршува подот.
Објектот е на два ката со површина од околу 930 метри квадратни. Има сала за тренинг со боксерски ринг и фитнес справи. Објектот има и соблекувални машки и женски со сопствени тоалети и бањи и тоалет за лица со посебни потреби. На источната страна се просториите за спортско качувачки клуб идентични како на боксерскиот клуб, со сала за тренинг и соблекувални.
Околината на објектот ќе биде партерно уредена и ќе има паркинг.
„Ова ќе биде место за тренинг и подготовка на битолските и македонските боксери. Битола има своја боксерска историја, а во сегашноста и свои шампиони, кои ќе добијат современи и модерни услови за нивните предизвици“, велат од Општината.
