Македонија
Филипче: Главна причина за зголемување на бројката на заболени е непочитување на мерките

Министерот за здравство, Венко Филипче, на денешната прес-конференција истакна дека главната причина за зголемување на бројката на заболени од Ковид-19 се должи на непочитување на мерките за заштита. Тоа се групирање, семејни собири и прослави, свадби, кои се забранети, и слични настани, но и генерално опуштање на граѓаните.
„Ризикот што го носи есента е сериозен аларм дека мора и натаму да дејствуваме за да ги заштитиме и јавното здравје и здравствениот систем. Повторно ќе кажам нема да дозволиме оние што не ги почитуваат мерките да ги изложуваат на ризик критичните, ризични групи граѓани, но и сите други што може да бидат жртви на вирусот, а видовме дека коронавирусот може да биде фатален буквално за секој еден од нас. Поради оваа состојба, веќе почнавме, а уште повеќе во следните денови, ќе ги засилиме контролите за спроведување на мерките и протоколите што се веќе во сила. Сите инспекторати и институции, кои се задолжени за спроведување на мерките, интензивно ќе работат и апелирам состојбата да се сфати сериозно. Апсолутно е недозволиво, покрај сите најави за ризиците што ги носи овој период, сериозен дел од граѓаните и натаму да не ги почитуваат мерките. Недозволиво е сериозен дел и од бизнисите, пред сè, во угостителскиот сектор, да не ги почитуваат превентивните мерки“, рече министерот Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Манасиевски: Раководството на сметководственото биро Левица го покажа вистинското лице, над 2 милиона денари ставиле во џеб

Раководството на сметководственото биро Левица го покажа вистинското лице, над 2 милиони денари ставиле во сопствениот џеб. Апасиев, Мојсоска, Мециновиќ, Крмов и Исмаил, кои како главни ликови од Левица, додека продаваат некаква скромност и неподмитливост во јавноста, си инкасирале во своите џебови над 2 милиони денари од Левица, истакна на прес-конференција Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Президиумот на Левица, односно луѓето кои се пратеници во македонското собрание, водат кампања против своите колеги за добивање законски средства на патни трошоци, а истите од својата партија си повлекуваат слични суми кои се налик на патни трошоци, во вредност над 2 милиони денари.
Дали Левица е политичка партија или сметководствено биро? Дали средствата кои ги добивале раководството на Левица, ги добивале затоа што се сметководители или затоа што земале партиски патни трошоци, прашува Манасиевски.
Вистинскиот проблем, како што вели, е што тие се претставуваат како скромни, неподмитливи и народни.
„Не е проблемот во тоа што земаат средства од својата политичка партија, проблемот е што се дволични. Пред камерите едно, зад нив друго.
Лажното претставување на раководството на Левица е демаскирано“.
Македонија
Мицкоски: Некои од судиите и од обвинителите не ја заслужуваат ниту оваа плата

Премиерот Христијан Мицкоски, денес, одговарајќи на новинарско прашање во однос на реакцијата на судиите и обвинителите за ставот дека нивните плати не се заслужени и обвинувањата од опозицијата за блокирање на процесот на реформската агенда во правосудството, изјави дека на цела македонска јавност ѝ стана јасно дека не зборуваме за суштински реформи во судството и во Обвинителството, туку зборуваме за зголемување на буџетите со цел зголемување на платите.
„Тоа е реформата и добро е што сега македонската јавност може да суди. Дали овие што, не зборувам за сите, ќе повторам, еве нека ми простат, има и такви што си ја вршат својата работа во согласност со законот и Уставот, но има мал делшто го загрозува овој процес, и обвинители и судии, кои не ја заслужуваат ниту оваа плата што ја земаат.
Дали ние ќе одвоиме, да речеме двапати повеќе од некои многу поразвиени земји членки во Европската Унија, еве оставам јавноста и граѓаните да судат за платите на судиите и обвинителите. Тоа е суштината. Значи ние континуирано зборуваме за зголемување на платите на судиите и на обвинителите“.
Мицкоски додаде дека никој не е против измените во Законот за обвинителската и судската служба.
„Тоа се два закона со кои за администрацијата, за вработените во судовите и во обвинителствата ќе ги зголемиме платите. И тоа ќе го направиме и тоа е дел од преговорите што ги водиме со синдикатите и ние сме подготвени тоа да го направиме. Тука никој нема против и тоа ќе го направиме затоа што дискрепанцијата е пет, седум спрема еден помеѓу нивните асистенти и помошници и самите обвинители и судии. И ќе почнеме еден цел серијал на случаи како суделе одделни судии и како обвинувале некои обвинители. Јавноста нека суди дали тие заслужуваат, па да кодошат во Брисел и каде што одат дека Владата не им ги зголемува платите. Еве јавноста нека суди и тие во Брисел нека судат дали овие луѓе што се генератори на корупцијата во државата, наместо да се борат против корупцијата, ја заслужуваат оваа плата“.
Јас не очекувам од тие што ги поставуваа овие судии и обвинители, додаде Мицкоски, да имаат поинаков став од тој што го имаат – заштитнички.
„Ние како Влада, еве, 15 месеци сме избрани, нема ниту еден скандал криминален, коруптивен, тоа е владеење на правото. Во општините, четири години, каде што има градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, нема ниту еден скандал криминален, коруптивен.
Кој ги брани обвинителите и судиите. Тоа се најчесто оние политичари што доаѓаат од Мала Речица или од ‘Бихаќска’ бидејќи тие се нивниот последен бастион за одбрана од криминалот и корупцијата во минатото затоа што се свесни и исплашени, тоа е многу важно, исплашени, дека оној шверцерски закон што го протнаа со европско знаме во парламентот не е доволен да се спасат. И дека има и други одредби што го препознаваат нивниот криминал. И за кој тие треба да дадат отчет“.
Како што рече, со овие судии и обвинители, правдата е невозможна.
„Затоа, по локалните избори, ќе ги најдеме сите правни механизми, без разлика какви и да се критиките. Без разлика какви и да се критиките, мора да имаме обвинители што обвинуваат и судии што судат според законот и Уставот“.
Македонија
Спирометрија, ЕКГ и други испитувања денес и утре ќе им се прават на жителите на Трубарево: многумина одбија да се евакуираат за време на пожарот, вели министерот Алиу

Денес и утре, во периодот од 10 до 16 часот, две екипи од Клиниката за пулмологија со амбулантни возила ќе им прават проверка на дишните патишта на жителите на Трубарево и околината по големиот пожар во фабриката за рециклирање пластика и електронски отпад. Министерот за здравство Азир Алиу вели дека за скринингот подготвиле прецизно утврден протокол.
„Скринингот го правиме затоа што сакаме како Министерство и како институции да бидеме сигурни дека граѓаните што се движат во тој регион немаат здравствени проблеми со дишните патишта. И тогаш некои од нив не сакаа да се евакуираат привремено надвор од тој простор, блиску до пожарот. По скринингот, в сабота и в недела, ако лекарите утврдат дека има потреба понатаму да се третираат нашите граѓани, тие ќе се третираат тука, на Клиниката за пулмологија. Идејата на скринингот е, прво, да бидеме сигурни дека граѓаните од тој дел немаат таков тип на проблеми, а второ, ако имаат, навреме да се интервенира од наша страна. Тоа е надлежност на нашето Министерство и ние мора да се грижиме и навремено да спречиме ако има нешто кај оваа популација“, рече министерот Алиу.
Амбулантните возила со екипите од Пулмологија се поставени пред маркетот „Бренд“ и во близина на маркетот „Флорида“ во Трубарево. На преглед може да дојдат сите жители на Трубарево и околните населени места, особено оние што забележуваат тешкотии при дишењето или имаат симптоми на заболување на дишните патишта. Мобилните екипи во амбулантните возила ќе им направат комплетен клинички преглед, спирометрија, ЕКГ и други испитувања потребни за проверка на состојбата на дишните патишта.