Македонија
Филипче е најодговорниот за 14-те жртви во модуларната во Тетово, тој лично ја правел техничката спецификација на тендерот, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Според ВМРО-ДПМНЕ, немаат крај скандалите на Венко Филипче.
„По досега изнесените информации во аферата „ Провизии кои чинат животи“, од кои се утврди дека на Филипче како министер за здравство важни му биле само профитите, на површина излегуваат дополнителни скандали.
Венко Филипче е директно одговорен и виновен за набавката на модуларните болници, со лош квалитет и леснозапалив материјал, поради што тетовската, во која животот го загубија 14 луѓе, целосно изгоре за само две минути.
Според информациите кои стигнаа до нас, тогашниот министер за здравство, Филипче лично ја подготвил спецификацијата за тендерската постапка, каде што модуларните болници биле набавени како стоки“.
Лично тој, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, ја дал готовата техничка спецификација во одделот на Министерството за здравство задолжено за спроведување на набавката.
Ова, според партијата на власт, го потврдува одговорното лице од Министерството за здравство кое се потпишало на спецификацијата дадена од Филипче лично, во исказ пред Јавното обвинителство.
„Лицето кое Венко Филипче го назначил за главен и одговорен архитект на сите модуларни, одговорно лице за техничката спецификација и претседател на Комисијата за јавни набавки за 13 модуларни болници, во исказот вели дека не ја изготвило техничката спецификација, туку само сум ја проследило по налог на министерот, до министерот за труд и социјална политика.
На Филипче, очигледно не му требал архитект за модуларните, туку само потписник на неговите матни тендери од кои профитирал провизии, кои чинеа 14 животи.
Освен ова, Филипче, противзаконски, без одобрение за поставување и употреба дозволил, со негова лична одлука ги пуштил во употреба модуларната болница во која не смеело да се изведува здравствена дејност.
Бидејќи, болниците биле набавени како стоки и нема извештај од надзор, согласно член 74 од Законот за градење, не можеле да се впишат ни во Катастар.
Но, и ова не е се, после трагедијата во Тетово, со цел да се спаси, но и дополнително да профитира, Филипче склучува анекс на договор со фирмата која ги гради модуларните болници и ја зголемил цената за 20%, наместо да му наложи на нејзин трошок да ги промени материјалите во другите болници низ државата“.
Како што појаснуваат од партијата на Мицкоски и овој анекс е против законски, „така што член 2 од Анексот бр. 23-1431/63 од 20.12.2021 е во целост спротивен на Основниот договор и истиот е ништовен согласно член 116, 117 и 119 во врска со член 39 и 41 од ЗОО“.
Од сево ова, јасно произлегува, оценуваат од ВМРО-ДПМНЕ, дека единствениот и најодговорен за смртта на 14 луѓе кои живи изгореа во тетовската модуларна болница е тогашниот министер и сега претседател на СДС, Венко Филипче.
Најавуваат нови скандалозни детали од аферата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Тошковски денеска на Пониква ги посетил децата и семејствата на загинатите бранители
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски денеска ги посетил децата и семејствата на загинатите бранители кои традиционално во овој период престојуваат во зимското одморалиште на МВР на Пониква.
-Имав чест на заеднички ручек да поминеме време заедно, во искрена и топла атмосфера, да поразговараме на повеќе теми. Жртвата што ја дале нивните најблиски е најголемата можна жртва, затоа што тие ги загубиле своите татковци, сопрузи, синови во одбрана на татковината, посочува Тошковски во објавата на својот Фејсбук профил.

Министерот нагласува дека жртвата на загинатите бранители не смее и нема да биде заборавена.
-Таа за нас претставува аманет и трајна обврска, секогаш да бидеме покрај нив, да им даваме поддршка, да ги почитуваме и да одговараме на нивните потреби во рамките на надлежностите што ги имаме, вели Тошковски.
Македонија
Минималната плата не го покрива ни основното преживување, велат од СДСМ
Од СДСМ порачаа дека платите на работниците мора да се зголемат веднаш, а не по најави и проекции за две или четири години, оценувајќи дека актуелната економска политика не одговара на реалните животни трошоци и секојдневните потреби на граѓаните.
„На работниците не им требаат изговори ниту најави за 2028 година. Платите треба да се покачат сега, затоа што парите не им стигаат од први до први“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека животниот стандард е сериозно загрозен, а минималната плата не обезбедува основна егзистенција.
Од партијата реагираат и на изјавите и настапите на премиерот Христијан Мицкоски, прашувајќи дали тој чекал две години кога купувал часовници во вредност од 65.000 евра, додека работниците се принудени да преживуваат со примања што не ги покриваат ниту основните трошоци.
Според последните податоци, минималните месечни трошоци на едно четиричлено семејство во јануари 2026 година изнесувале 66.413 денари, што, како што посочуваат од СДСМ, значи дека ниту две минимални плати не се доволни за покривање на основните потреби. Со сегашното ниво од околу 400 евра, минималната плата, според опозицијата, не обезбедува заштита на животниот стандард и не ја следи реалната структура на трошоците во едно просечно домаќинство.
„Работниците буквално се борат за парче леб и не можат да чекаат до 2028 година“, велат од СДСМ, оценувајќи дека Македонија денес има најниска минимална плата не само во регионот, туку и во Европа.
Во реакцијата се споредуваат и состојбите во соседството. Во Косово, минималната плата се зголемува од 350 на 500 евра во две фази, во Албанија од 1 јануари 2026 година минималната плата ќе изнесува 500 евра, во Србија со владина одлука е зголемена на 500 евра, додека во Црна Гора се движи од 600 до 800 евра.
СДСМ предупредува дека последиците од ниските плати веќе се видливи, со масовно заминување на квалификувани работници и млади луѓе во странство, додека во земјата се увезува работна сила. Според партијата, ваквите политики водат кон дополнително намалување на вредноста на трудот, доколку тоа, како што наведуваат, не е и свесна цел на актуелната власт.
Македонија
По реакции од граѓани, се чисти Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека денеска градот е целосно мобилизиран во сеопфатна и темелна акција за чистење на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, кој секојдневно го посетуваат илјадници граѓани од сите делови на државата.
Според Ѓорѓиевски, во акцијата се вклучени сите јавни претпријатија на Град Скопје, а целта е уредување на, како што посочи, срцето на македонското здравство, по долгогодишна негрижа за овој исклучително важен комплекс. Акцијата, како што нагласи, е директен одговор на оправданите реакции и забелешки на граѓаните.
„Местото каде што се лекува народот мора да биде чисто, безбедно и достоинствено“, порача градоначалникот, додавајќи дека Клиничкиот центар заслужува уредена и пристојна околина.
Во рамки на акцијата се перат и чистат улиците и паркинзите, се сече и отстранува опасната и запуштена вегетација, се чистат сливниците, се метат сите јавни површини со специјализирани возила, како и се подига кабастиот и комуналниот отпад. Според најавите, секој дел од комплексот ќе биде уреден со цел Клиничкиот центар да добие лик соодветен на неговото значење.
Ѓорѓиевски потенцираше дека ова не е изолирана интервенција, туку почеток на континуирана грижа, најавувајќи дека ваквите акции ќе продолжат и во иднина со цел одржување на хигиената и безбедноста во најзначајните јавни простори во градот.

