Македонија
Филипче: Зголемување за 15 отсто на капитацијата за матичните лекари

Примарната здравствена заштита е клучна за здрави поколенија, а матичните лекари заслужуваат нивната работа да биде признаена и вреднувана. Затоа, ќе го зголемиме капитациониот бод за општите лекари и тоа ќе го направиме уште во првата половина на мандатот. Ова го истакна д-р Венко Филипче при својата вчерашна посета на Прилеп каде што се одржа трибина по повод Светскиот ден на здравјето.
„Капитацијата за матичните лекари во новиот мандат, во почетокот на новиот мандат, не до крајот на мандатот, ќе се зголеми за 15%. Ние тоа еднаш го направивме и затоа и понатаму продолжуваме да го зајакнуваме примарното здравство“, истакна Филипче на трибината.
Филипче презентираше и други мерки, со фокус на примањата на здравствените работници и задржување на медицинскиот персонал во земјава преку подобрување на образованието, инфраструктурата и условите за работа во здравствените установи.
„Лекарите специјалисти ќе бидат платени до 180 000 денари. Во општите болници лекарите ќе примаат плата до 140 000 денари. Матичните лекари до 120 000 денари. Медицинските сестри, меѓу 60 и 90 000 денари“, рече Филипче.
Во насока на задржување на студентите што завршуваат медицина или специјализираат, пак, Филипче најави дека ќе им биде понудено загарантирано вработување и одлични услови за да бидат мотивирани да останат во земјава.
„Специјализантите ќе ги остварат сите права за текот на нивната пракса преку целосно вкупно здравствено осигурување и ќе добиваат месечен надоместок од почетни 60.000 денари. Нашата цел е приближување кон системот на здравствена заштита во ЕУ членките. Одобривме рекордни 931 специјализација и 130 суб-специјализации. Ќе обезбедиме уште нови 1.000 специјализации и субспецијализации“, рече Филипче.
Вложувањето во здравствените работилници значи инвестирање во здравјето на граѓаните, додека инвестирањето во здравствената инфраструктура и нова медицинска опрема значи брза дијагноза и спасување на повеќе животи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно сончево и многу топло

Времето денеска, претежно сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, до средината на следната седмица времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност.
Дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C.
Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.