Македонија
Филипче на состанок со директорите на скопските клиники: Се разгледува можноста за отворање нови ковид-центри

Министерот за здравство, Венко Филипче, претпладнево одржа состанок со директорите на сите клиники од клиничкиот комплекс „Мајка Тереза“ во Скопје, на кој беше разгледана моменталната епидемиолошка состојба во однос на бројот на позитивни и болни пациенти, пациенти кои побарале и имале потреба од хоспитализација, наспроти бројот на слободни места и капацитетите на клиниките, како и можноста за отворање на нови ковид-центри доколку за тоа има потреба.
„Во моментов освен Клиниката за инфективни болести со модуларната болница во нејзин склоп и Институтот за белодробни заболувања ТБЦ, работат и четири ковид-центри на интерните клиники,и тоа на Клиниката за дерматовенерологија, Клиниката за неврологија, Клиниката за нефрологија и Клиниката за гастроентерохепатологија. Деновиве се работи на средување на доводот на гасови на Клиниката за уво нос и грло и на Клиниката за очни болести кои до крај на неделата се планира да почнат да примаат пациенти“ – рече министерот Филипче.
Тој побара од директорите на хируршките клиники и директорот на Клиниката за кардиологија да достават план за ослободување на дел од капацитетите за ковид-пациенти доколку за тоа има потреба во претстојниот период.
„Засега имаме стабилни бројки и според епидемиолошката слика очекуваме во периодот што следи да има сè повеќе исписи на пациенти и да се намали приливот на нови болни. Сепак, мора да бидеме подготвени за секакво сценарио“ – рече министерот Филипче на состанокот.
Освен за просторните можности, се разгледуваше и распоредот за ротација на лекари и на друг медицински персонал во ковид-центрите каде за тоа има потреба, секако притоа водејќи сметка да не се запре со редовната работа на хируршките клиники.
„Состојбата е сериозна и целиот задравствен персонал вложува натчовечки напор да го одржи системот и да ги згрижи сите пациенти. Ни претстои период во кој треба да останеме смирени и да го дадеме максимумот и како лекари и како институции“ – истакна министерот на состанокот.
Во наредните неколку дена се очекува да се разгледаат предлозите за отворање на дополнителни капацитети на сите клинки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Метеж на границите: на Табановце и Богородица се чека по 45 и 30 минути

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, информира АМСМ.
Поради летните одмори се бележи зголемена фреквенција на возила, на ГП Табановце времето на чекање за влез е околу 45 минути додека на ГП Богородица времето на чекање за влез и излез од државата е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
ВНИМАТЕЛНО: АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делегации на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, Пелинце, Крушево и Ташмаруништа по повод 2 Август, Денот на Републиката

Делегации на ВМРО-ДПМНЕ по повод Денот на Републиката, 2 Август, ќе положат свежо цвеќе на неколку локации низ Македонија, во Скопје, Пелинце, Крушево и Ташмаруништа.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, ќе ја предводи партиската делегација во Ташмаруништа, каде ќе положи свежо цвеќе заедно со претседателот на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Струга и заменик министер за правда, Ален Деребан и пратеникот Јован Јаулески.
Во Скопје на 3 локации, партиската делегација ќе ја предводат градоначалникот на Општина Кисела Вода и кандидат за градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојковски и пратеничката, Катерина Димитровска. Тие ќе положат свежо цвеќе пред Споменикот на Претседателот на Крушевската Република, Никола Карев во 10:00 часот, пред споменикот на АСНОМ (парк Жена Борец) во 10:20 часот и пред споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ Методија Андонов-Ченто (плоштад Македонија) во 10:40 часот.
Партиска делегација ќе положи свежо цвеќе и во Пелинце во 11 часот, која ќе ја предводи пратеникот Бране Петрушевски, а во состав на пратеникот и член на ИК, Миле Лефков, како и директорот на Државниот студентски дом Скопје, Александар Каровски.
Во Крушево, партиската делегација ќе положи свежо цвеќе на Споменикот на хероите на месноста „Слива“ во 10 часот и на Мечкин Камен во 12 часот. Делегацијата на ВМРО-ДПМНЕ во Крушево ќе ја предводи Генералниот секретар, Ѓорѓија Сајкоски, а истата ќе биде во состав на претседателот на Унијата на млади сили, Сергеј Попов, претседателката на Унијата на жени, Жаклина Пешевска, членот на ИК, Ристо Симеонов и членот на ИК, Олга Лозановска.
Делегации на Унијата на млади сили, Унијата на жени, Унијата на ветерани и Патриотскиот институт, утре ќе положат свежо цвеќе на бројни локации во општините низ државата.
Македонија
Сиљановска-Давкова ќе учествува на централната прослава на 2 Август во Крушево

Под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, утре, 2 август, на „Мечкин Камен“ во Крушево ќе се одржи централната прослава на Денот на Републиката.
Чествувањето на Илинден ќе започне со положување свежо цвеќе на гробот на Никола Карев, потоа на споменикот на хероите на месноста „Слива“, а ќе продолжи со панихида во храмот „Св. Никола“. Сиљановска-Давкова ќе положи цвеќе и на „Мечкин Камен“, каде што ќе има и свое обраќање.
Редослед на настани:
– 09:30 часот – положување свежо цвеќе на гробот на Никола Карев, „Македониум“;
– 10:00 часот – положување свежо цвеќе на споменикот на хероите на месноста „Слива“;
– 10:30 часот – панихида во храмот „Св. Никола“;
– 12:00 часот – централна прослава на „Мечкин Камен“.