Македонија
Филипче: Предложивме закон, минималната плата да биде 27.700 денари

„Денеска во услови на голема економска несигурност како одговорна опозиција, предлагаме измени и дополнувања на законот за минимална плата. Со измените предвидуваме минималната плата да се покачи на 27 700 денари што претставува пораст од 12, 3 проценти“, посочи претседателот на СДСМ Венко Филипче.
„Со ова не само што ќе обезбедиме финансиска стабилност на работниците туку и ќе влијаеме на порастот на просечната плата што ќе има позитивен ефект на секое семејство во државата. Методологијата на усогласување на минималната плата со порастот на трошоците на живот и просечната плата останува и понатаму како дел од овој закон, со тоа ќе обезбедиме сигурен и постојан раст на приходите на граѓаните во иднина“, посочи Филипче.
Филипче потенцираше и дека сериозен проблем за македонската економија е повратот на ДДВ, односно дека долгот на УЈП кон компаниите е од 250 до 300 милиони денари, што не се има случено во последните седум години.
„ВМРО ДПМНЕ ја враќа економијата во ерата на селективно плаќање и исплаќање на ДДВ карактеристика и пракса до 2016 година. Сите овие индикатори потврдуваат дека Владата не создава подобри услови за стопанството и раст на економијата. Ова говори само за неодговорно менаџирање со парите на граѓаните, наместо тоа гледаме само зголемување на трошоците за живот“, порача Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Огромен објект никнува во Охридската чаршија, секој прави што сака, алармира Охрид СОС

Чаршијата во Охрид го губи својот лик. Иако е дел од Старото градско јадро, за кое важи посебен закон, односно Закон за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење, чаршијата е препуштена на стихијата и тука секој прави она што сака, без никаква регулатива, алармираат од Граѓанската иницијатива Охрид СОС.
„Ако некогаш важеше за специфичен дел на градот, исполнет со занаетчиски дуќани и стари градби, денеска оваа улица скоро сосема го изгубила својот лик и значење. Иако е дел од Старото градско јадро, за кое важи посебен закон, односно Закон за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење, чаршијата е препуштена на стихијата и тука секој прави она што сака, без никаква регулатива. На прстите од една рака се бројат старите градби кои му одолеваат на времето. Денеска тука доминираат ресторани и угостителски објекти кои ја окупирале улицата и за минувачите и велосипедистите оставиле само еден тесен премин. И наместо институциите да диктираат што и како може да се гради, сведоци сме изминативе децении дека тука веќе почнаа да се градат високи објекти со нетипичен стил. Не се применува нити онаа омилена за Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид факсимилна реконструкција“, велат од таму.
Додека „стручната фела“ замижува и се прави наудрена, велат од Охрид СОС, деновиве кон крајот на чаршијата се подигнува еден огромен објект, кој според обемот и големината отскокнува од околните објекти.
„Минатата година, за да започнат градежни работи на овој дел, службите на Општина Охрид исекоа неколку децениски стебла, а од механизацијата е оштетено и партерното уредување. Но ништо од тоа не е важно, ако се знае дека институциите на прво место го ставаат интересот на поединците, наместо јавниот интерес. Објектот е видлив и од страната на паркингот. Додека се предлага градот да формира стручно тело кое ќе комуницира со УНЕСКО, „еден Борд кој ќе го сочинуваат архитекти и други професионалци“ неповратно го губиме културното наследство и специфичните градски четврти“, алармираат од Охрид СОС.
Македонија
Викендов многу топло време, со локален дожд

Во деновите од викендов ќе се задржи многу топло време, информира УХРМ.
Утре ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи.
Од понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер, а дневната температура ќе опадне за 3 до 5 степени.
Кон средината на седмицата ќе има локална нестабилност со пороен дожд и грмежи.
Македонија
ЗНАМ конституира Градска организација: „Скопје не смее да биде ничија колатарелна штета“

Официјално се конституира Градската организација на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија – Скопје. Од Движењето велат дека овој чекор не е само формалност туку е почеток на една сериозна, силна и решителна политичка борба.
„Ова е гласна порака, од срцето на државата, од главниот град Скопје, дека промената што ја бараат луѓето насекаде низ Македонија, веќе добива своја форма, своја структура и своја сила. За претседател едногласно е избран Мирослав Лабудовиќ, Магистер по електротрехника и информациски технологии дипломиран електро инженер, актуелен заменик министер во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, со претходно долгогодишно искуство на разни менаџерски позиции во автомобилската индустрија и електро енергетиката“, велат од ЗНАМ.
Дел од Градската организација се професори, архитекти, лекари, уметници, спортисти, претприемачи, активисти…
„Совеста, знаењето и духот на Скопје – овие граѓани на нашиот град – ја избраа вистинската промена со Движењето ЗНАМ. Овие храбри и одважни луѓе не се партиски послушници ниту политички марионети. Тие не се функционери по задача, ниту сенки на некои центри на моќ. Ова се личности со непобитен кредибилитет, со изграден авторитет и биографии кои вредат многу повеќе од празните изборни ветувања. Тие се оние што долго време беа разочарани, отуѓени и тивки“, велат од ЗНАМ.
Од таму велат дека потиснат од алчност, поделби и тивка диктатура, Скопје го изгубило сјајот, но не и силата.
„Скопје не смее да биде ничија колатарелна штета ниту пак заложник на тајни коалиции во политичкиот театар на елитите. Од денес, Градската организација на ЗНАМ – Скопје станува бастион на слободата, креативноста и урбаната визија. Ќе бидеме платформа за секој кој има идеја, решение и љубов кон својот град. Ќе проодолжиме да бидеме чувари на јавниот интерес. Ќе им го вратиме градот на неговите жители – без елитизам, без поделби и без скриени агенди“, велат од ЗНАМ.