Македонија
Филипче: Ќе понудиме современа политичка платформа со силен фокус на економијата и платите
СДСМ е силен коректор на погрешните политики на актуелната власт, а внатрешно ја завршува првата фаза од процесот на консолидација со избор на нови делегати, претседатели на општински организации и подготовките за Конгресот на партијата.
Ова го изјави претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче на регионалната средба во Струга со општинските организации од тој регион. „Задоволен сум од изборот на новите раководства и претседатели на општински организации. Тоа се луѓе кои уживаат широка доверба во своите заедници и имаат капацитет да го обединат членството на СДСМ во секоја општина.
Првата фаза на процесот на консолидација полека завршува и СДСМ се екипира на сите нивоа“ – рече Филипче. Тој истакна дека при избор на раководствата се консултирани огромен број на членови со цел да се изберат вистинските луѓе кои имаат поддршка внатре, но и надвор од партијата. „Енергијата се враќа, позитивна е атмосферата во општинските организации и тоа е добро. Но, допрва започнува битката со оваа власт која за само пет месеци целосно разочара. Очекувам од сите максимална посветеност и многу работа за да ја вратиме довербата кај граѓаните. Силно верувам дека со искрен пристап, нови модерни социјалдемократски политики и многу приземност можеме да ја вратиме поддршката“ – им порача Филипче на сопартијците.
Тој истакна дека на 24 ноември се одржува 30 конгрес на СДСМ на кој покрај избор на новото раководство ќе се дефинираат и новите политики на СДСМ. „Ќе понудиме современ модел на нова идеолошка и политичка платформа на СДСМ како одговор на предизвиците пред кои се наоѓа Македонија. Политики кои ќе значат реафирмација на социјалдемократските вредности, прилагодени на новото време и приоритетите на сите граѓани во нашето општество.
Силен фокус ставаме на економијата, платите и поддршката за граѓаните, но и ги реафирмираме демократските принципи на владеење кои ВМРО-ДПМНЕ ги руши од првиот ден“ – истакна Венко Филипче.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Стојаноски: Заев и Филипче му нуделе на Жан Митрев да им ја продаде болницата под цената за да го ослободат од обвиненија
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, и на денешната прес-конференција побара Јавното обвинителство итно да ги провери наводите за притисок врз Жан Митрев да ја продаде болницата, оценувајќи дека се работи за сериозни обвинувања кои бараат одговорност.
Стојаноски повикувајќи се на телевизиското интервју на Жан Митрев, рече дека во времето кога СДСМ била на власт, поранешниот премиер Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче вршеле притисок врз д-р Жан Митрев со цел да ја преземат неговата приватна клиника за сума далеку под пазарната.
Според Стојаноски, д-р Митрев бил изложен на силни притисоци токму во периодот кога против него се водел судски случај. Пратеникот тврди дека личната сметка на Митрев, како и сметката на клиниката, биле блокирани, а била изречена и забрана за продажба на удели.
„Само една недела по нивното барање да ја купат болницата, Јавното обвинителство ја повлекло забраната за продажба – што покажува како институциите биле ставени во служба на интересите на тогашната власт“, изјави Стојаноски.
Дополнително, д-р Митрев изјавил дека добил понуда од Филипче и Заев да се спогодат – ако ја продаде клиниката под пазарната цена, тие би му помогнале да се ослободи од обвиненијата.
„Уште по скандалозно е тоа што, др. Жан Митрев вели дека Заев и Филипче му понудиле и спогодба, односно доколку ја продаде болницата за пониска сума од пазарната, ќе му помогнат да се ослободи од обвиненијата против него“, додаде Стојаноски.
Македонија
Беким Сали на лидерски состанок во Давос
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, ќе учествува на Лидерскиот состанок (Davos Leadership Gathering), кој ќе се одржи во Давос, во периодот од 19 до 22 јануари.
Лидерскиот состанок во Давос ќе собере светски лидери, економисти, банкари и експерти од различни области, со цел дискусија за глобалните предизвици и меѓународните економски развои.
Првиот заменик-претседател ќе се обрати на форумот во рамки на панел-дискусија, на која ќе се разговара за климатските промени, конфликтите и социјалната грижа.
Македонија
СДСМ: Десет години по заминувањето на Груевски, повторно сме во истата ситуација со ВМРО-ДПМНЕ
Овој јануари се навршуваат точно 10 години откако Никола Груевски ја напушти премиерската функција, но според СДСМ, државата повторно се соочува со истите проблеми под актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ и премиерот Христијан Мицкоски.
Во соопштението на партијата се наведува дека по заминувањето на Груевски започнал крајот на режимот што 11 години ја влечел Македонија назад, со масовен криминал, корупција, партизација, медиумски притисоци и изолација. Но, според СДСМ, денес, по две години владеење на ВМРО-ДПМНЕ, земјата повторно се наоѓа на исто место.
„Повторно сме на пат кон изолација, далеку од ЕУ и САД, граѓаните тешко живеат, стандардот опаѓа, институциите се под партиска контрола, а криминалот и корупцијата цветаат“, стои во соопштението.
Партијата нагласува дека пари нема за поголеми плати, но има за криминални тендери, а се повторуваат и притисоци врз медиуми, јавен линч и политички прогони, како и злоупотреба на полицијата за партиски цели.
„На исто сме со ВМРО, само што денес на местото на Груевски е Христијан Мицкоски“, се вели во соопштението на СДСМ, со повик дека е време власта повторно да се врати во рацете на народот.

