Македонија
Филков: Ефикасниот правосуден систем е клучен фактор за владеењето на правото
Ефикасниот правосуден систем не е само еден од главните предуслови за создавањето на поволна инвестициска и бизнис-ориентирана средина туку и клучна претпоставка за борба против криминалот и корупцијата и гаранција за основните човекови слободи и права, рече министерот за правда, Игор Филков, на отворањето на 15-тата сесија на националната конвенција на ЕУ во РСМ. Главен аспект, пак, на ефикасноста, според министерот, е должината на судските постапки.
„Странките пред судовите очекуваат нивните предмети да бидат решени од страна на независни и професионални судии, со донесување пресуди во разумен рок. Токму долготрајноста на постапките, за жал, и 25 години по примената на Европската конвенција за човековите права од страна на државава, сè уште е една од најчестите повреди на човековите права, кои ги генерираат самите судови. Па, така, наместо судовите да ги штитат човековите права, тие ги повредуваат, што е констатирано со многуте одлуки на Европскиот суд за човекови права против нашата држава, каде што најчестите повреди се констатирани токму за правото на правично судење во разумен рок во согласност со членот 6 од Европската конвенција за човекови права и основни слободи“, посочи Филков.
Осврнувајќи се на извештајот за напредокот на Република Северна Македонија, министерот Филков рече дека постојат разни начини за решавање на идентификуваните проблеми по однос на ефикасноста, како: реформирање или изменување на процесното законодавство, воспоставување рокови и временски рамки за одредени активности или фази на судските постапки, измена на судската мрежа и надлежност на судовите, создавање електронски постапки за одредени видови случаи.
„Ние ќе продолжиме со реформските чекори сè додека не се промени перцепцијата на граѓаните, но и оценките на Европската комисија дека во нашата држава постои целосно реформиран и независен правосуден систем поставен на здрави темели. Во изминатите три месеци имаше што да правиме и паралелно со тоа анализиравме каде се слабостите. Врз основа на недоследностите, скандалите и контроверзните одлуки што се случија досега, за жал, речиси секојдневно гледаме каде треба најмногу и најитно да се интервенира“, изјави Филков.
Реформите во правосудството се одвиваат во согласност со развојната секторска стратегија за правосудство за периодот 2024-2028 со нејзиниот акциски план. Во наредниот период клучен приоритет е да се реактивира Советот за следење на имплементацијата на развојната секторска стратегија за правосудство.
Министерството за правда и во наредниот период посветено ќе работи на обезбедување сите предуслови што се потребни за подигнување на ефикасноста на судските постапки и квалитетот на правдата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
УЈП потсетува за пресметка до 31 март 2026
УЈП потсетува дека крајниот рок за поднесување електронска пресметка за доход остварен во странство во 2025 година е 31 март 2026. Обврската се однесува на сите физички лица што примиле плата или друг вид доход од странство и важи без разлика дали данокот во странската држава е платен или не, а пресметката се поднесува преку системот е-Даночни услуги.
Клучната порака на Управата е практична: со пресметката мора да се достават и докази што ја потврдуваат висината, видот и периодот на доходот, како и евентуално платениот данок во странство. Тоа, во пракса, значи дека даночниот обврзник треба да може документарно да го „затвори кругот“ – од исплатата до даночниот третман. Дополнително, за примената на договорите за избегнување двојно оданочување, УЈП упатува дека постојат насоки и процедури што ја дефинираат документацијата и начинот на пресметка.
Зад административната формулација стои појасна порака: контролата не е „локална“ работа. УЈП наведува дека во 2025 година, во рамки на меѓународната соработка, поднела 203 барања до странски даночни органи за проверка на документација за граѓани што преку американски компании работеле во Авганистан и Ирак. Тоа е сигнал дека механизмите за размена на информации се активни и дека „ќе помине незабележано“ е сè послаб план.
Македонија
Одрон на патот Кичево-Гостивар кај Колари
На патниот правец Кичево – Гостивар поради голем одрон кај село Колари од 7 часот изутринава е воведен наизменичен сообраќај по една коловозна лента во должина од 30 метри, информира Диспечерско-информативниот центар на ЈП Македонијапат.
Поради одронот сообраќајот на патот Кичево – Гостивар од 5.40 часот беше во целосен прекин.
АМСМ информира дека од 05:45 часот на патниот правец село Лисец – Попова Шапка воведена е забрана за сообраќај на тешки товарни возила и автобуси.
– Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата – велат од АМСМ.
Препорачуваат прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Во сила е законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата.
Македонија
Променливо облачно време со повремени врнежи од дожд
Синоптичарите за денеска најавуваат променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, локално пообилни (над 20 литри на метар квадратен). Претежно во источните региони ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и силен ветер (над 70 километри на час). Попладне на планините во северните делови врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од јужен, а попладне од северен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 11, а максималната ќе достигне од 11 до 18 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Во делови од котлината ќе има услови врнежите да бидат проследени со појава на ретки грмежи. Претпладне ќе дува умерен до повремено засилен ветер од јужен, а попладне од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Според УХМР, утре кон крајот на денот, во текот на ноќта и во вторник ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег. На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места. Во вторник и среда ќе дува засилен северен ветер (над 60 километри на час).

