Македонија
(Фото) Повторно знаме на т.н. голема Албанија во Тетово, Касами се фотографира пред него, па го промовира
Повторно се вееше знаме на т.н. голема Албанија во Тетово, а промоција му направи тамошниот градоначалник Биљал Касами. Тој беше да промовира асфалтирана улица, а зад него се вееше спорната иконографија, која промовира територијални претензии. Касами даваше изјава за медиумите токму на таа заднина. Потоа фотографии си објави и на социјалните мрежи. За разлика од претходниот пат, кога знамето беше веено, овој пат беше само поставено. Покрај него, беше и албанското, но не и македонското.
„Тоа е реакција на граѓаните, во односот што го има власта кон нив. Ова врска нема со нашата организација, наше е ова за настанот со патот“, рече Касами за знимињата.

„Макфакс“ побара одговори од Касами зошто дозволил да се вее етничкиот симбол, каде што дел од териториите на Македонија, Црна Гора, Србија и Грција се преставени како дел од т.н. голема Албанија. Тој не одговори на порака и по повеќе од една недела. Молк и на прашањата дали ќе им се извини на Македонците и другите народи за овој чин, но и дали ќе бара санкционирање на лицата што го вееле.
Полицијата, пак, работи на расчистување на претходниот случај кога за време на собирот со косовскиот премиер Албин Курти се вееше ова знаме. Објавена е фотографија од вејачот, но идентитетот не е познат.
Заедничко за двата настана е што како организатор се јавува Општина Тетово, односно Касами. Градоначалникот треба да се појави и на суд бидејќи пречекот на Курти помина без интонирање на македонската химна и без поставување на македонското знаме.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
