Македонија
Халсиншкиот: Да се почитуваат човековите права и достоинството кога се применуваат мерки за групна изолација
Хелсиншкиот комитет за човекови права изразува загриженост во однос на сместувачките услови за групната изолација за лицата сместени во Центарот за обука во Пепелиште – Криволак.
„Во медиумите беше објавено сведоштвото на лицата сместени во Центарот за обука во Пепелиште – Криволак, каде што евидентни се лошите хигиенски услови и недостигот на соодветни легла. Во текот на денешниот ден Министерството за одбрана соопшти дека Центарот за обука во Пепелиште е само привремен простор, каде што треба да се извршат епидемиолошките прегледи во согласност со медицинскиот протокол. По завршените прегледи, лицата веднаш ќе бидат преместени во реновираниот Завод во Демир Капија“.
Хелсиншкиот комитет за човекови права апелира до надлежните институции во секој момент да се имаат предвид човековите права и човековото достоинство, особено кога станува збор за мерки на групна изолација. Условите во овие простории треба да ги исполнуваат домашните и меѓународните стандарди, во смисла на пристап до соодветни легла, хигиена, оброци и здравствена заштита. Дополнително, потсетуваме дека во согласност со член 54 став 3 од Уставот, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.
За крај, ја повторуваме пораката што ја испрати високата комесарка за човекови права при Обединетите нации, Мишел Башелет: „Ковид-19 е тест за нашите општества, сите учиме и се адаптираме во согласност со мерките што се преземаат против вирусот. Човековото достоинство и човековите права треба да бидат во фокусот и центарот на овие мерки, а не нешто со што ќе се соочиме понатаму“, се вели во соопштението на Хелсиншкиот комитет за човекови права.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Тошковски: Обезбедена е видеоснимка на која се гледа како сопругот ја удира жртвата
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека во рамки на истрагата за трагедијата во Карпош е обезбеден видеозапис на кој, како што рече, јасно се гледа како сопругот ја удира жртвата.
Како што појасни министерот, жртвата претходно повикала полиција, а патролата пристигнала за помалку од десет минути. Во изјавата што ја дала, таа потоа навела дека нема што да пријави и дека немало физички напад. Дополнително ќе се утврдува дали оваа изјава била дадена под присила. Сторителот, според Тошковски, не бил присутен на местото на настанот во моментот кога полицијата ги прибирала изјавите.
Сепак, тој нагласи дека тоа не се единствените докази со кои располага МВР.
„До МВР е обезбеден видео запис каде јасно се гледа како сопругот ја удира жртвата. Не можам да кажам кога е точно, но сигурно е истиот ден“, рече министерот.
Според информациите што ги изнесе министерот Панче Тошковски, на 2 март околу 14 часот бил пријавен падот од зграда, а претходно полицијата разговарала со жртвата која рекла дека не бара интервенција. Министерот соопшти дека нејзиниот сопруг е приведен, а потсети и дека во изминатите години против истото лице биле поднесени 10 кривични пријави за насилен криминал, имотни деликти и трговија со дрога. Тошковски истакна и дека голем дел од предметите за семејно насилство се затвораат поради повлекување на жртвите, најавувајќи поинтензивен пристап на МВР во вакви случаи.
Македонија
Кога немаат одговор на суштината, преминуваат на лични дискредитации, велат од ЗНАМ за СДСМ
СДСМ повторно се обидува да ја замени политиката со навреди, аргументите со етикети, а вистината со конструкции, реагираат од ЗНАМ откако претходно од СДСМ истакнаа дека Максим Димитриевски е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре.
„Кога немаат одговор на суштината, преминуваат на лични дискредитации. Движењето ЗНАМ за Наша Македонија е дел од оваа власт со достоинство, со принципи, со сопствена идеолошка и програмска матрица и сопствен пат делувајќи исклучиво во насока што ја ветивме пред граѓаните – чесна, одговорна и државничка политика. Кога од СДСМ се осмелуваат да зборуваат за тендери, првично нека се погледнат во огледало.
Години наназад токму тие ја претворија државата во партиска каса, институциите во сервис за свои луѓе, а правдата во селективен инструмент.
Денес, кога институциите почнуваат да функционираат без партиска директива, СДСМ панично бара алиби во измислени конструкции“, додаваат од таму.
Навредите за „кукавичко јајце“, „платеник“, „тендер коалиција“, според нив, се јазик на политичка немоќ.
Тоа, како што истакнуваат, е истиот тој наратив што ги оддалечи од граѓаните, од работниците од реалноста.
„Токму ваквото однесување и делување на СДСМ ја доведе економијата во состојба во која денес мора да се стабилизираат штетите од нивното владеење.
И наместо да понудат визија, тие сеат омраза. Наместо да бараат виновници во сите, освен во себе, нека соберат храброст и нека се соочат со сопствените постапки и грешки. Нека одговорат зошто по години власт зад себе оставија разочарани граѓани, нарушени институции и чувство дека државата служела на малкумина“.
Македонија
Се разработуваат планови за враќање на македонските државјани од Израел преку Египет, се работи на безбедна евакуација од погодените подрачја, соопшти МНР
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека интензивно работи на обезбедување услови за соодветна и безбедна евакуација на македонските државјани од погодените подрачја, вклучително и од Обединетите Арапски Емирати.
Во моментов се разработуваат планови за враќање на македонските државјани од Израел преку Египет, со користење комерцијални летови и, по потреба, владиниот авион. За Обединетите Арапски Емирати и Катар се разгледува можноста за ангажирање комерцијален или чартер-лет, во зависност од безбедносните и логистичките услови.
Во изминатиот период, преку дипломатско-конзуларните претставништва беше асистирано при безбедното извлекување на едно лице од Иран – фудбалер, кој преку Турција се врати во Република Северна Македонија. Дополнително, шест македонски државјани од Израел веќе имаат обезбедено авионски билети од Египет кон Скопје, при што Министерството активно асистираше во нивната координација и заминување.
Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Министерството, во директна комуникација со пријателски земји и партнери, како и преку дипломатско-конзуларните претставништва, ги презема сите неопходни активности за нивно безбедно и навремено враќање во државата.

