Македонија
Холандија даде дозвола за преговори со Северна Македонија, а ги блокира за Албанија

Холандскиот парламент синоќа гласаше против отворањето на преговорите со ЕУ за Албанија, но ја отфрли истата резолуција што се однесува на Северна Македонија.
Парламентот во Холандија вчера гласаше за четири резолуции поврзани за проширувањето на ЕУ, но само таа против Албанија доби мнозинство гласови, вклучително и од владејачките партии, со 105 гласа од вкупно 150 пратеници во парламентот.
Резолуцијата бара да не се отворат преговорите со Тирана во 2019 година пред сè поради недоволен прогрес во делот на борбата против организираниот криминал и корупцијата. Холандската влада го дели ова мислење. Според нивниот министер за надворешни работи, Стеф Блок, отворањето пристапни преговори со Албанија е избрзана одлука.
Резолуцијата за Северна Македонија преку која неколку холандски пратеници бараа исто така да се блокираат преговори со нашата земја беше отфрлена од мнозинството во холандскиот парламент.
Ова претставува прв можен чекор кон одвојување на Северна Македонија и Албанија во Советот на ЕУ, доколку Холандија како земја членка на ЕУ побара од Советот да го усвои ваквиот пристап и при одлучувањето за пакетот Албанија-Македонија на 18 јуни во Луксембург, или на следниот состанок кон крајот на јули во Брисел.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Осуда од Ковачевски за каменувањето на македонскиот клуб во Бугарија: Очекувам да го санкционираат вандализмот во најкраток рок

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски најостро го осудува вандалскиот чин, на каменување на македонскиот клуб „Никола Јонков Вапцаров” во Благоевград.
Тој преку својот Фејсбук профил, порача дека очекува во најкраток можен рок, институциите во Република Бугарија да ги најдат сторителите и соодветно да ги казнат.
„Каменувањето на македонскиот клуб „Никола Јонков Вапцаров” во Благоевград е чин на вандализам кој најостро го осудувам. Ваквите активности не соодвествуваат на договорената политика за унапредување на добрососедските односи, взаемното почитување и пријателство меѓу две соседни држави. Очекувам од страна на надлежните институции во Бугарија во најкраток можен рок да се пронајдат и санкционираат сторителите и да се осуди вандализмот. Северна Македонија во духот на европските вредности, ќе продолжи со заложбите за зацврстување на дипломатската и позитивна агенда меѓу Северна Македонија и Бугарија“, пишува во објавата на премиерот Ковачевски.
Македонија
ЦУК: Пожар кај селото Миладиновци

Искрење на бандера, предизвика пожар помеѓу селото Миладиновци и рафинеријата ОКТА.
Центарот за управување со кризи на својот фејсбук профил објави дека во моментот се интервенира на негово гаснење.
,,Во 19:05 часот на телефонскиот број 112 пријавен е пожар помеѓу селото Миладиновци и рафинерија ОКТА кој настанал како резултат на искрење на бандера и истиот се проширил на околната сува трева. Во моментот на местото на настанот се екипи на БППЗ на Град Скопје и полиција. Се интервенира на негово целосно гаснење и во моментот нема опасност од негово проширување”, се вели во соопштението од ЦУК.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ го осуди демолирањето на македонскиот клуб во Благоевград: Да запре говорот на омраза кон Македонците во Бугарија

ВМРО-ДПМНЕ најостро го осудува демолирањето на македонскиот клуб во Благоевград. Вандализмот не е добрососедство и не може да биде. Негирањето на Македонија, но и на Македонците во соседството е пред се резултат на поданичкиот однос на власта, која го дозволи и мотивира тој однос, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека сега Ковачевски и Пендаровски на дело гледаат кај ја донесоа државата и македонскиот народ. Народот не смее да биде жртва на власта, затоа и ВМРО-ДПМНЕ бара промени. Потребна е власт која ќе се грижи за народот.
Упатуваме апел и до Бугарија и до меѓународните институции во таа земја, што побрзо да се откријат вандалите, истите да се казнат и да се запре со говорот на омраза против Македонците, се вели во соопштението.