Македонија
Хоџа: Со инвестиција од 11 милиони евра, доделуваме опрема за селекција на отпад на 18 општини во Пелагонија и Југозападниот регион
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денес од Новаци, најави дека управувањето со отпадот и намалувањето на аерозагадувањето се меѓу врвните приоритети на неговиот мандат. Во таа насока, денес започна реализацијата на регионалниот модел за управување со отпад, со инвестиција од околу 11 милиони евра во опрема за селекција и транспорт.
„Проектот ќе опфати над 400.000 граѓани од 18 општини во Пелагонискиот и Југозападниот регион и е директно поврзан со идниот регионален центар за управување со отпад во Новаци, како и со претоварните станици во Прилеп, Охрид, Кичево и Дебар“, изјави Хоџа, додавајќи дека 2026 година ќе биде клучна за поставување на основната инфраструктура.
Хоџа најави дека во тек е подготовка на јавна постапка за регионалната депонија за Пелагонискиот и Југозападниот регион, која треба да биде реализирана во рок од шест месеци.
„Паралелно, се финализира постапката за депонијата во Полошкиот регион во Русино, а објавен е и јавен повик за депонијата во Свети Николе, која ќе ги опфати Североисточниот и Источниот регион’“, рече Хоџа.
На настанот во Битола, каде што присуствуваше и претседателот на Владата Христијан Мицкоски, Хоџа изјави дека со започнувањето на изградбата на три регионални депонии во 2026 година, државата влегува во нова ера на модерно, одржливо и европски усогласено управување со отпад.
Министерот упати благодарност до ЕБОР, SECO, Инвестициската рамка за Западен Балкан, Владата на Шведска, преку кои се обезбедени околу 90 милиони евра за изградба на овие центри, како и до локалните самоуправи и јавните комунални претпријатија, при што упати апел за широка соработка со сите чинители во државата за почиста и поздрава животна средина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Следува променливо облачно време со повремени врнежи од дожд и снег
Времето утре ќе биде променливо облачно со врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта. На планините врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 12, а максималната ќе достигне од 10 до 17 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд, особено кон крајот на денот и во текот на ноќта. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а на планините од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе преминуваат во снег на повисоките и во некои од пониските места.
На планините во западните делови ќе се формира нова снежна покривка, а помала покривка се очекува и во пониските места. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот, особено во сабота повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег, кои наместа ќе бидат пообилни. Температурите ќе бидат во опаѓање.
Македонија
(Видео) Николоски: 40 километри од автопатот Охрид – Кичево се веќе во функција
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил објави ноќно видео од автопатот Охрид-Кичево, каде истакнува дека 40 километри од автопатот се ставени во функција.
„Погледнете го ова прекрасно ноќно видео од делот од автопатот Охрид – Кичево. 40 километри се веќе во функција. Се надевам голем број македонски граѓани ќе возат по овој автопат на пат кон Балканскиот Ерусалим – Охрид за овој Божиќ. Честитки на сите вредни работници кои се посветија на неговата изградба! За многу години Божиќ и Бадник!“ порача вицепремиерот Николоски.
Македонија
(Фото) Мицкоски: Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни
„Во пресрет на Бадник, денеска поделивме пакети помош во Карпош, Гази Баба, Чаир, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Бутел и Центар со желба секое семејство да ја почувствува топлината на празникот на својата трпеза“, извести премиерот Христијан Мицкоски преку социјалните мрежи.
„Бадник не е само ден, туку порака дека заедништвото, љубовта и солидарноста нe прават посилни“, додаде Мицкоски.

