Македонија
Царовска: Натпреварите по претприемаштво ги поттикнуваат учениците да ги преточуваат знаењата во идеја и акција
Развојот на претприемачките вештини кај младите луѓе е и ќе продолжи да биде еден од приоритетите на образовните политики што ги креираме во овој момент и кои ќе се имплементираат во периодот пред нас. Со новата концепција за основно образование, која е неодамна усвоена, првпат се воспоставуваат 8 национални стандарди, со кои се определуваат компетенциите што треба да ги стекнат учениците во текот на основното образование, меѓу кои еден од стандардите е токму претприемаштвото, што значи учениците ќе треба да поседуваат одредени познавања и вештини од областа на претприемаштвото во моментот кога ќе излезат од деветтолетката.
Ова го истакна министерката за образование и наука на денешниот завршен настан за прогласување на победниците во рамките на Кампот на иновации – ученички натпревар по претприемачки вештини, кој веќе неколку години го организира организацијата „Јуниор ачивмент“.
„Интенцијата е да создадеме што повеќе ученици – како учениците што се денес присутни овде на овој натпревар и кои покажуваат исклучително голем интерес кон претприемаштвото препознавајќи ја моќта на претприемачките вештини за личен успех и просперитет“, рече Царовска додавајќи дека се работи за вештини што се препознатливи и многу вреднувани на пазарот на трудот.
„Денес, над 100-ина ученици се во исчекување да го чујат своето име меѓу победниците на овој виртуелен натпревар. Јас ќе речам дека сите вие сте победници со самото тоа што сте изразиле желба да го покажете своето знаење и сте се пријавиле да учествувате на ова големо натпреварување. Вие сте пример што како институционални раководители многу го цениме затоа што во вас ја гледаме иднината на државата и токму затоа работиме во насока да изградиме што повеќе вакви деца и што повеќе вакви примери за луѓе што во раната младост, уште во тинејџерските денови, го стекнале она што е неопходно за да се успее по формализација на процесот на образование“, рече Царовска посакувајќи им успех на сите учесници на натпреварот и советувајќи ги стекнатото знаење да продолжат да го надградуваат, но и да го преточат во идеја и акција.
Министерката изрази благодарност до менаџментот на „Јуниор ачивмент“, што со организирањето на овој натпревар даваат придонес кон развојот на претприемачкото образование во земјата и, како што рече, очекува и во следните години организацијата да продолжи да учествува во подготовката на младите и развојот на нивните претприемачки вештини.
На прогласувањето на победниците на натпреварот, кој поради пандемијата, оваа година се одржа по виртуелен пат, се обратија и Љупка Панчевска, директорка на „Јуниор ачивмент“ во Северна Македонија, амбасадорката на САД во Скопје, Кејт Мари Брнз, и Коста Петров, директор на Фондот за иновации и технолошки развој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

