Македонија
Царовска на средба со Сојузот на просветни работници: Со новиот закон се гарантира сигурноста на работните места

По денешната средба на министерката за образование и наука Мила Царовска и претставници на Сојузот на просветните работници на која во фокусот беа измените на Законот за наставници и стручни соработници, но и воопшто реформите со кои се соочува националниот образовен систем особено во делот на основното образование , беше потенциран заеднички заклучок.
„Нашите наставници подолго време апелираа дека се неопходни драстични промени во воспитно – образовниот систем коишто ќе ја подобрат наставата, но и ќе ја подигнат мотивацијата за работа и конечно се задоволни затоа што тие промени се случуваат преку еден плански и заеднички пристап на институциите на системот со сите засегнати страни. Согласно тековните активности и најавените новини од септември, нивните очекувања се со стартот на новата учебна година сликата во училиштата да почне значително да се менува“, се вели во писменото соопштение од министерството за образование и наука.
Од таму информираат дека претставниците на Сојузот изразиле задоволство што конечно со нови законски одредби се намалуваат грижите на наставниците поврзани со сигурноста на работното место и што ќе можат да се фокусираат исклучиво на креативна реализација на наставата. Повеќе нема да има вработувања на определено време, туку само на неопределено, а ќе се трансформира и работниот однос на оние кои во моментов на стапување во сила на законските измени се ангажирани со договори на одреден период, доколку истите ги исполнуваат законските услови.
Велат дека е особено важно што се дефинираат компонентите на платата на наставниците и стручните соработници и што училиштата ќе може да исплаќаат додатоци кои во минатото не се исплаќаа, како додаток за одделенско и класно раководство, додаток за работа во ридско – планинско подрачје и слично. Според нив, праведно е и што со порастот на минималната плата, ќе расте и нивната.
Министерката Царовска рече дека наставниците се најважната алка во воспитно – образовниот процес и од нив, од нивната креативност и мотивација за работа, најмногу зависи квалитетот на генерациите кои излегуваат од училишните клупи. Оттука произлегуваат и новите законски решенија со кои се подобрува општествениот статус на наставниците и на стручните соработници.
„Без вас наставниците не би можеле да ја спроведеме ниту најдобро напишаната реформа на хартија. Важни сте и мора така и да се чувствувате. Сите знаеме колку задоволството од работата и желбата за работа влијаат на крајниот исход и на резултатот. Во овој случај, крајниот исход е поврзан со иднината на државата, со создавањето на квалитетен кадровски потенцијал. Затоа, како Влада излегуваме во пресрет и ќе продолжиме со позитивните политики кои ве засегаат и обезбедуваат повеќе и подобри можности за секој вработен во училиште“, рече Царовска.
Измените на Законот за наставници и стручни соработници се веќе во собраниска процедура и се очекува да бидат усвоени следните неколку денови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.