Македонија
(Видео) Целосно ќе се дигитализираат 34 судови и над 120 судници

Целосно ќе се дигитализираат 34 судови и над 120 судници. Ова е квантен технолошки скок кој ќе се направи за релативно кратко време, изјави министерот за правда Маричиќ на денешната прес-конференција во Владата. Владата презема обврска да обезбеди средства за одржување на опремата која ќе биде инсталирана во судовите, но и јакнење на човечките ресурси потребни за работа.
„Дигитализацијата меѓу другото ќе значи и воведување на онлајн судења, а тоа навистина многу ќе ги забрза постапките, кои ќе бидат и поевтини, а можностите за одложување ќе бидат значително намалени. Пример, со дигитализацијата и промените на одредбите на Законот за прекршоци, ако еден жител на Скопје направи сообраќаен прекршок во Охрид и поради тоа ќе треба да оди на суд за прекршоци, нема потреба веќе да патува до Охрид. Сè ќе биде завршено брзо и едноставно со помош на информатичките средства“, информираше Маричиќ.
Како што истакна министерот Маричиќ, со воведувањето на платформата за интероперабилност како долгорочен приоритет во правосудните институции се овозможува поврзување на сите институции, побрза размена на податоци, сигурност при размената на податоците, достапност на податоците, поефикасна работа на самите институции и поефикасно и побрзо опслужување на крајните корисници.
Премиерот Заев истакна дека целиот процес бил проследен со непринципиелна опструкција и битки со противниците на правдата.
„По повеќе од една деценија заробено судство и покрај сите опструкции на последните бранители на криминалот од најголемата опозициска партија ги донесовме системските закони во оваа област кои донесоа раздвижување во овој сектор. Како резултат на овие реформи, предметите за организиран криминал и висока корупција се живи и тие добиваат и ќе добиваат судски разрешници. Високи функционери, министри, веќе издржуваат затворски казни за сериозни кривични дела. Изминатава година од страна на Судскиот совет биле покренати 80-тина предмети, а десеттина судии се разрешени. Најзначајно е што овој процес е автономен и независен и си го водат судиите и тој веќе дава резултати. Процесите се почнати – нема назад“, нагласи премиерот Заев.
Тој нагласи дека реформите во судството ги дале првите резултати, дека судиите се ослободени од политички влијание и почнале да испорачуваат правда. И тоа, како што рече, за случаите кои се синоним за криминал и корупција во нашата земја.
Како потврда за тоа, според Заев, се позитивните извештаи, како оној на американскиот Стејт департмент, за состојбите со човековите права во кои е констатирано дека Владата покажала сериозна почит кон независноста на судството и непристрасност во споредба со претходните години.
Судијата Нанев, како претседател на работната група за дигитализација на судството, ги претстави придобивките од дигитализација на судството. Како што рече тој, на овој начин се олеснува работата, се зголемува пристапот до правдата за сите граѓани, се намалуваат трошоците и се зголемува ефикасноста.
„Се подобрува судскиот интегритет и се зајакнува довербата на јавноста преку јакнење на транспарентноста и отчетноста. Се подобрува и заштитата на системот, а и соработката со други институции, меѓународни организации и соработка со други држави. Со Оперативниот план усвоен од Владата, обезбедени се 90 милиони денари за 2021 година, а за 2022 година, тој буџет дополнително се зголемува. Овие средства ќе бидат искористени за рехабилитација на хардверот и софтверот. На тој начин, ќе се зајакнат системите за складирање на податоци во сите судови во државата“, рече Нанев.
Тој рече дека 187 судници ќе бидат опремени со најсовремена дигитална опрема за непречено онлајн судење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно сончево и многу топло

Времето денеска, претежно сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, до средината на следната седмица времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност.
Дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C.
Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.