Македонија
ЦУК: Локализиран пожарот кај село Урвич во Општина Боговиње
Локализиран е пожарот кај село Урвич во Општина Боговиње, соопшти вечерва Центарот за управување со кризи (ЦУК).
– Се работи за пожар покрај патот кон село Урвич во Општина Боговиње. Пожарот е изгаснат од страната на патот, но е активен под патот каде што има голема провалија и не е пристапно. Гори претежно ѓубре, но и мал дел сува трева. Во близина нема куќи и објекти, стои во соопштението.
Пожарот, кој во 17:22 часот бил пријавен преку бројот за итни случаи 112, е локализиран од екипа од ТППЕ Тетово. ЦУК посочува дека дежурната екипа од ТППЕ Тетово се повлекува од терен. Во текот на ноќта со падот на температурата се очекува пожарот да се самоизгасне, а доколку биде активен ќе се интервенира утре рано.
За пожарот е известен и Националниот парк „Шар Планина“ кој, како што се наведува, ќе испрати свои вработени на местото и ќе информира за состојбата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денеска во „Скопје сити мол“ информативен штанд за едукација за превенција од рак на дојка
Во рамки на националната кампања на Министерството за здравство под мотото „Октомвриски розов караван – превенцијата е најдобра заштита“ денеска во „Скопје сити мол“ ќе биде поставен информативен штанд и посетителите ќе имаат можност да се информираат за тековните активности за превенција и лекување на рак на дојка.
Според програмата, денеска во 13:00 часот ќе се одржи централна трибина во „Синеплекс“, „Скопје сити мол“, каде панелисти ќе бидат членови на Националната комисија за скрининг на рак на дојка.
Кампањата се спроведува со поддршка од СЗО, УНФПА, Град Скопје, Здружение за помош и поддршка на пациенти со гинеколошки заболувања „Фемина М“, Националната опера и балет, Факултетот за музичка уметност-Скопје и општествено одговорните компании „Скопје сити мол“ и „Синеплекс“.
Министерството за здравство на 16 овој месец ја почна националната кампања под мотото „Октомвриски розов караван – превенцијата е најдобра заштита“ со цел подигнување на свесноста за рано откривање рак на дојка.
Македонија
Стрелките на часовникот ноќеска се враќаат еден час назад
Од ноќеска во три часот по полноќ почнува зимското сметање на времето со кое стрелките од часовникот ќе се вратат еден час назад. Зимското сметање на времето почнува секој последен викенд во октомври и трае до последниот викенд во март следната година, кога повторно настапува летното сметање на времето.
Сезонското менување на времето, освен во Европа, се применува и во повеќето земји од Северна и Централна Америка, како и во повеќе други држави во светот. Времето не се менува во Јапонија, Кина, Јужна Кореја, ниту во земјите од африканскиот континент.
Македонија
Утрата студени, преку ден сончево
Времето денес наутро ќе биде ведро и студено со услови за појава на магла по одделни котлини, а преку денот сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 7, а максималната ќе достигне од 19 до 24 степени.
Во Скопје утрото студено, преку денот сончево со мала облачност. Ќе дува слаб ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Од УХМР соопштија дека продолжува периодот на стабилно време со студени утра и со услови за појава на утринска магла или ниска облачност по одделни котлини. Дневната температура ќе биде без значителни промени.