Македонија
Четворица новозаразени со смртоносната бактерија МРСА, од нив две се деца
Четири нови случаи на заразени со смртоносната бактерија МРСА се откриени со вонредни контроли во една градинка и во едно основно училиште во Скопје. Заразени се две деца и двајца воспитувачи.
Истовремено мајки породени во родилиштето во Чаир на социјалните мрежи се жалат дека повеќе од три месеци ги лечат бебињата од истата бактерија.
Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) потврди дека од бактеријата МРСА има четворица заразени за кои веќе инспекцијата излегла на терен, но немаат пријава за бебиња родени во Чаир носители на бактеријата.
„ Во ЈОУДГ ‘Снежана’ во Чаир ДСЗИ на четврти март направи вонреден инспекциски надзор по телефонска пријава дека едно дете има позитивен наод во брис од нос на бактеријата МРСА. Земени се 37 брисеви од нос во групата каде што било згрижено детето, на сите присутни деца во групата и на персоналот. Од земените материјали, пет се позитивни. Од нив три на Staphylococcus aureus – meticilin rezistenten (МРСА), а два на Staphylococcus aureus. Уште еден случај на дете заразено од бактеријата МРСА Инспекторатот регистрираше со вонреден инспекциски надзор во основното училиште ‘Панајот Гиновски ‘ во Бутел на шести март кај дете од второ одделение кое не посетува настава од 22 февруари. Одделенскиот наставник ги известил инспекторите дека детето што не посетува настава е носител на МРСА, за што приложиле и наод. Земени се брисеви од 21 ученик од одделението и од двајцата наставници“, изјави за „Макфакс“ Иринка Сотирова-Бухова, директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
И во училиштето и во градинката се преземени санитарно-хигиенски мерки, а од Инспекторатот советуваат континуирано механичко чистење и дезинфекција на објектите, одржување лична хигиена на децата, редовно миење раце и редовно проветрување на просториите каде што престојуваат деца.
Од Министерството за здравство известија дека преку Државниот санитарен и здравствен инспекторат постојано ја следат состојбата со пријавените случаи на заразени со МРСА и известија дека децата и воспитувачите кај кои е изолирана МРСА во нос истиот момент се отстранети од градинката и од училиштето.
За да се исклучи можноста бебиња да е заразат со МРСА, од Министерството за здравство велат дека секои два месеци се прават контроли во Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир.
„Од јуни 2018 година до сега не е добиен позитивен резултат за МРСА од хемокултура на новороденче, а санитарната инспекција спроведува континуирано контроли на секои два месеци за воздухот и површините во установата. При овие контроли не е добиен позитивен резултат за ваква бактерија“, изјавија од Министерството за здравство за „Макфакс“.
Минатиот месец МРСА беше откриена кај забен техничар вработен во Стоматолошкиот клинички центар поради што контрола беше направена кај сите вработени.
МРСА е бактерија отпорна на повеќе антибиотици поради што лекарите велат дека тешко се искоренува, а може да предизвика гнојни инфекции на кожата, воспаление на дишните патишта и пневмонија кои може да завршат со смрт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мојсоска: Усеини уништува антифашистичко наследство додека СДС и ДПМНЕ молчат
Од локацијата кај познатата Бела куќа на ул. ,,Димитар Влахов” бр. 9 во Охрид, од каде бескруполозно беше тргната плочата од НОБ, Носителот на ИЕ5 и Генерален секретар на Левица, Јована Мојсоска истакна:
,,Овој културен објект беше уништен од страна на локалниот шериф, Нефи Усеини. Плочата на АСНОМ каде пишува за осудените антифашисти од страна на бугарскиот окупатор, беше тргната пред месец дена. Од градоначалникот Пецаков нема никаква реакција додека се уништува антифашистичкото наследство од страна на поранешниот функционер на ДУИ”.
Мојсоска се наврати кон 2019 година кога беа силни обвинувањата на ВМРО – ДПМНЕ кон Усеини. Според Мојсоска, наспроти тоа, се испоставува дека коалицијата ДПМНЕ – ДУИ сега е уште посилна, благодарение на заедничките бизнис – интереси.
,,Ќе потсетам дека во 2019 година, токму ВМРО-ДПМНЕ обвинуваше дека Усеини го тероризира Охрид. За жал, Охрид го губи својот автентичен изглед, иако за овој објект има Решение за уривање. Институциите молчат, молчи и Министерството за култура кое е раководено од социјал-демократите”, додава Мојсоска за криминалот на поединците и молкот на институциите.
Јована Мојсоска како Носителот на ИЕ5 и Генерален секретар на Левица, порачува:
,,Затоа на 8 мај, да заокружиме број 5, за да ставиме ред во безредието и закон во беззаконието!”
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: ДУИ се обидува да поткупува гласачи дури и во верски објекти, залудни сценарија, секако ќе одат во опозиција
ДУИ се обидува да поткупува гласачи дури и во верски објекти, залудни сценарија, секако ќе одат во опозиција, велат ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
– Функционери на ДУИ се забележани дури и во места како Виница, Кочани, Берово, Делчево каде во верски објекти со полицајци се обидуваат да поткупуваат гласачи. Со ова се обидуваат да освојат голем резултат, мислејќи дека така ВМРО-ДПМНЕ ќе мора да седне со нив, но се лажат. ДУИ оди во опозиција и со тоа треба да се помират. Залудно е и полнењето кутии. Примерите кои се нотирани во Липково, не им помогнаа во првиот круг, нема ниту сега во вториот. Времето кога го купуваа гласот на народот завршува. Време е Македонија да ја вратиме на народот. Македонија повторно твоја, – додаваат од партијата.
Македонија
СДСМ: Глас ЗА СДСМ на 8 мај е глас за слобода, демократија и европска држава
Гласот ЗА СДСМ на 8 мај е глас за слобода, демократија и европска држава, за чување на темелите на државноста, демократските вредности, внатрешната кохезија, стабилни етнички односи, безбедна и европска иднина на Македонија, велат од СДСМ преку соопштение.
– СДСМ ја врати слободата, ја врати државата на вистинскиот пат. Директна потврда дека со СДСМ се почитуваат демократските и европските вредности е последниот извештај на „Репортери без граници“, според кој Македонија е на 36-тото место и најдобро позиционирана во регионот, по слободата на медиумите. Во 2016 година бевме на дното, рангирани на 118-то место. Тогаш слободно кажаниот збор се казнуваше, медиумите беа цензурирани, граѓаните беа манипулирани. Враќање на режимот на ДПМНЕ во најава, би значела сигурна блокада на Македонија и внатрешни етнички тензии, што би и нанело огромна штета на иднината на државата. Преголема моќ за десничарска партија како ДПМНЕ која воопшто не е променета, ќе претставува сериозна закана од враќање на заробена држава, поделби, уцени и закани. Затоа е важно граѓаните да излезат на 8 ми мај масовно и да гласаат, заедно со СДСМ да не дозволат враќање назад, – додаваат од партијата.