Македонија
Шекеринска: ВМРО-ДПМНЕ и слобода не оди заедно, затоа на 15 јули ќе гласаме режим да не ни се повтори никогаш
Овие 2,5 години видовте како од петни жили се трудиме да ја растуриме таа структура и кула од партиски влијанија и пипци кои ги пуштиле низ судството и обвинителството, 2,5 години се мачевме да се донесе Закон за ЈО, се трудевме да се применат препораките на Прибе и да се направи систем кој ќе гарантира правда, истакна носителката на кандидатската листа на коалицијата Можеме во изборната единица 5, заменик претседателката на СДСМ Радмила Шекеринска, на граѓанската трибина во Ресен.
„ И да и ние сме разочарани заради тоа што оние кои требаше да испорачаат правда а тоа се само обвнители и судии не побрзаа тоа да го сторат, се трудеа да калкулираат, се трудеа да бегаат од одлуки, затоа ги донесовме сите Закони, изградивме темел во кој оправдување веќе нема да бидат можни, рече Шекеринска.
Затоа побаравме мониторинг од ЕУ да ги набљудува сите случаи на корупција и голем криминал, затоа обезбедуваме систем на прочистување на судството, за да никогаш повеќе не ни се случи ова што го гледавме а тоа е судии да одлучуваат за судски пресуди по телефон, премиери да диктираат обвиненија, нагласи Шекеринска.
За сево ова ни требаше време ама бидете искрени и кажете кој може во оваа држава да овозможи правда, тие кои ја срушија или тие кои од петни жили се трудеа да го вратат редот, тие кои ја злоупотребија правдата, уништија судство и ги избраа сите корумпирани судии кои денеска бегаат од правдата, гледаме на ТВ или оние кои покажаа дека ние не сме над Законот, дека Законот важи и за нас, дека примерот мора да почне од тие што се околу нас, , запраша Шекеринска.
Во изминатиов период покажавме дека не бегаме од тешки прашања, дека одлучуваме таму каде што мора да одлучуваме, дека одговорно ги трошиме вашите пари и дека парите ги враќаме кон граѓаните затоа што веруваме во таква економија, затоа ни треба чист мандат, ни треба цел мандат, ако ова го сработивме за 2,5 години за 4 години гарантираме дека после членството во НАТО ќе ги завршиме 80% од поглавјата на ЕУ, нагласи Шекеринска
Гарантираме дека овде во Преспа преку ЕУ ќе обезбедиме 18 милиони евра за поддршка на целиот регион, за животна средина, за инфраструкрура, за локален бизнис, за туризам. Ќе ги обезбедиме затоа што Преспа стана симбол, Преспа стана симбол на тоа што дома сте го знаеле а тоа е дека довербата нема алтернатива, дека договорот секогаш е подобар од проблем, рече Шекеринска.
Европа може да научи нешто од Преспа и затоа во Преспа ќе ги донесеме младите од цел Балкан за да учат како да не ги повторуваат грешките на своите родители и своите баби и дедовци. Ќе ги донесеме овде за да ја видат и природната убавина за да го видат преспанското гостопримство, истакна Шекеринска
Е ама за сево ова треба да ја завршиме нашата работа, ВМРО ДПМНЕ и ЕУ не оди заедно. ВМРО ДПМНЕ и слобода не оди заедно. ВМРО ДПМНЕ и шанса за сите не оди заедно, затоа на 15 Јули ќе гласаме и со срце и со разум, ќе гласаме за да режим не ни се повтори никогаш повеќе но ќе гласаме и за да нови шанси и се отворат на нашата земја, истакна носителката на кандидатската листа на коалицијата Можеме во изборната единица 5, заменик претседателката на СДСМ Радмила Шекеринска, на граѓанската трибина во Ресен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.
Македонија
МВР: Пронајдено оружје при претрес во тетовско, лишени од слобода две лица, едниот на интернет се заканувал дека ќе изврши масовно убиство
Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал-Сектор за борба против тероризам до ОЈО ГОКК достави кривична пријава против дваесет годишен жител на Мала Речица за сторено кривично дело Тероризам, дополнително до ОЈО Тетово достави кривична пријава против 89 – годишник за кривично дело Недозволено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи, информира МВР.
Осомничениот К.Х (20) на крајот на месец јануари годинава преку социјалната апликација „Discord“ испратил сериозна закана дека е подготвен да изврши напад со огнено оружје – автоматска пушка АК-47 позната како Калашников, притоа појаснувајќи дека истиот е со нарушено психичко здравје. Инспирација за ваков напад, му бил настан од 14.12.2012 година во САД кога Adam Lanza – 20 годишно момче, во Училиште во САД со автоматка пушка убило 26 лица од кои 20 деца.
По добиени информации од Амбасадата на САД во Скопје дека од страна на ФБИ е поднесено барање за итно откривање на „Discord“ профил што се наоѓа во нашата земја, а од каде што се упатени сериозните закани, МВР во координација со ОЈО ГОКК презедоа дејствија за откривање на сторителот. По идентификација и лоцирање на корисничката адреса на 17.02.2026 полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал-Сектор за борба против тероризам со асистенција од САЕ Тигар и во координација со OJO ГОКК, извршија претреси во дом и други простории на локација во Мала Речица, тетовско.
За време на претресите кај К.Х. и кај членови на неговото потесно семејство пронајдени и одземени се повеќе предмети кои се предмет на кривично дело и тоа: различен вид и калибар на огнено оружје, автоматска пушка АК-47 со две рамки со 40 куршуми 7.62х39мм, пиштол „М57“ со две рамки со 49 куршуми, пиштол „CHEROKEE“ со две рамки и повеќе од 600 куршуми 9мм, тактички елеци, борбени елеци (панцир), ножеви со различна должина на сечиво и разни електронски доказни материјали. Две лица се лишени од слобода и притоа против К.Х. е поднесена кривична пријава до ОЈО ГОКК за кривично дело „тероризам“ по член 394-б став 2 од КЗ, а против Џ.Х. е поднесена кривична пријава до ОЈО Тетово за кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје и експлозивни материи“ по член 396 од КЗ.
Македонија
Да, и ние и граѓаните веруваме дека чантата е 944 денари, му се извинуваме на Орце Ѓорѓиевски што му ја отворивме најболната тема, велат од СДСМ
Му се извинуваме на Орце Ѓорѓиевски што му ја отворивме најболната тема, каде завршуваат парите на граѓаните од тендерите кои ги добиваат двете омилени фирми на власта, „Пирамид билдинг“ и „Ленди груп“, велат од СДСМ.
Според оваа партија, за два месеци 96 милиони денари или 1,56 милиони евра добиле, како што истакнуваат, „омилените фирми на Орце и на ВМРО-ОКГ од Град Скопје каде тој е градоначалник“.
„20 милиони денари е тендерот за „Пирамид Б“ со склучен договор на 05.12.2026 година.
76 милиони денари е тендерот за „Ленди Груп“ со склучен договор од 28.01.2026 година.
Едни исти фирми, на централно и на локално ниво добиваат тендери и ние да им се извиниме?
Да не треба да му се извинуваме на Орце и за 56 тендери на „Пирамид билдинг“, каде е татко му на шефот на кабинет на Мицкоски, Нелоски?
Или да се извинуваме и 74 тендери на „Ленди груп“ вредни 17.5 милиони евра?
Вие да делите тендери и да се луксузирате на грбот на народот со авиони, часовници, чанти а народот кој не може да врзе крај со крај да ви се извинува?
Извини Орце, да не се малку тендери, да не треба повеќе“.
А што се однесува до чантата, следниот пат, додаваат од опозициската партија, кога ќе објавуваат слика, прво нека ја проучат разликата од таа што неговата сопруга ја носи на промоцијата со онаа којашто ја објави денеска, „очигледна е“.
„Да да, и ние и граѓаните веруваме дека чантата е 944 денари. Веруваме да“.

