Македонија
Шилегов го повика Пендаровски заедно да го уредат целиот покрив на ГТЦ

На затворањето на меѓународниот фестивал на европски филм „Синедејс“, што вчеравечер се одржа на зелениот покрив на Градскиот трговски центар, градоначалникот Петре Шилегов го повика претседателот Стево Пендаровски заедно да го уредат целиот покрив на овој култен објект во Скопје.
„ Фестивалот ‘Синедејс’ не само што успешно ја пребродува короната, туку тоа го прави и на најдобриот можен начин, реоткривајќи ги културните простори во Скопје. Дел од проекциите на фестивалот се одржаа пред поранешните кина Маџари, Влае, Кисела Вода, Напредок. И еве сме, пред еден предизвик. Јас сум спремен, претседателе Пендаровски, како градоначалник да го финансирам проектирањето и ве повикувам вас, заедно да го уредиме овој простор како нов културен простор, а во име на кандидатурата на нашиот град за Европска престолнина на културата во 2028 година. Заеднички, вие како покровител, а јас како реализатор, да отвориме еден нов културен простор како што е покривот каде што вечерва се наоѓаме“ – рече градоначалникот Шилегов.
Тој изрази убедување дека Градот Скопје ја оправдува довербата на граѓаните кога е во прашање културниот живот во Скопје.
„Верувам и дека за неколку години од сега со гордост ќе ја носиме титулата Европска престолнина на културата. Особено ми е драго што вечерва се наоѓаме на покривот на култниот објект во нашиот град – Градскиот трговски центар, кој не само што успеавме да го сочуваме од барокното лудило, туку успеавме и да го зазелениме, повторно да го заживееме, а згора на тоа и да го отвориме овој простор за нови културни настани“– додаде Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Условната казна за случајот со терапијата за рак е непочитување на жртвите, рече Андоновска

Пратеничката Викторија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ денеска оцени дека условната казна изречена за злоупотребата на терапијата за пациенти со рак претставува „потценување на интелигенцијата на народот и непочитување на жртвите“.
„Со години пациентите добивале физиолошки раствор наместо вистинска терапија. Додека тие мислеле дека се лекуваат, тие всушност умирале,“ рече Андоновска.
Таа додаде дека според обвинението, со оваа злоупотреба е направена штета од 2.2 милијарди денари врз буџетот, а истовремено стотици пациенти биле лишени од можност за продолжување на животот.
Андоновска порача дека по ваква пресуда во нормални околности би следеле разрешувања и оставки во судскиот систем, кој, како што нагласи, е „зрел за ремонт“.
Македонија
Засилен систем за енергетска транзиција – стартува Единица за техничка поддршка

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини поддржа формирање на Единица за техничка поддршка (ЕТП) чија цел е помош во координација на процесот на енергетска транзиција.
ЕТП ќе претставува клучна алка во поврзувањето на сите релевантни чинители: државните институции, јавните претпријатија, приватниот сектор, синдикатите, регулаторните тела и меѓународните партнери.
„Со формирањето на оваа Единица воспоставуваме јасен систем за поддршка на целиот процес, координација, следење и дијалог со сите засегнати страни. Целта е да обезбедиме забрзана и поорганизирана транзиција, со конкретни резултати и со целосна отчетност пред јавноста,“ порача министерката Сања Божиновска.
„Процесот на праведна транзиција е сложен и бара целосна координација, одговорност и заедничка работа. Нашата земја има амбиција да постигне јаглеродна неутралност до 2050 година и да го напушти јагленот како ресурс за производство на електрична енергија. Но еднакво важно е да се осигураме дека ниту една заедница или поединец нема да биде запоставен,“ нагласи министерката Божиновска.
ЕТП ќе функционира под надзор на Министерството за енергетика, а во неговиот состав се вклучени експерти од области како енергетика, комуникации и проектен менаџмент.
„Само преку систематски и транспарентен пристап можеме да ја обезбедиме довербата на граѓаните и поддршката на сите засегнати страни. Формирањето на оваа Единица е чекор напред во градење на силна институционална основа за успешна и праведна енергетска транзиција,“ додаде министерката Божиновска.
Македонија
СДСМ: Учебници сè уште нема, потребно е итно решение

СДСМ денеска преку портпаролката Богданка Кузеска потсети дека е поминат еден месец од почетокот на учебната година, а голем дел од учениците сè уште немаат учебници.
Од партијата посочуваат дека дел од учениците се приморани да учат без учебници, а дел располагаат со стари и оштетени изданија. Родителите не треба да печатат материјали дома, ниту наставниците да импровизираат, велат од СДСМ.
Според нив, обврска на Министерството за образование и наука е да обезбеди учебници навремено за сите ученици. Од таму бараат итно да се најде решение и учебниците да бидат доставени во најкраток рок.