Македонија
Шилегов: Младите имаат визија за развој на младински политики

Градоначалникот Петре Шилегов се сретна со претставници на младински организации со кои разговараше за приоритетите и потребите на младите од Скопје. Тој изрази задоволство од досегашната соработка со некои од овие здруженија и најави зголемена поддршка за младинските активности во иднина. Средбата се одржа во „Млади хаб“, во канцеларијата на претседателот на државата.
„Изминативе речиси 4 години променивме многу нешта во начинот на кој функционира градот и уште многу ќе менуваме, особено во делот на младинските политики. Во 2018 година кога првпат го распишавме јавниот повик за финансирање програми, проекти, активности и манифестации за младите од интерес на Град Скопје, беа доделени 1.000.000 денари за финансирање 16 здруженија, кои учествуваа на овој повик со квалитетни проекти. Затоа, во 2019 година ги зголемивме средствата за овој повик на 1.781.000 денари, кои беа распределени на 24 здруженија. Во 2020 година, која е позната како ковид-година, повторно ги зголемивме средствата, овој пат на 3.220.000 денари, кои минатата година беа распределени на вкупно 51 проект од интерес на младите од разни здруженија и поединци. И морам да ви признам дека секоја година проектите се сѐ поквалитетни, што ни говори само едно – нам не ни недостигаат млади со идеи и визија за развој на младински политики, младите се тука. Сѐ што треба да се направи е некој да го препознае тој квалитет и да го стимулира на вистински начин. И тука успехот е неминовен“, рече Шилегов.
Тој додаде дека Советот на Град Скопје изгласа одлука за промена на статутот на Градот за да се создаде правен основ за формирање локален младински совет, кој е од исклучително значење за градските младински политики. Неодамна е назначен и задолжен и службеник за млади – тоа е Димитар Мечкаровски од Одделението за спорт и млади во Секторот за јавни дејности во Град Скопје.
Градоначалникот Шилегов се осврна на неколку значајни активности и реализирани проекти на Град Скопје, што се особено атрактивни и популарни меѓу младите. Тоа се двата памптрак-полигона, нагорната патека на Водно за спортски велосипедизам (прва од трите планирани), тартан-патеката во Градскиот парк, одбојкарското игралиште на кејот во Аеродром, редизајнот на 5 зелени скверови и двата зелени покрива – на објектот на ГТЦ и на Домот на градежниците.
„Младинскиот културен центар нуди богата програма, а во делот на културата исклучително популарни беа концертите на Филхармонијата на отворено и кината на отворено во Градскиот парк, концертите на Градскиот дувачки оркестар во паркот ‘Ибни пајко’ и на други локации во градот. Преку проектите ‘Култура во време на корона’ и ‘Спорт во време на корона’, Град Скопје поддржа над 200 млади спортисти и уметници, кои добија симболични паушали во првиот налет на корона-кризата. Во делот на образованието, Град Скопје ги реконструира сите средни училишта, кои добија енергетски ефикасни фасади, прозорци и врати, а обезбедени се и прочистувачи за воздух во секоја училница“, истакна Шилегов.
Тој нагласи и дека е обезбеден бесплатен автобуски превоз за сите средношколци и за сите студенти независно од оддалеченоста на училиштата и факултетите. Воведени се стипендии за средношколци спортисти и средношколци со попреченост. Само во текот на минатата година Град Скопје додели стипендии за 120 средношколци спортисти во нето-годишен износ од 24.000 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Без вода делови од Гази Баба и Кисела Вода

Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска ( четврток) поради изведување на водоводен приклучок од ф – 80 мм на ул. Михаил и Евтихиј бр. 33 во населба Кисела Вода, во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат корисниците од ул. Михаил и Евтихиј. ( општина Кисела Вода).
Од таму со соопштение дека поради изведување на водоводен приклучок од ф – 100 мм на ул. 30 во населба Трубарево, во периодот од 09.00 часот па се до завршување на работата без вода ќе останат корисниците од населба Трубарево. ( општина Гази Баба ).