Македонија
Шилегов: Ние не се срамиме од сопствената историја, се гордееме со неа
Делегации од земјава и од странство положија цвеќиња пред Споменикот на ослободителите на платото пред Владата, во чест на 13 Ноември, Денот на ослободувањето на Скопје. Цвеќиња денеска положи и делегација на Град Скопје, составена од градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, претседателот на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева, и секретарот на Град Скопје, Викторија Аврамовска-Мадиќ.
„На овој голем ден ги славиме храброста и пожртвуваноста на ослободителите на Скопје, на овој голем ден ја славиме слободата. Слободата што ја извојувавте вие, ценети наши ослободители, жртвувајќи ги својата младост, своите животи, за да можеме сите ние денес слободно да живееме. Вие најдобро од сите нас знаете дека борбата за слобода не е лесна и колку многу е потребно да се освои најголемиот човечки идеал – слободата. Орце Николов, Вера Јоциќ, Цветан Димов, Раде Јовчевски – Корчагин, Александар Урдаревски, Страшо Пинџур, Мирче Ацев, Дане Крапчев, Боро Петрушевски, се само дел од многуте борци што ги положиле своите животи за нашата подобра иднина и за слободата на нашето Скопје“, рече Шилегов.
Тој додаде дека во текот на војната животите ги загубиле 4.654 граѓани на Скопје, од кои 956 во борбите, а 3.698 како жртви на фашистичкиот терор и потсети дека Скопје го загуби и речиси целото свое еврејско население како последица на холокаустот.
„Ова се бројки што во душата на еден човек раѓаат и тага, но во исто време и измешано чувство со гордост, ова се бројки за една изгубена заедница и дел од шареноликоста на овој град, толку карактеристична како ретко кој град во светот. Меѓутоа, ова се бројки што непобитно кажуваат дека сме ја достигнале кулминацијата во борбата за нашата самостојност, нашата независност, нашата посебност како народ. Вековна борба на еден мал, горд, упорен, достоинствен македонски народ да ја круниса сопствената државност и токму поради тоа, ние се гордееме со нашата историја и токму поради тоа, ние немаме комплекси од нашата историја и поради тоа што немаме комплекси од нашата историја, не сакаме да исправаме ничии други истории, меѓутоа не дозволуваме никој да ја исправа нашата историја. Ние сме покажале дека како народ сме имале основно чувство да бидеме на вистинската, слободарската страна, кога целиот свет бил зафатен од лудилото на фашизмот. Затоа, да го славиме овој ден, да ја славиме слободата, да ве славиме вас ослободителите“, рече Шилегов.
Градоначалникот Шилегов на овој убав ден соопшти и една убава вест дека тој лично ја презема обврската да му предложи на Советот на Град Скопје новиот мост на Вардар во Аеродром да го носи името на народниот херој, славниот генерал Михајло Апостолски. Тоа е мостот што ќе го поврзе булеварот АСНОМ со населбата Ќерамидница и улицата 16. Македонска бригада, во која се борел почитуваниот Трајко Стаматоски.
„Драги наши ослободители, среќни сме што сè уште можеме со особено внимание да ги слушаме вашите сведоштва за многубројните херојски борби, кои со нескриен слободарски дух се водеа на денешен ден пред 76 години на овие наши скопски улици пренесувајќи ги вашите спомени на новите генерации. 13 Ноември нас нè обврзува да го славиме вашето дело, но и да не заборавиме колку е скапа слободата. Нека ни е честит 13 Ноември и бескрајно ви благодарам за 76 години слободно Скопје. Да славиме сите заедно уште многу години и никогаш да не згасне споменот на нашите ослободители“, порача градоначалникот Шилегов во своето обраќање пред Споменикот на ослободителите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова со честитка: Албанскиот јазик е важен дел од мултиетничкиот мозаик на Македонија
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка по повод 22 Ноември – Денот на албанската азбука, истакнувајќи ја важноста на албанскиот јазик како дел од мултиетничкиот мозаик на Македонија и неговата улога во зајакнување на социјалната кохезија и колективниот идентитет.
„Почитувани сограѓани Албанци,
Со особена почит ви го честитам 22 Ноември Денот на албанската азбука, празник којшто претставува силен симбол на просветителскиот напор, културната зрелост и историскиот опит на албанскиот народ.
Пред 117 години унифицираната азбука го започна своето патување од Конгресот во Битола, како најважен комуникациски код на еден народ, за денес да се потсетиме дека јазикот и писмото се темелни вредности коишто го обликуваат колективниот идентитет и ја зајакнуваат духовната поврзаност меѓу генерациите.
Почитта кон јазикот и кон писмото на секоја заедница ја зајакнува социјалната кохезија и го сплотува македонското мултиетничко општество. Албанскиот јазик е дел од раскошниот мозаик на различностите што е влог во иднината на нашата заедничка татковина.
На овој празник изразуваме признание за вашиот континуиран придонес за развојот на образованието и културата во општествениот живот со кој се збогатува нашата заедница.
Честит нека ни е Денот на албанската азбука. Продолжуваме заеднички да ја градиме државата во духот на почит, еднаквост и единство.
Urime Dita e Alfabetit të Gjuhës Shqipe!
Гордана Сиљановска-Давкова“, се вели во честитката.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Правосудството со 2 отсто доверба бара двојно повисоки плати
Во соопштение до јавноста, владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ оцени дека наместо да работи на ефикасност и подобрување на довербата кај граѓаните, која изнесува само 2 отсто, правосудниот систем дополнително ја нарушува својата слика со барање за двојно зголемување на платите.
„Не треба да заборавиме дека македонските правосудни органи се едни од најплатените во регионот и Европа, со 2,3 до 3,2 просечни плати, односно нешто над 100.000 денари па се до над 144.000 денари или од 1700 евра до 2360 евра. Претседател на суд, пак, во Македонија зема околу 180.000 денари или 3000 евра, а за ефикасност и да не зборуваме, далеку под сите европски просеци“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Како аргумент, ВМРО-ДПМНЕ наведува примери од други држави: Србија: судиите земаат околу 120.000 денари, доверба 20%, Хрватска: платите се околу 3350 евра, доверба 20%, Словенија: платите се од 1738 до над 4000 евра, доверба 41%, Германија: судиите земаат околу 3300 евра, доверба 58%.
Според соопштението, доколку бидат прифатени сегашните барања, судија би земал околу 160.000 денари, а претседател на суд 360.000 денари – што е еквивалент на осум просечни плати и повисоко од примањата на нивните колеги во Европа со многу поголема ефикасност и доверба.
Во заклучокот, ВМРО-ДПМНЕ повикува на разумност и наведува дека е време правосудните органи да се фокусираат на работа и резултати што ќе ги почувствуваат граѓаните.
Македонија
Променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд
Времето денес ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд.
Наместа врнежите ќе бидат пообилни (над 30 l/m² за 24 часа) со услови за појава на невреме со грмежи и силен ветер. Преку денот ќе дува умерен, повремено засилен ветер од јужен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 13 до 19 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно, со повремени врнежи од дожд. Ќе дува умерен, повремено засилен јужен ветер. Максималната температура ќе достигне до 18 степени.

