Македонија
Ѓорѓиевски на средба со амбасадорката на Република Хрватска

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес беше домаќин на хрватската амбасадорка Нивес Тигањ. На средбата во Општина Кисела Вода, Ѓорѓиевски ги презентира плановите и проектите што се дел од неговата програма и кои веќе почна да ги реализира.
Соговорниците особено се осврнаа на можностите за подобрување на деловната клима во општината. Подобрувањето на инвестицискиот амбиент ќе донесе значајни економски придобивки за граѓаните, беа согласни и градоначалникот и амбасадорката на Хрватска.
Од страна на амбасадорката Тигањ беше потенцирана желбата за соработка преку иницирање проекти во сите области од заемен интерес. Посебен акцент беше ставен врз користењето на хрватските искуства во поглед на искоритувањето на средствата од европските фондови.
Оваа прва средба беше заокружена со договор за развивање и зацврстување на соработката со Република Хрватска, што ќе значи нови проекти во интерес на жителите на општина Кисела Вода.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Вмровски пратеници пред лидерската на Мицкоски: Уставни измени? Ма ни под разно!

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш го потврдија веќе познатиот став околу уставните измени. Во објави на социјалните мрежи, тие реагираат, дека нема да дозволат преку уставните измени да се случи, како што велат, исполнување на поединечни бизнис и политички интереси на елити од власта.
Со статус на социјалните мрежи, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Јован Јаулески порачува дека нема наметнување на бугарски диктат и нема предавство на државата.
„Уставни измени??? Ма ни под разно! Нема наметнување на бугарски диктат и нема предавство на Македонија!
Владата и парламентарните групи на власта да престанат со сервилности и погазувањето на државните и националните интереси потсетувајќи дека Собранието во овој состав нема легитимитет за носење таква одлука против која е огромното мнозинство македонски граѓани“, пишува Јаулески.
Додава дека Собранието не треба да се доведе во позиција за исполнување поединечни бизнис и политички интереси на елити од власта, туку да служи на суверенот – граѓаните.
Ние, како што рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, нема да го дозволиме тоа.
И неговиот сопартиец, Бојан Стојаноски го повтори вчерашниот став на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во пресрет на лидерската средба.
Нема промена на Уставот под бугарски диктат, напиша тој.
Според напишаното, уставните измени кои ги прифаќа македонската влада предводена од СДСМ и ДУИ се производ на диктат и под услови кои не се прифатливи за македонските граѓани.
Апелираат до Владата и парламентарните групи на власта да престанат со сервилности и погазувањето на државните и национални интереси потсетувајќи дека Собранието во овој состав нема легитимитет за носење на таква одлука против која е огромното мнозинство македонски граѓани.
„Собранието не треба да се доведе во позиција за исполнување на поединечни бизнис и политички интереси на елити од власта туку да служи на суверенот – граѓаните“, се додава во ставот на ВМРО-ДПМНЕ.
И Мицкоски вчера на ист став со неговите сопартијци, дека кога ќе отиде на лидерска средба со Ковачевски нема да дозволи уставни измени.
Македонија
Спасовски: Денес се исплаќа бонус плата за вработени во МВР за остварени над 150 часа прекувремена работа

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски информираше дека денеска се исплаќа бонус плата за вработени во МВР коишто оствариле над 150 часа прекувремена работа на годишно ниво за 2022 година.
„Откако го преземав раководењето со МВР, како приоритет се воспостави редовната исплата на бонус плати за над 150 изработени часови прекувремена работа на годишно ниво, како гарантирано право на вработените во МВР согласно Колективниот договор”, истакна министерот Спасовски, нагласувајќи ја исплатата на претходните бонус плати.
„Така, во периодот од 2017 до 2022 исплатени се бонус платите за 2017 и 2018, за коишто не беа обезбедени и исплатени средства од претходното раководство на МВР, а продолживме и со редовна исплата на бонус платите за 2019, 2020 и 2021 година, за што вкупно беа обезбедени и издвоени 561.773.133 денари или 9.060.857 евра, средства од Буџетот на МВР предвидени за остварување на ова право на вработените”, истакна Спасовски
Благодарение на спроведените одговорни економски политики и како резултат на домаќинското работење, беше зголемена просечната плата, а со тоа растеше и поединечниот износ на бонус платите во МВР.
„Колку за илустрација, ако бонус платата во 2017 година поединечно изнесуваше 22.928 денари, во 2023 година можеме да се пофалиме со бонус плата за 2022 година во поединечен износ од 31.859 денари, што претставува зголемување на износот од безмалку 40%”, истакна Спасовски, додавајќи дека за актуелното раководство на МВР императив е подобрувањето на статусот на вработените во МВР, а во насока на етаблираниот концепт „Задоволна полиција – безбедни граѓани”, бидејќи веќе покажа одлични резултати во гарантирање на безбедноста на граѓаните и државата и во борбата против секаков вид криминал.
Македонија
СДСМ: Сите партии што ѝ мислат добро на земјата ќе изберат интеграција во ЕУ, а не изолација

По 17 години чекање, нашата држава ги почна и ги води преговорите со ЕУ. Скрининг-процесот што се одвива на официјален македонски јазик тече во согласност со предвидената динамика и набргу ќе заврши, соопшти СДСМ.
„Сега, нашата држава е исправена пред сериозна одлука, да го продолжи европскиот пат преку носење на потребните реформи за што е потребна вклученост на сите политички субјекти. Сите партии што и мислат добро на државата и на граѓаите, ќе изберат интеграција во ЕУ, а не изолација.
Време е и Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да се надминат себеси и барем еднаш во овие 30 години независна Македонија да поддржат одлука со која што државата ќе се интегрира во ЕУ. Изборот е едноставен: на едната страна е напредок и интеграција во ЕУ, на другата страна е изолација, нови поделби и кавги со соседите.
Мицкоски мора да одлучи дали ќе се приклучи на европскиот блок или ќе остане во антиевропскиот блок предводен од Левицата“, порачаа од владејачката партија.