Македонија
Ѓорѓиевски: Современите предизвици на системот за заштита бараат заедничка посветеност на централната и локалната власт
Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денес се обрати на конференцијата „Современите предизвици на системот за заштита и спасување“, организирана од Дирекцијата за заштита и спасување. Тој ја потенцираше важноста од приоритетно третирање на реформите во противпожарната заштита и создавање ефикасен и финансиски одржлив систем за заштита и спасување, нагласувајќи дека превенцијата е основен столб за справување со кризните ситуации.
Во своето излагање, Ѓорѓиевски изрази загриженост за моменталната состојба на противпожарните единици, нагласувајќи ја недоволната финансиска поддршка и старите возни паркови кои го отежнуваат функционирањето на единиците. Истакна дека централната власт годишно за оваа цел обезбедува 4,5 милиони евра, но општините дополнително одвојуваат 4,1 милиони евра од сопствениот буџет за оваа намена, што е недоволно за соодветно извршување на задачите. Во своето излагање посебно внимание обрна на потребата од почитување на Европската повелба за локална самоуправа, според која, за секоја префрлена надлежност на локално ниво, треба да се префрлат и соодветни средства за нејзино спроведување.
-ЗЕЛС со години апелира за приоритетност на реформите во противпожарната заштита. Само со заедничка посветеност на централната и локалната власт можеме да изградиме ефикасен систем кој ќе ги заштити нашите граѓани. Превенцијата е клучниот елемент за справување со предизвиците. Само со заедничка посветеност, централната и локалната власт можат да изградат систем кој ќе биде подготвен да одговори на сите кризи- истакна Ѓорѓиевски.
Тој ги посочи напорите на Општина Кисела Вода за подобрување на локалната заштита и спасување, меѓу кои набавката на багер за расчистување на речните корита, ново противпожарно возило и обезбедувањето на простор за нова противпожарна станица, но и тука посочи на пречките предизвикани од Градот Скопје.
-Набавивме ново противпожарно возило, кое ќе биде ставено на располагање на противпожарната бригада за подобра ефикасност при интервенции. Обезбедивме и простории за нова противпожарна станица. За жал, иако се направени сите подготовки и адаптации, оваа станица сè уште не е функционална поради причини познати на градоначалничката на Скопје. Дополнително, набавивме мултифункционален багер за расчистување на речните корита, кои често се главната причина за излевање на реките и поплави-истакна Ѓорѓиевски, апелирајќи за уште поголема соработка меѓу локалната и централната власт за решавање на системските проблеми и изразувајќи силен оптимизам за поддршката што сè повеќе се покажува од страна на централната власт.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ВЛЕН: Блерим Беџети уште еднаш ја демонстрира неспособноста на ДУИ да се дистанцира од своето криминално минато
Блерим Беџети уште еднаш ја демонстрира неспособноста на ДУИ да се дистанцира од своето криминално минато. Настапот на Блерим Беџети е доказ дека ДУИ останува партија која ја водат криминални интереси. Наместо да понуди нова визија за опозицијата, Беџети продолжува со старите и компромитирачки политики, велат од ВЛЕН.
„Блерим Беџети, како наследник на политиката „а ла Артан“, го користи истиот реторички речник што го доведе ДУИ до меѓународна изолација. Наместо да покаже одговорност и да понуди конструктивни решенија, тој игра со опасни алузии кон криминални групи, што е неодговорно и неприфатливо.
Не треба да се заборави неговата лична историја. Беџети беше уапсен за време на средба со криминални кругови поврзани со незаконски активности, беше соработник и чувар на тефтерчињата на Никола Груевски и Сашо Мијалков.
Јавноста заслужува одговори за веќе јавно познатата трета телеграма на Никола Груевски, пратена од Будимпешта, која наводно, била адресирана и се однесувала токму на Блерим Беџети.
Прашањето што треба да го одговори Блерим Беџети е: што му должат на Груевски тој самиот, Али Ахмети, Бујар Османи и Талат Џафери? Без одговор на ова прашање на сите ни е јасна дилемата за сериозните сомнежи за нивните меѓусебни односи и улогата на ДУИ во мрачните политички и криминални игри од минатото.
Денес, наместо да ја искористи шансата за политичка трансформација, тој продолжува со истите практики, кои го уништија кредибилитетот на ДУИ. За ВЛЕН, ваквиот пристап е штетен за политичката сцена и општеството. Опозицијата треба да биде пример за транспарентност, морал и конструктивност, а не повторување на истите грешки што ја доведоа власта на ДУИ до крајот“, велат од ВЛЕН.
Македонија
Дисциплински мерки за полицајците од ГП „Долно Блаце“ кои го пропуштиле Артан Груби
Во врска со преминувањето на државната граница на Граничниот премин „Долно Блаце“ од страна на А.Г. иако имал активна мерка на стоп листа „задржи и веднаш извести“, на 15.12.2024 Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди постапи и по извршени проверки, извршен увид во службените материјали и по извршена анализа од обезбедени снимки од безбедносните камери од ПС за ГП „Долно Блаце“, Одделот утврди дека полицискиот службеник Б.Ј. со своето несовесно работење не извршил адекватни проверки за патничко моторно возило „мерцедес“ при премин на државната граница на излез од РСМ, не го евидентирал за остварување на излез од РСМ и патниците од предметното возило А.П. со дипломатска патна исправа како возач и А.Г. со македонска патна исправа како совозач во возилото ги завел дека пешки ја поминале границата, односно со пропуштање на должниот надзор извршил гранична проверка во системот СКПВ за лицето А.Г. и при тоа не почекал системот да утврди дали предметното лице има активна мерка „задржи и веднаш извести“ туку веднаш на лицата им ги дал патните исправи, по што тие го напуштиле граничниот премин. Со наведените дејствија, Б.Ј. постапил спротивно на чл. 12 т.1, чл. 13 с.1 т.8 од Законот за гранична контрола, со што сторил потешко кршење на работниот ред и дисциплина. Во врска со настанот, од страна на Одделот за внатрешна контрола до ОЈО за ГОКК – Специјализирано оддление за гонење на кривични дела сторени од страна на полициски службеници и затворска полиција доставено е известување заради запознавање на јавниот обвинител.
Исто така, од страна на ОВККИПС беше утврдено дека од страна на раководителот на смена Б.А. било сторено потешко кршење на работниот ред и дисциплина бидејќи истиот како раководител на смена имал обврска навремено да ги задолжува и раздолжува полициските службеници на смена со Мобилен систем за снимање со камери и тоа уредно да го евидентира во Евиденцијата за задолжување и техничка исправност на МССК. Истиот откако ги задолжил сите полициски службеници со МССК и истото го завел во евиденцијата, во 07.30 часот, од страна на полициски службеници Б.Ј., С.Ф., Б.А., Ф.Ф. и Е.Ш., било пријавено дека МССК не им работат бидејќи им се испразниле батериите. Од страна на раководителот на смена Б.А. истите полициски службеници не биле задолжени со други МССК, бидејќи батериите не можеле да се наполнат. Од извршениот увид во горенаведената евиденција од страна на ОВККИПС исто така беше утврдено дека од страна на раководителот на смена Б.А. откако МССК биле вратени, истите не биле заведени во графите како раздолжени во самата евиденција, а воедно и не ја пополнил графата за забелешка каде што требало да го нотира настанатиот проблем со МССК.
Од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди поднесен е предлог за поведување на постапка за утврдување на одговорност за кршење на работната дисциплина против Б.Ј. и Б.А.. Против полицискиот службеник Б.Ј. Одделот изрече задолжителна мерка отстранување од работно место-суспензија до завршување на дисциплинската постапка.
Македонија
Мицкоски од Брисел: Нашето место е тука да бидеме рамноправна и полноправна членка на Европската Унија
Премиерот Христијан Мицкоски денеска е во работна посета на Брисел.
Тој ја предводи македонската делегација во која што составен дел е министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски , министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, советникот мој за надворешни работи, амбасадорот Марковски, шефот на кабинет, Владимир Нелоски.
„Денеска сме овде во Брисел да испратиме порака дека македонските граѓани и Македонија како држава го заслужуваа своето место со останатите 27 земји членки на Европската Унија, и дека нашето место е токму тука на истата маса заедно со нив, бидејќи ние споделуваме исти вредности и се бориме за исти вредности и веруваме во тие вредности, а тоа е да бидеме обединети во различностите. Во име на тоа, денеска работниот ден го започнав со билатерален состанок со заменик претседателката на Европската Комисија и одговорна за надворешна политика и одбранбени прашања Каја Калас. На состанокот разговаравме за сите оние стравови и за сето она што ние како држава и како народ моравме да го направиме во минатото во име на тие исти европски вредности и дека никогаш повеќе не смееме не само поради нас туку и поради вредностите коишто ги споделуваме со Европската Унија да разговараме за билатерални прашања, за идентитетски прашања, и никогаш повеќе никој нема право да го оспорува нашиот многувековен идентитет и нашиот мајчин, македонски јазик којшто има многувековни корени“, посочи Мицкоски и додаде:
„Денот ќе го продолжиме со билатерални средби со премиерот на Полска, господинот Туск кој што ќе биде следниот претседавач на Европска Унија, понатаму, тука ќе биде и билатерална средба со премиерот на Шпанија, господинот Санчез, и исто така неколку часа ќе биде и официјалниот Самит на Европската Унија со Западен Балкан. Очекувам навистина позитивни впечатоци, тука сме да ги браниме македонските интереси, македонскиот идентитет и истовремено да испратиме порака дека нашето место, веќе неколку пати тоа сме го потврдиле и го заслужуваме е токму тука да бидеме рамноправна и полноправна членка на Европската Унија“.