Македонија
Јакимовски до Мицкоски: Запали автомобилот, отиди до Будимпешта, пресрами се, и побарај совет зошто се наоѓаш во ситуација од која не знаеш да најдеш излез
Стевче Јакимовски, претседателот на ГРОМ и градоначалник на општина Карпош, оценува дека поранешниот премиер Никола Груевски има поголем рејтинг од својот наследник во ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Во објава на „Фејсбук“ ќе напише:
„Лидерот на опозицијата Мицкоски е соочен со фактот дека Никола Груевски не само што има висок рејтинг туку и неговата популарност постојано расте.
Иако сатанизиран, прогонуван, осудуван и приморан да бега и без било какви ресурси од Будимпешта повремено ќе се јави со некој напис, има повисок рејтинг од овој кој ја има целата партиска инфраструктура, ПР-служба и медиуми“.
Уплашен, како што вели, доколку Груевски во која било форма се појави на изборите дека тој (лично тој Мицкоски) нема да биде власт во Македонија, јавно плаче во интервју на „Франфуртер алгемајне цајтунг“ дека наводно владата имала комуникација со поранешниот премиер.
„Што да ти кажам, Христијане?
Не е проблемот дали Владата комуницирала со него, клучно прашање за ВМРО ДПМНЕ и опозицијата е зошто ти не комуницираш со Груевски?
Да беше паметен, до сега од него ќе слушнеше некој умен совет и ќе дојдеше на власт, а не 7 години да седиме во опозиција.
Наместо јавно да кукаш над судбината, запали колата, отиди до Будимпешта, пресрами се и побарај совет зошто се наоѓаш во ситуација во која не знаеш да најдеш излез и што би рекле кумановци: „Пречаш као пиле у кучина“.
Убаво е на членството да му одговориш колку пати си бил во Будимпешта и колку пати си се сретнал со тој што те стави на престолот да седиш на чело на четирите свети букви.
п.с. Му се чудам и на Никола што воопшто му се правда, туку, напротив, треба јавно да му каже дека на наредните парламентарни избори ќе види кој е кој во македонската политика“, пишува Јакимовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

