Македонија
Јакимовски не го потпиша кодексот за фер и демократски избори: Големите партии веќе го прекршија Изборниот законик

Претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски, денеска како претставник на коалицијата „Храбро за Македонија“, не го потпиша Кодексот за фер и демократски избори.
„Јас како претставник на коалицијата „Храбро за Македонија“ не го потпишав Кодексот од две причини. Првата причина е начинот на финансирање на парламентарните избори во коишто огромни суми се оздвојуваат само за четири коалции или четири политички партии, како што рече претходниот мој говорник, трошки за сите останати.
Идејата на државното финансирање на изборната кампања, на изборниот процес е да се поттикне политичкиот плурализам, да се поттикне повеќепартискиот систем. Тоа значи да се поттикне јавување на нови политички партии, да се поттикне јавување на нови идеи, на нови мисли, на нови програми, а не е идејата на државното финансирање на изборите да се финансираат главната политичка партија на власт и главната опозициона партија. И што е најстрашно, со Законот се забранува било какво дополнително финансирање. Тоа значи дека ако некоја нова, свежа идеја има поддржувачи и има спонзори кои ќе ја поддржат во оваа кампања, тие не можат со тие средства од спонзори да финансираат кампања, односно медиумска кампања што е крајно недемократски, антипартиски, антиплуралистички и што е спротивно на интересите на граѓаните на Република Македонија“, кажа претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски.
„Втората причина зошто не го потпишав е тоа што носители на листи учествуваат во претседателската кампања. И сега, можете да замислите, учествуваат во претседателската кампања и не дека имаат некое големо влијание врз гласачкото тело, зборуваат пред приведените партиски членови кои мораат да ги слушаат. Но праќаат лоша порака, не се почитува Изборниот Закон и праќаат лоша порака како ќе ја водат Република Македонија кога ќе дојдат на власт. Тоа значи повторно ќе биде беззаконие, повторно Република Македонија нема да биде правна држава и повторно ќе збориме сите во името на правото и на правдата, а уште во изборниот процес сме подготвени да го кршиме изборниот закон и сѐ она што значи добро однесување на овие парламентарни избори“, истакна Јакимовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Границите во колапс, по еден час се чека на Табановце и на Богородица

Зголемена фреквенција на возила и чекање од околу еден час се евидентирани на граничните премини Табановце и Богородица, информира Авто-Мото Сојузот на Македонија (АМСМ). На останатите гранични премини, според АМСМ, сообраќајот се одвива нормално без подолги задржувања за влез или излез од државата.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, но интензитетот на возилата е зголемен, особено надвор од градските средини.
Од АМСМ препорачуваат зголемено внимание при управување со возилата, прилагодување на брзината, како и почитување на сообраќајната сигнализација, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде постои опасност од одрони.
Македонија
Критични пожарите кај Крушје и Локвица, огнот во Николич го гаснат „ер-трактор“ и хеликоптер

Од вкупно околу 15 активни пожари на отворен простор низ земјата, три се оценети како најсериозни: во атарот на дојранското село Николич, кај велешкото село Крушје и кај селото Локвица на територија на општина Македонски Брод. Овие пожари, според првичните проценки, бараат пообемна и посложена интервенција на терен.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов, попладнево изјави дека особено тешки услови за гаснење има кај пожарите во Крушје и Локвица, кои избувнаа во текот на денешниот ден.
„Пожарот во село Николич трае веќе повеќе од една недела. Уште рано утринава, на терен се активирани екипи на „Национални шуми“, заедно со локалните противпожарни служби од Валандово, Гевгелија и Дојран, како и екипи на ДЗС. Поддршка дава и Единицата за брзо распоредување (ЕБР) со пожарникари од Кавадарци, кои користат водени топови од специјализирани возила“, изјави Ангелов.
Дополнително, како воздушна поддршка, од утрово во гаснењето е вклучен и еден ер-трактор од типот „амфибија“ на ДЗС, со носивост од три тона вода.
„Авионот црпи вода од Дојранското Езеро, што овозможува прецизно и ефикасно гаснење на критичните точки. Дополнително, се приклучи и еден армиски хеликоптер со ведро со капацитет од три тона вода“, додаде Ангелов.
Македонија
Младите на „Галичка свадба“ добија подарок од претседателката Сиљановска Давкова

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, и годинава беше дел од манифестацијата „Галичка свадба“, каде што одблизу ги проследи свадбарските обичаи кои со децении го негуваат македонското културно наследство и ја афирмираат националната традиција.
Како што информира Кабинетот на претседателката, Сиљановска-Давкова им честитала на младенците Лилјана Михајлоска и Јован Филипоски, посакувајќи им среќен и исполнет заеднички живот, полн со љубов, разбирање и многу деца. На новиот брачен пар, претседателката им подари „галичка пафта“ – симболичен подарок со мотив од мијачката носија, карактеристична за регионот на Галичник.
Претседателката истакна дека „Галичка свадба“ не само што ги негува традициите, туку ја промовира македонската култура на светската сцена.
„Нешто што е дел од нашиот идентитет, нешто што нѐ прави посебни и уникатни мора да се зачува. Радосна сум што младите ја прифаќаат оваа традиција и ја продолжуваат“, рече Сиљановска-Давкова.
Таа додаде дека Галичник, со својата автентична архитектура, историја и природна убавина, има потенцијал да биде културно-туристички центар што ќе живее преку целата година, а не само за време на свадбарската манифестација.
Манифестацијата започна со поставување на свадбарскиот бајрак и симболичното „фрлање“ пушка од куќата на зетот, а по венчавањето во црквата „Св. апостоли Петар и Павле“, продолжија традиционалните обичаи.
„Галичка свадба“ традиционално се одржува околу празникот Петровден, време кога печалбарите се враќале во родниот крај за да се женат, а оваа културна манифестација со децении се одржува под покровителство на претседателот на државата.