Македонија
„Два месеца нема плата за вработените, а пред избори се примаат работници“ – „Национални шуми“ на протест
Триесет подружници се собраа пред Јавното претпријатие „Национални шуми“ со цел да го изразат незадоволството оти втор месец немаат добиено плата, ниту теренски додаток.
Претседателот на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП) Иван Пешевски, од протестот рече дека вработените се на своите работни места и не ги извршуваат задачите оти се гневни и на менаџментот, и директорот, и на нивните раководители, и сите претставници од власта што земаат 80 отсто зголемени плати, а тие не дочекале да добијат втор месец плата.
„Апелираме да не си поигруваат со судбината на овие 1.800 вработени бидејќи ако можеа да вработуваат луѓе пред избори и да ги лажат, тогаш треба и да обезбедат плати“, рече Пешевски појаснувајќи дека 355 работници биле примени на работа пред два месеца. Тој е дециден дека претпријатието нема потреба од сезонски работници, туку луѓето што веќе се таму треба да имаат 12 месеци плата и здравствено осигурување.
Претседателот на Синдикатот им порача на политичарите кога одат по градовите на митинзи, да ги прашуваат луѓето за нивните проблеми оти работникот веќе е згорчен од политика и оди на работа за плата и додатоци.
„Срамота е во 21 век да се молиме за плата“, рече Пешевски.
Како што додаде, во „Национални шуми“ нема крадци, туку крадците се во дирекциите и во фотелјите. Крадците, вели Пешевски, не се ни сеча, ни дотур, ни сите оние шумари што земаат мизерни плати, изложени на надворешни влијанија и со висок процент на ризик.
Најави дека планираат да ги радикализираат протестите и пред Владата во следните денови, и на 1 Мај како Меѓународен ден на трудот.
„Ќе бидеме се помногубројни и погласни, особено вработените во јавниот сектор. Врие и во ‘Паркови и зеленило’, ‘Комунална’, ‘Водовод’, ‘Водостопанство’, ‘Македонска пошта’, врие и кај културните работници. Сите се со мизерни плати“, рече тој.
Прашан од новинарите за ставот на менаџментот, Пешевски од протестот изјави дека од таму секогаш велат оти зимскиот период е тежок.
„Како може да трошат милиони на возила, а да не обезбедат плата за ваботените. Работниците не се должни да чекаат 2 или 3 месеци за плата. Не веруваме во лаги и ќе протестираме ако треба секој ден“, додаде.
Појасни дека платата на шумарскиот инжинер не изнесува повеќе од 25 до 26.000 основни примања, без додатоци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Каевски: Обвинувањата на ОЈО се неосновани и тенденциозни, тврдам дека го немам прекршено законот
Поранешниот директор на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски ги отфрли сите обвинувања на ОЈО против него, кои, како што рече се неосновани и тенденциозни.
„Најодговорно тврдам дека го немам прекршено законот во ниту еден случај и тоа ќе се докаже. Очекувам и во исто време сум убеден дека во една јавна, транспарентна, фер постапка ќе се докаже вистината и целосна моја невиност. Ништо од ова нема основа и затоа што фактите покажуваат дека:
1. Ниту сум можел ниту сум влијаел, ниту сум поттикнувал било кој од Централната Комисија. Особено што е именувана од друг орган надлежен по Закон, на владина седница. Дополнително сите членови во своите изјави кажале дека не сум присуствувал на работа на комисијата ниту сум давал сугестии. Се е јасно.
2. Во делот на надзорот според тогашниот закон за спорт член 14е, извештајот се доставува до следната календарска година од добиените ваучери најдоцна до 15ти јуни или во конкретниот случај тоа е до 15.06.2021 година, период во кој што јас не сум директор на АМС.
Не навлегувам во мотивите на ОЈО да бидам опфатен со ваква постапка, постои сомнеж дека ова е можеби и злоупотреба за избораната кампања, но едно е сигурно вистината ќе се потврди. Дополнително на ова вештачењето е од 25.04.2024 година ден после првиот круг од претседателските избори, а предлогот е доставен за 3 работни дена потоа“, напиша Каевски.
Неговата реакција следува по денешната објава на Јавното обвинителство дека е поднесено барање за обезбедување мерки за претпазливост за 12 лица од Агенцијата за млади и спорт, во врска со случајот за распределба на средства од ваучер системот.
„Постапувајќи по поднесената иницијатива од Државната комисија за спречување на корупцијата, надлежниот јавен обвинител поднел обвинителен предлог против 12 лица за кривични дела – Злоупотреба на службена положба и Несовесно работење. За осомничените до Основниот кривичен суд Скопје е доставен предлог за определување мерки на претпазливост“, соопшти Обвинителството.
Македонија
Ковачевски: Условувања не прифаќаме, СДСМ е државничка партија
СДСМ не прифаќа никакви условувања и со никого нема да прави политички дилови, особено не со некого кој веќе се продал на нашиот политички противник и мора да пишува писма за да го оправда своето шурување и своето коалицирање со нашиот политички противник. Овде се работи за прашање на иднината на државата и со неа нема тргување. Фокусирани сме да постигнеме најдобриот резултат на престојните избори на 8-ми мај и повикуваме на мобилизација на сите демократски и прогресивни сили за да се спречи враќањето на режимот на ВМРО-ДПМНЕ, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски од митингот на СДСМ и Коалицијата за европска иднина во Аеродром.
Ковачевски нагласи дека ова е прашање на иднината на државата и со неа нема тргување.
„СДСМ е најголемата и единствената автентична социјал-демократска партија во Македонија. За разлика од субјектите како ЗНАМ, кои се човек – партија, СДСМ е државничка партија со длабоки и силни корени. Нас не водат социјал-демократските вредности, борбата за граѓаните и европската иднина на Македонија. Не се откажуваме од тоа, СДСМ е цврста и силна партија. Ќе продолжиме да се бориме за овие вредности“, рече Ковачевски.
Тој нагласи дека СДСМ е модерна, прогресивна партија и единствена политичка сила која може да ја однесе Македонија во Европската Унија.
„Ние не се откажуваме од Македонија во ЕУ! Верувајте, тоа не е цел сама за себе! Не се откажуваме од ЕУ затоа што знаеме дека тоа ќе обезбеди повисок животен стандард, поефикасна борба против криминалот и корупцијата, подобро образование и здравство“, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски од митингот на СДСМ и Коалицијата за европска иднина во Аеродром.
Македонија
Мицкоски до Османи: Слоганот не е шовинистички туку означува дека ќе ја вратиме Македонија на народот, кој вие од власта го крадете
Додека од власта зборуваат за интеграции, ја купуваат „Соравија“ додека тие се колнат лажно во европските вредности, им течат тендери и набавки, додека тие се обидуваат со лаги и празни зборови да ве плашат дека ние сме биле против Европската Унија, а тие за Европската Унија, и дека живеете најубаво во Југоисточна Европа, Македонија сѐ повеќе тоне, а тие беозбразно се богатат“, кажа претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од митингот во Радовиш и додаде:
„Секогаш кога ќе ја кажеме вистината за ДУИ, дека тие грубо ја злоуотребуваат судбината пред се на Албанците, и нивната мака, за да се богатат и крадат, кажувањето на таа вистина од ДУИ ја толкуваат како напад врз албанците. Тоа во суштина е заштитниот чадор со кој тие сакаат лажно да се престават за некакви борци за каузата на Албанците додека истите ги оставаат во сиромаштија, без патишта, без работа, без вода за пиење, без канализација, без основни услови за живот“.
Мицкоски упати порака до Бујар дека слоганот не е шовинистички, туку слоганот Македонија повторно твоја означува дека Македонија ќе ја вратиме на народот, истиот тој кој власта безимислосно го краде и осиромашува.
„Па така Бујар Османи ќе обвини дека слоганот Македонија повторно твоја бил шовинистички слоган. Тоа може само да го каже неук човек кој е вистинси шовинист и кој Македонија не ја чуствува за своја татковина, затоа што јас кога ќе кажам Македонија мислам на сите граѓани кои живеат во нејзе. На Македонците, но и на Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњацитеи сите останати. Кога Бујар Османи ќе каже Македонија тој не ја чуствува за своја татковина иако бил министер во сите можни влади на Македонија. Иако црпи пари и плати од државата која не ја признава за своја татковина. Е тоа е шовинизам на дело. Да ги признаваш парите што ги земаш, но и државата која те плаќа. И лицемиерието е поголемо што токму Бујар е министер за надворешни работи и од него се очекува да ги брани интересите на Македонија пред светот. Македонија е и твоја држава, сакал или несакал да признаеш. Мојата борба е Македонија да ја вратиме на народот, истиот тој кој безимислосно го крадете и осиромашувате“, нагласи Мицкоски.
Мицкоски истакна дека времето на Артан и Бујар помина а доаѓа ново време кога Македонија се враќа во рацете на народот.
„Времето на Артан и Бујар престанува. Доаѓа ново време кога Македонија се враќа на народот. Ковачевски треба да престане да ја бара вината во сите други само не во себе. Доцна се сети дека ДУИ ќе биде јамката околу него која ќе му ја заврши и неговата кариера. Но си ја продаде душата за грст привилегии и тендери. Е сега го плаќа цехот. Ако нешто не му е јасно нека ја види разликата од над 180 илјади гласови. Тоа е кога народот на Македонија некому му вели доста е“, нагласи Мицкоски.